Семакедонски црковно-народен собир во Охрид (25.10.2009)
На 25 октомври 2009 година, во Охрид се одржа Семакедонски црковно-народен собир. По тој повод во катедралната црква на Охридските Архиепископи „Света Софија“ се служеше света божествена архиерејска Литургија со која чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение со надлежниот Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Митрополит Струмички г. Наум, Митрополит Повардарски г. Агатангел, Митрополит Брегалнички г. Иларион како и повеќемина свештенослужители од нивните епархии. На крајот од божествената Литургија, Митрополит г. Тимотеј кон верниот народ се обрати со поучно слово. На свечената академија, која се одржа по завршувањето на божествената Литургија, ѓаконот Владо Недески изложи реферат на тема: „Ѓаконската служба во првите четири века“. По завршувањето на свечената академија, во трпезаријата при црквата „Света Богородица“ - Каменско, за сите присутни беше организиран свечен ручек. Наредната година Семакедонскиот црковно-народен собир се планира да се одржи во Брегалничка епархија. Проповед на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Ваше Блаженство, Ваши Високипреосвештенства, пречесни отци и драги браќа и сестри. Нашиот Спасител Господ Исус Христос, за време на Својот земен живот, пред портите на градот Наин, ги изговорил следните зборови: „Не плачи“ (Лука 7, 13). Во исто време маките, страдањата и солзите во животот на секој човек се неизбежни. Колку талентирани луѓе, херојски настроени се труделе да го преобразат светот; колку се преживеани маки, пролеана крв и колку се дадени животи за луѓето да го избават светот од маки и жалости. А солзите продолжуваат да се леат и ќе се леат. Луѓето страдаат во многу места на земјата од социјални зла по разни основи во несовршени државни уредувања, страдаат од лични и од општи беди. За едно такво страдање ни раскажува денешното евангелие според Лука. Бедната вдовица од Наин го погребува својот единствен син, својата единствена радост во животот и својата утеха во староста. Со неа сочувствува и целиот град, како што тоа се случува во помали места, во кои луѓето едни со други се познаваат. Поради младоста на момчето и големата жал на неговата мајка, речиси целиот град се собрал за последен пат да го испратат до гробот, и да искажат зборови на утеха на оваа натажена и скршена од жал мајка. Во градот Наин се формирала голема погребна поворка. Луѓето скршени од болка и натажени поради загубениот млад живот, тажно одат по прашливиот пат. Од другата страна, пак, пред градските порти, погребната поворка се сретнува со поголема група на луѓе која ја предводи Господ Христос. Речиси насекаде, луѓето од пристојност и култура, како верниците така и неверниците, застануваат и оддаваат почит на покојниот, но Господ Христос, како извор на Животот не застанал, туку продолжил и се доближил до покојниот. Болката која била присутна, како кај мајката така и кај сите луѓе, го обземала и Христа и Он се сожалил и ѝ вели на мајката: „Не плачи“. И кога се приближи, се допре до носилото, носачите застанаа, а Он рече: „Момче, тебе ти велам, стани“ (Лука 7, 13-14). Зборовите: „Не плачи“, често пати луѓето ги упатуваат еден на друг, обидувајќи се да ги успокојат и да ги утешат оние што плачат. Но тие зборови не можат да ги згаснат солзите на душата. Само Господ, во Чија рака е целокупниот свет и сиот човечки живот, има власт и чудотворна сила и моќ луѓето вистински да ги утеши. И верните луѓе прибегнуваат кон Него со силна вера во Него и се надеваат на Неговата сесилна божествена помош. Самиот човек нема сила да го победи злото. Злото е влезено во светот како елемент, како страшна стихија. Верните луѓе ги примаат маките и страдањата во својот живот како Божја волја, како божествено допуштање за наше воспитување и спасение. Во моментот кога не останува никаква друга надеж луѓето прибегнуваат кон Бога. Ние веруваме дека Господ му помага на секој човек што Му се обраќа и бара помош од Бога. Драги браќа и сестри, да застанеме за миг и да се запрашаме: Зошто Господ Христос го воскреснал ова младо момче? Бидејќи, како што знаеме, порано или подоцна ова момче секако морало да умре, како и секој човек роден на земјава. Но сега кога веќе му дошол смртниот час, доаѓа Христос и го воскреснува. Што сака Господ да нè поучи? Од овој настан, преку чудото, Господ Христос ја потврдува со цврст пример нашата христијанска увереност во сеопштото воскресение на луѓето. Смртта по Божјо допуштање е задолжителна за сите луѓе и од тој закон не се исклучени ниту светиите, ниту Божјите праведници. Смртта ја вкуси дури и почесната од херувимите – Мајката Божја, та дури и Самиот Господ Христос по човечка природа заради нашето спасение. Со Својот пример, со Своето преславно воскресение, Христос ја засведочува на светот вистинитоста на сеопштото воскресение. Ништо зачудувачко тука нема, можеме слободно да речеме. Тука гледаме дека Тој е Господ и Господар на животот. Тој воскресна од мртвите, но Тој е и Бог, и ете за време на Својот земен живот со примерот на вакви смртници какви што сме и ние Христос ја покажа Својата сила и власт. Господ не еднаш воскреснувал мртви луѓе, за тоа ни зборува светото Евангелие. Го воскреснал Господ младото момче, синот на бедната наинска вдовица, за да нè увери и нас во вистинитоста на воскресението. Во христијанството смртта се разбира како раѓање за нов живот, живот вечен и бесмртен. На луѓето Господ им дава живот не само од раѓањето па до смртта, туку и по смртта – засекогаш и за вечно. Како што зрното се сее во земјата, за да донесе ново растење и плод, така и човечката душа оди на небото, а телото во земјата, за потоа да оживее и да воскресне. Ќе воскреснат сите, ќе воскреснат не само душите туку и телата за нов и вечен живот. Воскресението Христово и воскреснувањето на синот на Наиновата вдовица нè уверуваат во општото воскресение, она воскресение кое нашата света Црква го верува и го исповедува и во Символот на верата: „Го чекам воскресението на мртвите и животот во идниот век “. Браќа и сестри, како што знаеме, како вистински верници, целта на нашето постоење и живеење на оваа земја е спасението на нашата бесмртна душа. Но тоа не е така лесно и едноставно да се постигне, бидејќи ние сме слаби и немоќни поради нашите гревови и престапи, и без Божјата помош ние тоа не можеме да го постигнеме, независно колку време да се мачиме и трудиме. Затоа ни е потребно постојано да се молиме нашиот Милостив Отец небесен да погледне на нас слабите и немоќни и да го излее благодатно Своето милосрдие, како што тоа го направил на жената вдовица и на нејзиниот син единец во градот Наин. Ним со Својата милост им донел радост и неопишлива утеха. Знаејќи дека Господ е многумилостив и дека не ја сака смртта на грешникот, туку тој да ја познае вистината и животот, не се сомневаме дека Господ и нам ќе ни ја покаже и излее Својата голема љубов и дарежливата милост, та и ние да се радуваме како мајката и синот во градот Наин. Амин.
Известува: ѓакон Николче