За празникот на свети Никола во Куманово (19.12.2009)
Свети Николај Чудотворец и Архиепископ Мириликиски за Кумановчани претставува најголем домашен семеен празник (куќна слава) а пак за Куманово заштитник во чија чест му е посветен импозантниот храм изграден од познатиот протомајстор Андреја Дамјанов. По тој повод на 19. 12. 2009 година во соборниот храм св. Никола се ослужи Утрена со Света Божествена Литургија. По ослужената Литургија Митрополит Полошко-кумановски г. Кирил изврши голем водосвет и ги прекрши славските колачи а на верниците од Куманово им подари осветени крсчиња. Инаку Митрополит г. Кирил се осврна на житието на свети Никола како и на светителскиот Тропар, односно неговата содржина нарекувајќи го како вистина на сѐ и како правило на правата вера, образ на кротост и учител на воздрливоста. Да потсетиме дека нашиот Митрополит г. Кирил е крстен по светителското име и сѐ до своето замонашување го носи ова име Никола Поповски. Нашиот Митрополит г. Кирил неколкупати бил во Бари и се поклонил пред светите целебни мошти на овој голем Божји угодник а кои почиваат од далечната 1087 година кога се пренесени од Мира Ликиска во Бари, Италија, во времето на царот Алексеј Комнен и на Патријархот Никола Граматик.
известува: о. Жико Тодоровски