Божествената Литургија и молебниот канон во Бигорскиот манастир (31.07.2010)
Денес во Бигорскиот манастир имавме можност да се потсетиме на еден прекрасен настан од славното комитско минато – првото црешово топче, за кое малкумина знаат дека било изработено од монасите во Бигорскиот манастир, во периодот пред Илинденското востание од 1903 год. и потоа на коњи било пренесено до Крушево, каде првиот истрел од топчето го означил почетокот на востанието. Во тоа време игумен на Бигорската обител бил о. Партениј, верен соработник на комитските чети од тој крај, а топчето по послушание го изработиле двајцата монаси и многу вешти мајстори Гаврил Русин и Гаврил Карпела. Тие за комитите изработиле дури две топчиња, а се погрижиле и за вооружувањето на топовите.
Затоа денес, во чест на тој настан, Бигорскиот манастир го посетија група млади луѓе облечени во традиционални комитски носии, кои во манастирот донесоа изработена копија на некогашното црешово топче. После Божествената Литургија и молебниот канон во храмот како и по пригодната проповед за тоа колку силно треба да се љуби татковината, игуменот на светиот Бигорски манастир, Архимандрит Партениј ги благослови комитите за нивниот пат до градот Крушево. Тие на коњи се упатија до историското место на востанието, носејќи го црешовото топче и следејќи ја истата маршута што некогаш ја минеле славните комити.
Известуваат: сестрите од манастирот во Рајчица