Vesti i nastani
 
 
 
 
 

За празникот на Свети Илија во Лазарополе (02.08.2010)

Секогаш е голема радоста кога ќе ја споделиш благодатта на Божествената Литургија со својот ближен. А кога тоа се случува на така голем и значаен празник како што е споменот на Св. Илија, и кога нашите заедничари и домаќини се гостољубивите жители на прекрасното селце Лазарополе, потомци на големите наши борци за слобода и славни поборници за нашата православна вера, тогаш радоста и благодатта е неизмерна. Затоа браќата од светиот Бигорски манастир и сестринството од Рајчица заедно со својот игумен, архимандрит Партениј, и оваа година не ја пропуштија можноста молитвено да заедничарат со своите добри пријатели и верни пазители на Православието во овие живописни краишта. Стапувајќи во храмот, монасите ги пречека навистина прекрасна глетка: од  ѕидовите на овој познат стар храм, посветен на светиот Победоносец, блескаа ликовите на ново-реставрираните фрески, а за ретките и вредни икони, грижливите членови на црковниот одбор припремиле и мала галерија, каде сега се чува нивното духовно и културно-историско богатство.

И покрај големото мнозинство на присутни верници, забележлив беше мирот и тишината, додека низ храмот се излеваа познатите стихови на Божествената Литургија, особено за време на стихирата посветена на Мајката Божја, која сестрите ја отпеаја со посебно умиление. А немала радост предизвикаа и најмалите причесници со светите Тајни - дечињата, кои беа во голем број присутни на Литургијата.

Всушност навистина е за почит колку луѓето од Лазарополе ја сакаат и ценат својата родна земја, со каква љубов се враќаат на своите корени и колку ги слават своите претци. Игуменот на свештената Бигорска обител, о. Партениј молитвено им се придружи во почитувањето на големите дејци од нашето славно но бурно минато, како Ѓурчин Кокале, архимандрит Теофил и други, кои ги положија своите животи за оваа света земја, извршувајќи трисагија на нивните гробови.   

Оддавањето на почит кон големите Македонски синови, кои со својата крв ја откупија нашата сакана татковина и ни ја донесоа слободата, продолжи во светиот Бигорски манастир, со една многу свечена богослужба - доксологија, на која браќата и сестрите на ова света обител молитвено си спомнаа за сите паднати борци, покажувајќи со тоа колку е важно да се сака и чува оваа наша мила татковина. Богослужбата заврши со громогласно пеење на македонската химна и мала закуска под отворено небо, каде монасите својата љубов кон татковината и патриотизам ја споделија со сите свои гости и посетители на манастирот.   

 

     

 

      

 

     

 

     

 

      

 

      

 

Известуваат: сестрите од манастирот во Рајчица