Успение во Бигорскиот манастир (02-09-2010)
Успение
„Дево Богородице, Ти што замина од земјата, не оставај
ги тие што се на земјата, што на Успението се
поклонуваат.“ „Дево Богородице, Ти што
замина од земјата, не оставај ги тие што се на земјата, што на Успението се
поклонуваат.“
„Околу твојот одар стоејќи, Дево, топло
те повикуваме: смилувај ни се, Сесвета, спаси ги сите верници!“ ( стихови од статиите на
Успение)
Колку
е блажено и преблажено Успението на Пречистата Дева! Таа како силен извор на
вистинската Светлина, неисцрпна ризница на живот, богат источник на благослови,
причина и виновничка за сите наши добра, иако
за кратко време телесно се покри со смртта, од својот свет и чесен Гроб богато
не дарува со чисти и непрестани бранови на бескрајна светлина, питие на
бесмртниот живот и вистинско блаженство. Зашто во тој славен ден на своето
Успение, нејзиното божествено и пречесно тело, додека беше носено на трепетните
раце на апостолите, опкружено со ангели, и преполно со божествено благоухание,
ја покажа Богородица како избран Божји сад, која живеејќи во крајно смирение и
скромност, со ова нејзино сечесно Успение, се прослави од Бога и на целиот свет
му го јави блесокот на својата слава.
Велат
дека од преполнето срце зборува устата. Но, понекогаш, кога срцето гори,
опфатено од неизмерна љубов, устата молчи, свесна за немоќта на човечкото слово,
па тоа што е во срцето, останува сокриено таму, зашто било кој обид со збор да
го објасни, само би го приземјил и одзел тоа небесно чувство.
Но
љубовта кон вас не тера да се обидеме сепак да го споделиме она што браќата од
Бигорскиот манастир и сестрите, заедно со големото мнозинство на присутни
верници, го примија како скапоцен дар од Богоневестата, на сеноќното бдение во
чест на нејзиното сечесно Успение. На оваа прекрасна и посебна богослужба,
карактеристична за светиот Гроб на Божјата Мајка во Гетсиманија, што веќе
неколку години традиционално се прави во Бигорското светилиште, монасите ја
излеаа сета љубов
и нежност кон Богородица, како кон своја Мајка, припремајќи и прекрасен цветен
одар, како најнежен украс за нејзиното пречисто тело. А тоа, во вид на раскошно
украсена плаштаница, лежеше положено на блескава постела,како на небо,
засолнувана од крилјата на шестокрилите серафими и многуоки херувими, и чиниш
како вистински да е тука, пред нас Родителката на вечниот Живот. И навистина, во
преполнетиот храм силно се чувствуваше нејзиното благодатно присуство, кое ги
исполни со умиление сите срца, па затоа посебно торжествено одекнуваа
трогателнитe
стихови од Статиите испеани на нејзиното Успение.
Браќата
од светата Бигорска обител на Пречистата и ги принесоа и своите нови духовни
рожби, молејќи ја да го излее врз нив својот благослов, и како што благоволи на
овој нејзин голем празник да ги удостои со монашко расо, така да ги подготви со
благодат и нивните срца, та да се разгорат со огнена ревност за монашкиот
подвиг, за да Му бидат достојни слуги на Нејзиниот Син и Бог наш, Исус Христос.
Така, тројцата нови послушници расоносци ги положија во рацета на Пресветата
Богомајка своите срца и души, свесни дека во неа имаат навистина моќна
застапничка пред Бога и штедра дарителка на неизмерни добра, а двајца други
браќа, со метанија пред игуменот, братството, иконата на Претечата како и пред
чудотворната икона на Богородица „Достојно е“, се
приброија кон обителта како искушеници.
Неискажлива
е радоста, што така голем број на благочестиви христијани се придружија на
монасите во овој голем молитвен подвиг, кој е вистински благослов за нашиот
православен народ, зашто преку Бигорскиот манастир, и нашиот народ се стекна со
ретка привилегија на ваков начин да го прослави Успението на Мајката Божја.
Затоа молитвите упатени кон неа, во текот на ова десетчасовно бдение, како
благоухана жртва се воздигнуваат пред престолот на Бога и посредуваат за
спасението на нашиот православен народ, а особено за духовното и морално
заздравување на нашата младина, која секојдневно пропаѓа, потоната во страшни
пороци. Токму
за ова зборуваше и игуменот, архимандрит Партениј, во својата беседа до
присутните, сакајќи да им го посочи животот на Богородица, како пример за
животот на вистинскиот христијанин, и со тоа да ги поучи колку морален и чист
треба да е животот на нашите млади луѓе:
„Животот на Богородица е како една скала,
по која таа се искачи до небесните височини, стана почесна од херувимите и
пославна од серафимите. Богомајката стапна на првата скала, кога на тригодишна
возраст беше воведена во храмот, каде времето го поминуваше во непрестајна
молитва и рачна работа. Тоа е пример за сите нас, особено за монасите, кои
живеат при храмот Господов и треба постојано да пребиваат во
молитва.
Втора
скала од нејзиниот живот е времето поминато во домот на Праведниот Јосиф, каде
таа, на така мала возраст, со голема одговорност се грижи за неговиот дом и
неговите деца, истовремено справувајќи се со разни искушенија и сомнежи од
страна на Јосиф. Ова е пример
за секоја православна жена и мајка.
Трета
скала се нејзините големи искушенија и страдања, при патот на Христос на
Голгота. Болката што
таа како мајка ја претрпела, гледајќи го срамното понижување и ужасна смрт на
своето чедо, била неизмерна. Сепак таа не негодувала за злоделото, туку трпеливо
се молела и Му благодарела на Бога за сè.
Четвртата
скала е нејзиното духовно живеење, по вознесението на Господ Исус Христос на
небесата. Таа пребивала во постојано сеќавање на се она што Христос го направи
за спасение на човечкиот род. Но тоа го правела не со жал, туку со радост,
заради воскресението. Ова е пример за сите нас, дека треба да се потсетуваме на
се она што стана заради нас, крстот, гробот и тридневното Воскресение. Ние сме
должни да се потсетуваме на сето ова, за да имаме блажен
живот.
Вечерва, подајте ги своите срца на Богомајката, бидејќи таа е дародарителка, нека ги слушне нашите молитви и да ја спаси нашата татковина, особено нашата младина, која, за жал, поголемиот дел е изгубена во неморалот, што денес се пропагира на сите страни. Ви посакувам на сите добро бдение и по вашите молитви, Богородица да им ги отвори духовните очи на сите луѓе, та сите да тргнат по патот на спасението. “
Преземено од сајтот на Бигорскиот манастир