Втора светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог (08.05.2010)
Охрид, 7 мај 2010
На втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, која се одржува во Охрид, учествуваат претставници од повеќе различни религии и култури од целиот свет. Отворањето на конференцијата беше од страна на претседавачот, г-ѓа Валентина Божиноска, директор на Комисијата на за односи со верските заедници и религиозни групи.
Официјални обраќања на планерната дискисија имаа: г.Никола Груевски, претседател на Владата на Република Македонија; г-ѓа Елизабета Канческа - Милеска, министер за култура и претседател на Меѓународниот комитет за организирање на Втората светска конференција; г. Гуидо Белати Чеколи, претставник на Комитетот на министри при Советот на Европа.
Од претставниците на верските заедници свои обраќања имаа: Неговото Блаженство, Архиепископ Охридски и Македонски, г.г. Стефан; Реис Ул Улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи, претседател на Исламската верска заедница во Република Македонија; Н.Е. Винко Кардинал Пуљиќ, ополномоштен претставник - шеф на делегацијата на Светата Столица; Господин Хајнрих Болетер, бискуп на Евангелско - Методистичката црква; Господин Рабин Ендрју Бејкер, директор за меѓународни врски на Евреите. Во попладневната програма, на тема „Улогата на религијата и на културата во трансформацијата на општеството“ на делегатите на конференцијата се обрати Митрополитот Американско - Канадски, г. Методиј. На покана на претседателот на Р. Македонија, г. Ѓорѓе Иванов, беше отстварена средба со сите учесници од Православните цркви. Нив ги претставуваа: Архиепископ Јарославски и Ростовски, г. Кирил (Руска Православна Црква); Архиепископ Филиополски г. Нигон (Антиохиска Православна Црква); Протосингел Петар (Српска Православна Црква), како и претставник од Албанската Православна Црква, Архиепископот Јован.Во продолжение ви пренесуваме дел од обраќањето на Архиепископот Стефан:
Почитувани присутни,
Наоѓајќи се во Македонија, и посебно во Охрид, можеби и не треба многу да се говори за религијата и културата на овој народ и оваа земја. Овде живеењето со Бога и создадената култура најмногу и најдобро сами за себе говорат. Охрид е духовна столица на Македонија и вековно седиште на Охридската Архиепископија, и токму овде се создавале најмаркантните дела од духовноста и културата на овие простори.
Македонија е мултикултурна држава, поднебје каде што, гледано од сегашен и историски аспект, живеат и живееле разни културни изрази. Истите се создавале, почнувале и се развивале во разни временски периоди. Тие понекогаш биле антонимни, па една култура ја проголтувала другата, ја преобразувала и ѝ давала нова смисла, нов контекст, а во други случаи живееле паралелно, без да си наштетуваат. Сепак, содржински најбогатата култура на овие простори е културата на македонскиот народ, култура, која своето полнолетство, својата зрелост и уникатност ја доживува во повеќе периоди, но особено во Христијанството, која претставува една синтеза од разни духовни и материјални културни содржини.
На просторот од Македонија, во културното поле на македонскиот народ, во неговата свест и неговото пишано и преданиско искуство, се наоѓаат многу слоеви на духовното, а со тоа и културно растење на неговото население. Па, така, се наоѓаат многу траги од културата, што се создавала во времето на паганизмот, се сретнуваат дела од времето на христијанизирањето на македонскиот народ, како и од сите периоди досега.
Организаторите на Вторава светска конференција на религиите, веруваме ја имаат, покрај другото, и таа цел: на ваквите средби да се продлабочат меѓусебните врски, преку размена на мисли и сознанија, како би можеле сите да дадеме свој прилог и придонес во градењето на доверба и почитување кон сите народи и нивните религии и култури. Впрочем, сите треба да сме чувари на културата, која треба да продолжи да расте во своето поднебје и покрај сите различности на времето, просторот и народите меѓу кои и од кои е создавана. Со сè поголемата, пак, улога на верата, во современото општество, посакуваме религијата да продолжи да биде цврст темел на мирот и дијалогот меѓу цивилизациите... Религијата има потенцијал и треба да ги спојува различните народи и култури и покрај човечките слабости, посебно во денешен контекст на плуралитет и разнородност, како што се нагласува и во Соопштението од Светскиот собир на верските поглавари одржан во Москва во 2006 година.
Македонската православна црква ги поздравува ваквите собири, зашто тие не значат само можност да се запознаеме одблиску со другите, со нивниот религиозен и културен идентитет. На овој начин воспоставуваме критериум да тргнуваме во сите работи од аспект на знаењето, на информираноста, а не на спекулативноста, или, пак, на погрешната претстава. Ваквите контакти помагаат и во стекнувањето пријателства, зашто да стекнеш некого за пријател, значи дека најпрво си го запознал, си научил за него доволно – а, да познаваш некого, значи и да го почитуваш.
Оттаму, искрена благодарност до Владата на Република Македонија за оваа можност да го запознаеме светот на религиите и културите и светот да нè запознае нас, да ја запознае топлината и Авраамовото гостопримство на македонскиот човек. Ви благодарам и на сите присутни што дојдовте и со своето присуство ја збогативте оваа Конференција, со што на дело го покажавте своето братољубие и човекољубие, својата желба за дијалог со различното од себе и поинаквото од своето.
Известува: Александар Божинов