Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Празнување на иконата на Пресвета Богородица „Достојно е“ во Бигорскиот манастир (26.06.2010)

Прекрасна е Богородица во својата слава, бидејќи прекрасниот Бог преку прекрасна Мајка се раѓа. Неа толку ја возљуби Бог - најчистата светлина, што Светиот Дух слезе и се соедини со Неа и се роди совршен Бог и совршен Човек. И како што многубројните свети отци ја величаат и воспеваат  Пречистата   Богородица  за Неа велат:

Таа е храм, во кој живее силниот Цар над царевите; Таа е ново небо, во кое живее Бог над боговите; Таа  е  ангелска  лоза  Која го родила Гроздот на искупувањето; Таа е живоносен извор, од кој блика жива вода за духовно жедните; Таа е Мајка за сите страдалници; Таа е скала до небесата, по која добродетелните души се искачуваат до престолот на севишниот Бог!

Пресветата Богородица во целиот свој живот, од почетокот до успението е прекрасна и чудесна, и врз Неа се исполниле претскажувањата на пророците и надежта на праведниците. Преку Онаа Која со слава ги надминува ангелите, среќни и благословени постанаа сите жени на земјата.

Нејзината слава е толку голема, чиста и блескава, што сите сме должни со вера и љубов, заедно со архангел Гаврил во заедничко славословие на овој ден да ѝ запееме: Достојно е навистина да Те нарекуваме Блажена Богородице, секогаш Блажена и Пренепорочна и Мајка на нашиот Бог.

Денес Црквата Христова и Светата Гора Атонска со голема радост торжествено ѝ пее на Пресветата Богомајка, во чест на Нејзината чудотворна икона со која е поврзано и песнопениеато: Достојно е, кога според преданието зачувано на Света Гора, во X-от век, во келијата не еден млад послушник, близу Кареја, ненадејно се појавил непознат монах кој му испеал на младиот послушник необична пофална песна во чест на Богомајката, до тогаш неслушната.

Човечкиот ум се восхитува и вчудоневиден останува како камената       плоча под прстот на непознатиот монах како восок омекнува и пофалната песна за Богомајката врежана во себе ја прима. Од небесните живеалишта ангел во обичје на необичен монах на послушникот му се јавува и благоразумно поучува, ние луѓето на земјата, оваа чудесна пофална песна заедно со ангелите на небесата, непрестајно да ја пееме.

Поради ова чудо, иконата на Пресвета Богородица, пред која за прв пат се возгласила до тогаш непозната и чудесно милозвучна пофална песна Достојно е, се удостоила со голема благодат, затоа и келијата каде се исполнило ова чудо се нарекува Достојно е. Затоа ѝ доликува на Гората Атонска да ја воспева и слави пресветата Владичица Богородица - големата заштитница на Света Гора, со пофалните стихови:

Радувај се Горо Атонска, ликувај Цркво Христова, бидејќи Пресветата Владичица, сите нè повикува на празникот во чест на Нејзината чудотворна икона, за заедно со Гавриил,  Богородица да ја возвеличаме, Која во себе го носеше Оној Кој од херувимите во слава на небесата носен е.

Затоа сите верни на овој голем светогорски празник, имаа можност да присуствуваат на заедничко сеноќно бдение и молитвословие и да се поклонат на копија на иконата Достојно е која се наоѓа во Бигорскиот храм, а која беше осветена во манастирот Симонопетра токму на празникот на Воведение на Пресвета Богородица минатата година. Од оваа година манастирското братство востанови уште една манастирска слава  на 24 јуни кога се празнува споменот на иконата Достојно е.

Бдението беше крунисано со помазување на сите присутни од кандилото кое постојано гори пред иконата и со Божествена Литургија со која чиноначалствуваше Архимандрит Партениј со Бигорското братство, а заврши во раните утрински часови со свечена литија на која беше носена иконата Достојно е. По бдението за сите присутни беше приготвена пригодна трпеза на љубовта. 

Затоа, токму на овој ден, заедно со светите Атонски отци, да ја прославиме и со радосни песни, како ангелот, да ја возвеличаме Пресветата Богородица и умилни молитви кон Неа да упатиме: да ни ја испрати својата голема милост, да ја сочува и укрепи нашата Црква, луѓето да ги закрепне, татковината да ја сочува од секакви неволји и да испроси мир и спасение за нашите души.

 

                                                          

 

                              

 

                                

 

                               

 

                                 

 

     

 

    

 

                                 

 

                                 

 

    

 

                                 

 

 

Известуваат: сестрите од Рајчица