Доделен грант за реставрација на фрескописот на црквата „Св. Богородица“ – Перивлепта во Охрид (31.10.2009)
Министерството за Култура на Република Македонија деновиве го доби грантот од 650.000 американски долари од Американската амбасада во Македонија, којшто е наменет за реставрација на фрескоживописот на црквата „Св. Богородица“ – Перивлепта во Охрид.
Договорот за поддршка на проектот го потпишаа Министерката за Култура на Р.Македонија Елизабета Канческа-Милеска и американскиот амбасадор Филип Рикер, на свеченоста организирана во куќата на Робевци во Охрид. На свеченоста присуствуваа и Претседателот на Македонија г. Ѓорге Иванов, митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, директорот на Управата за заштита на културното наследство г. Паско Кузман, директорката на Охридскиот Завод и Музеј г-ѓа Тања Паскали-Бунташеска и други личности.
Претходно делегацијата ја посети црквата „Св. Богородица – Перивлепта“, каде што беа пречекани од Митрполитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, и при тоа накратко беше раскажана историјата на овој значаен црковен објект.
Според овој договор се предвидува конзервација на архитектурата на манастирската црква, како и заштита на фрескоживописот, кој што потекнува од 1295 г. Реставрацијата ќе започне од следната година и според договорот ќе трае три години. Во проектот покрај конзерватори од земјата ќе бидат ангажирани и конзерватори од странство, според зборовите на директорот на Управата за заштита на културното наследство.
Известува: ѓакон Димче Азески