Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан - ВОЗОБНОВИТЕЛОТ И ОБЕДИНИТЕЛОТ ДОСИТЕЈ (15.05.2010)
ВОЗОБНОВИТЕЛОТ И ОБЕДИНИТЕЛОТ ДОСИТЕЈ
Ако во поновата историја на Македонската Православна Црква* ја бараме најзаслужната личност, без сомнение таа личност е блаженоупокоениот архиепископ Доситеј, зашто тој е личноста преку која се оствариле скоро две вековните стремежи на многубројните духовници, преродбеници и поборници за возобновување на Охридската Архиепископија како Македонска Православна Црква.
И блаженоупокоениот архиепископ Доситеј не е само возобновител на неканонски запрената дејност на Охридската Архиепископија, туку тој е и обединител на нашиот православен народ – поделен на Балканот и раселен по светот.
Имено, по онаа за македонскиот народ несреќна 1767 година, кога со ираде на Великата Порта е укинато административното делување на Охридската Архиепископија, односно нејзината јурисдикција како автокефална Црква на македонските простори, познато е, правени се обиди да се возобнови нашата древна црква: и духовници, и првенци, и црковни општини, и цели градови и краеви, кревале глас и отпор против неправдата што се вршела и од Станбол и од Фанар, и од соседните народи и цркви. Дури некои духовници од нашиот род, ги жртвувале и свештено ерархиските положаи, па и своите животи (како што се Партениј Зографски, епископ Кукушко-полјански, Теодосиј Гологанов, митрополитот Скопски, и др.), кои, залагајќи се за македонска црковна и национална правда и вистина, предвреме, протерани и во заточеништво, ги завршија своите архиерејски должности, само поради “гревот” – што се бореа да се возобнови Охридската Архиепископија.
Но, вистинска слобода е само тогаш кога таа е целосна; нема политичка без духовна и нема духовна без политичка слобода! Прашање е дали Охридската столица ќе отстапеше пред притисоците на другите ако Македонија не беше поделена по национална основа, а на Македонците им беше подржана идејата и желбата за конститутирање на сопствена држава.
Колку што е потребна политичката за да има духовна, и колку духовната е потребна за да се има и политичка слобода, најдобро се покажа и потврди во нашиот македонски случај: сите обиди за возобновување на Охридската Архиепископија најмногу беа неуспешни поради немањето политичка слобода, поради немањето на своја слободна држава. Затоа, конечно, по Втората светска војна, откако македонскиот народ, иако само на дел од македонската земја, создаде возобновена држава како членка на Федеративна Југославија, успеа, сега веќе во пореални услови да го постави прашањето и за својата самостојна црква.
Како резултат на новите околности, по примерот на свештеничкиот собир од Издеглавје, во 1943 година, се организирале и Првиот Црковно-народен Собор, во февруари 1945 година, и свештеничката конференција, во декември 1946 година во Скопје, кои, всушност, биле подготовка за историскиот Втор Црковно-народен Собор, одржан во Охрид, од 4 до 6 октомври 1958 година. Имено, на тој Собор, покрај одлуката за возобновување на Охридската Архиепископија ка Македонска Православна Црква, за Архиепископ Охридски и Македонски и Митрополит Скопски е избран Доситеј, дотогашниот епископ Топлички и викарен епископ на Српскиот патријарх Герман.
Ете, тој блажен маж постана не само продолжител на делото на некогаш онеправданиот Арсениј, туку се покажа и нов св. Климент (и нов св. Павле?) за Црквата во Македонија.
Го нарекуваме така зашто тој, со својата духовна далекувидост, со своето ретко богољубие и родољубие, тоа и го заслужува. Ќе потсетам: тој со блаженоупокоениот патријарх Српски Герман, во јули 1959 година, во храмот “Св. Мина” во Скопје, го хиротонисаа архимандрит Климент (Трајковски) за архиереј на Преспанско-битолската епархија, со што се создадоа услови за апостолско преемство и за формирање на иден синод и за ракополагање на идни архиереи во Македонската Православна Црква. Под негово раководство се одржа и Третиот Црковно-народен Собор, во Охрид, во 1967 година, кога се прогласи автокефалноста на нашата света Црква. Најмногу по негово залагање се формира Богословијата, а потоа со негов благослов се организираше и Богословскиот факултет на нашата Света Црква.
Но, блаженоупокоениот архиепископ Доситеј не е само возобновител, туку тој е и обединител на нашиот народ и на нашата Света Црква. – Можеме ли да замислиме што се’ ќе се случуваше со нашиот народ ако немавме своја Црква, особено по поделбите на земјата и по сите несреќи, по сите прогонувања, преселби и раселби, по сите туѓини и печалби, што ги доживеавме во текот на 20 век, - ако не ја возобновевме нашата св. Црква? – Што ќе беше со веќе организираните Македонци во Мелбурн, Гери и Торонто, и во други градови во Австралија, Америка и Канада, ако ја немавме возобновено нашата древна Црква и го немавме духовниот водич, каков што го добивме во личноста на блаженоупокоениот архиепископ Доситеј. Беше навистина богоугодна личност, архиереј каков што ни требаше, чии заслуги како се’ уште недоволно да сме ги разбрале и признале. Нему му припаѓа и повеќе слава и повеќе почит за неговото новоапостолство и доблесно архиерејство. Наша должност, но и на идните генерации, нека биде обврската – да го чуваме споменот и да му ги оддаваме заслужените почит и место во Македонската Православна Црква и меѓу нашиот народ!
Нека му е вечен споменот! Бог да го прости!
* Слово искажано на 15 мај 2010 година на годишниот Помен над гробот на блаженоупокоениот архиепископ Доситеј, во храмот “Св. Вмч. Димитриј” во Скопје.
Известува: Калина Трпеска