Богојавленски празници во соборниот храм Св. Кирил и Методиј – Тетово (21.01.2010)
Црковните манифестации по повод Богојавленските празици Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Господин Кирил ги продолжи на 19.01.2010 год. во Соборниот храм Св. Кирил и Методиј во Тетово каде одслужи Света Архиерејска Литургија во сослужение на свештениците од Тетовското Архиерејско Намесништво. На Светата Архиерејска Литургија зеде учество и женскиот младински хор „Менада“ од Тетово под диригенство на маестро д-р Ивица Зориќ.
На заедничката молитва во преполниот соборен храм присуствуваше и министерот Зоран Ставрески во присуство на високи функционери од државниот врв на Република Македонија.
Во пригодната беседа Митрополитот Господин Кирил го изложи значението на празникот Водици, кога при крштевањето на Господ Исус Христос се открива тајната на Света Троица во реката Јордан како и на севкупниот човечки род, со искрени Архипастирски умиленија за мирно и бериќетно 2010 лето Господово, благосостојба, здравје, радост и среќа во целата наша Татковина Република Македонија и во целиот свет.
Потоа Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Господин Кирил го изврши големиот Богојавленски Водосвет пред базентот во дворот при Соборниот Храм во присуство на голем број верници, каде што се изврши големиот чин фрлањето на крстот а преку тоа се осветија водите во црковниот базент.
Меѓу трите момчиња: Синиша Исаевски, Миркоски Горан и Стојанчо Малинов кои се фрлија по кртот, најсреќен беше Стојанчо, и за таа чест Митрополитот Господин Кирил му подари златен крст со златно ланче и му посака здравје, среќа и бериќет нему и на сите присутни верници. Потоа присутните верници нацрпеа од осветената Богојавленска вода и ја понесоа во своите христијански домови.
Подготвил: Диме Змејкоски