Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Слово на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан на свечената академија по повод празникот на свети Климент Охридски (07.12.2009)

Вековитиот Светилник од Охридскиот брег

На прашањето што претставува светителот, еден современ богослов одговара: Светителот е светилник што свети, како во домот Божји така и во молитвеното светилиште на срцето. Божјиот угодник е светило запалено од Бога, не за Него, туку заради нас луѓето. Светителот е будител, зашто неговиот подвиг и дела се постојано ехо во душите на верните луѓе. Светоста на светителот има свој глас и свој јазик, кои го просветуваат умот, го разведруваат срцето и ја држат будна совеста. Светителот е патеводна ѕвезда за секој човек посебно, за целата Црква и за сиот народ. Западнеме ли во мрак и почувствуваме ли тешкотии, ги подигаме своите очи кон светиите, како блиски на Бога. А што е светителот за народот од кој тој потекнува? - Тој е како крајбрежен фенер, кој во секоја прилика во морето на животот покажува колку сме близу или далеку, колку сме на вистински или погрешен пат и правец во своето животно пловење.

Возљубени, во црковната и националната историја на македонскиот народ, ниедна друга личност не засветила толку и не оставила такви траги како свети Климент, Охридскиот архиепископ и чудотворец. Неговото свето дело направило најголем духовен препород во нашиот народ и со неговата дејност како учител и книжевник, просветител и архиереј, поставени се темелите на нашата духовна просвета, култура и Црква. Во свети Климент имаме исклучителна личност, го имаме најголемиот човек, како што го нарекол блажениот Теофилакт, имаме временски стожер во кого се свртени и минатото и иднината, имаме богодаруван маж кој во себе ги собира времињата и вековите, генерациите и личностите, имаме човек што ги доближил небото и земјата.
Тој подеднакво им е близок како на своите современици, така и на генерациите по него. Најдобро сознание за него ќе имаме само доколку успееме вистински да го доживееме, вдлабочувајќи се во неговото богољубиво и родољубиво дело. И секогаш кога размислуваме за него, како да сме во постојана дилема: дали свети Климент е поголем мисионер, просветител, учител, книжевник или, пак, архиереј?! За него книжевниците ќе речат дека со неговата златоустост и медоточност уште пред единаесет векови откриена е убавината на зборот наш; учителите и педагозите засекогаш ќе се восхитуваат на пожртвуваноста, методите и пристапот при поучувањето и образованието на другите; за неговото просветителско дело со апостолска ревност, говорат делата со кои се гордее и Охрид, и Мизија и Панонија, зашто неговата проповед помина низ целата земја, за што доби небесна награда, како што запишал неговиот житиеписец; со заслужна архиерејска слава се овенчал, зашто со епископувањето во Охрид и околу Белото Езеро се покажал како основоположник на Охридската архиепископија како организирана Црква во Македонија.

Но, размислувајќи за свети Климент и за целокупното негово дело и, имајќи ги предвид напорите и страдањата што ги доживеал при долгите и неизвесни патувања како придружник во мисиите со Светите браќа, како и сè што творел и за сите негови подвизи, сето тоа не би можело да се разбере и сфати, ниту да се објасни, без името на Христа. Господ Исус Христос бил и останал единствен двигател на Светиклиментовата личност. Затоа, ако од неговото дело, од неговите активности и од сè што работел, Го исклучиме Господа Христа - што ќе остане? - Ни мисионерското, ни просветителското, ни црковното, ни архиерејското, ништо не би останало ако во нив свети Климент Го немал Христа. Тој би бил и би останал обичен смртник, чиј спомен само за кратко би ја надживеал неговата смрт и одамна би бил заборавен. Но, свети Климент е жив, живеејќи со Христа, и живее и ќе живее со своето богоугодно и родољубиво дело, дело со земно-небесни и универзални вредности.

Свети Климент е нашиот, по Солунските браќа, прв писател и по времето и по вредноста, прв организатор на самостојната Црква, втемелувач на културата, науката и уметноста. Тој е личност што изврши најцелосна преобразба меѓу нашиот народ, зашто преку Евангелието сите ги прероди и ги направи предани на себеси и на Бога. Тој е лекарот кој најде мелем за сите рани и струпје по телото и душата народни. Тој е човек што поучувал и го поправал незнаењето, го уредувал безредието. Тој умеел дивото да го припитоми, неродното да го калеми со родно. Бил и полјоделец и овоштар,  бил сè - за сите да ги придобие. Но, она што особено и пред сè заслужува да биде истакнато кај свети Климент е неговата личност и неговиот личен пример. Тој пленел со својата благост и благородност, со грижата за немоќните и сиромашните и бил запаметен од сите што го сретнале, виделе и чуле и како таков останал во меморијата на народот. - Молејќи се, учел на молитва, работејќи, давал пример за трудољубие, а со својата богооддаденост го воведувал народот во тајните на верата и Црквата.
Епископскиот чин свети Климент го разбрал како висока потпора за искачување кон Бога, а грижата за народот ја примил како своја храна и наслада. Го крмел повереното стадо со Словото - со вистинскиот Леб, што ги засилува срцата. Но, неговата пастирска грижа, покрај усните поуки, најмногу била изразена преку неговите пишани творби - празничните беседи и слова на разбирлив народен јазик, достапни дури и за најпростите. Основал училиште - Универзитет во Охрид, оспособил кадри за потребите на Црквата, преведувал потребни богослужбени и црковни книги и, секако, со особена љубов се вградил во манастирот Свети Пантелејмон на Плаошник, каде што си изградил и гроб, во кој подоцна бил погребан.
  

Ова би било бегло навраќање на личноста и делото на свети Климент. Но, би сакал уште малку да го задржам вашето внимание со тоа што ќе повикам почесто да размислуваме за големината на свети Климент и особено за тоа колку се неуништливи неговиот дух и неговото дело. Ако од историјата имаме некоја личност по која би ги мереле и споредувале нашите духовни растежи и височини, и ако во некоја личност ги гледаме нашите страданија и трагедии како македонски народ, земја и Црква, во свети Климент, бездруго, најмногу ќе ги најдеме. Прашање е кога му било полесно на свети Климент - дали додека живеел на земјата, борејќи се со потребите и маките на својот народ или отпосле, доживувајќи многубројни трагедии и ропства?

Само за кратко, во Самоилово време, Охридската архиепископија беше издигната на ранг на Патријаршија, но по распадот на Царството, Црквата продолжила да ја дели судбината на својот народ. Македонија ќе ја завладуваат и од југ и од север, и од исток и од запад, на тронот Охридски ќе седнат и другородни епископи, кои, со мали исклучоци, не само што ќе ги затворат книгите и ќе се обидат да го занемат јазикот народен и светиклиментов, туку и ќе ги исфрлат подалеку од рацете и устите на народните свештенослужители и псалти. Со освојувањето на Македонија и Охрид од друговерните Османлии, и Плаошник и Света Софија и сè што беше свето и светиклиментово беше претворено во пламен и пустош, или пренаменето и преуредено за потребите на поробителот. Свети Климент беше исфрлен од гробот и протеран од својот двор. И цели пет столетија остана да биде сведок на зулумите и несреќите врз својот народ и Црква. Во меѓувреме ја дочека и онаа 1767 година, кога и тронот негов го урнаа, кога и круната и славата архиепископски беа завиткани со истите лаги и неправди. Свети Климент потоа беше сведок и на сите обиди да се обнови Архиепископијата, зашто најмногу во негово име народот и домородното свештенство го бараа враќањето на славата на древната Охридска Црква. Тој страдаше со својот народ во петвековното ропство од друговерните и тагуваше особено и заради неправдите од истоверните браќа, кои со сите сили се трудеа да се заборави споменот за него и за неговото дело. Свети Климент ги доживеал и неупесите во буните и востанијата народни, па ја дочекал и поделбата на македонската земја и срамната купопродажба на македонските епархии. Сведок беше и на тројното ропство на Македонија и на македонскиот народ, но духом се радуваше на слободата, колку и да беше таа делумна. Особена радост за свети Климент беше чинот на возобновувањето на неговата славна Охридска архиепископија во лицето на Македонската православна црква и, секако, возобновувањето и осамостојувањето на македонската држава како Република Македонија.

Нашиот патрон се радува и на возобновениот негов манастир на Плаошник, како и на претстојното возобновување на неговиот Универзитет во Охрид. Светителот, како и секој добронамерен човек, духовно се радува на сè што градиме во слава на Бога и за потребите на нашиот богољубив народ. Но, како чеда негови имаме уште обврски пред него како наш духовен татко. Ни највелелепните палати и најраскошните зданија ќе немаат вредност пред светителот и пред Бога доколку не го возобновиме највредното - духовната грабда во битието на нашиот народ. - Ако сме светиклиментови, треба и светиклиментовски да се однесуваме кон сè што тој ни оставил. Затоа и на овој негов ден да размислиме колку го чуваме јазикот, оној ист јазик кој во негово време беше богослужбен во половина Европа и стигна таму до Киев и Владивосток, колку го чуваме писмото, колку поуките и книжнината, колку Црквата и Татковината, колку љубовта и единството, колку и пак колку го негуваме меѓу нас братољубието и родољубието, колку човекољубието и богољубието, колку верата и Евангелието? Треба постојано да размислуваме дали нашите постапки го имаат светиклиментовиот благослов и да се запрашаме дали нашите зборови и мисли би ги рекол или помислил големиот богоугодник?!
Возљубени, ако секој родител е задоволен кога децата се послушни и успешни, или што би рекол царот Давид кога браќата живеат сложно (сп. Пс. 132, 1), тогаш колкава радост би било и за свети Климент кога како негови чеда би биле посложни и поединствени за сè, а особено за прашањата од духовен и национален интерес за нас, неговиот македонски народ.

Единаесет столетија нè делат од времето на свети Климент. Но, тој како да е и наш современик и како да ни порачува: чувајте сè што е добро и спасоносно, што сте го наследиле од вашите претходници; чувајте ја Црквата Божја и нејзините светии и светилишта, чувајте ја верата и воспитувајте ги во неа и учете ги на прадедовските обичаи и традиции младите македонски генерации, зашто тие колку повеќе ги знаат духовните вредности, толку помалку ќе се оддаваат на злото и на лошите појави на современието. На младите семејства, пак, тој би им порачал: имајте повеќе рожби и за себе и како дар за својот род и Татковината, зашто тоа е и благослов Божји и единствен начин да опстоиме како народ. Би ни порачал и тоа: живејте во мир и разбирање со сите, за да покажете и потврдите дека сте достојни чеда на славните предци!
Возљубени, само доколку бидеме такви ќе покажеме дека сме навистина негови - светиклиментови и чеда Божји.

Впрочем, свети Климент е светилник, даруван од Бога, за да свети во совеста и срцата на сите коишто молитвено му се приближуваат и го имаат пред себе како ѕвезда водилка. Свети Климент бил и останува наш постојан будител и неговиот глас, носен од брановите на вечната светлина, ечи веќе единаесет столетија долж и шир македонската земја. Тој и денес нè повикува да бидеме будни, зашто не знаеме какви времиња доаѓаат (сп. Мк. 13, 33).


Светителе, Клименте, моли се да бидеме такви, да бидеме достојни твои чеда!
Амин.

СТЕФАН, Архиепископ Охридски и Македонски