Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Осветување на црквата „Св. Наум Охридски“ во Тринген, Швајцарија (27.09.2010)

На 27 септември, денот кога Православната Црква го празнува празникот „Воздвижение на св. Крст - Крстовден“, во Триниген, Швајцарија, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение на Европскиот Митрополит г. Пимен и Повардарскиот Митрополит г. Агатангел ја осветија црквата Св. Наум Охридски. Веста за осветувањето на црквата беше објавена во локалниот весник Neu Luzern Zeitung. После осветувањето Архиепископот се обрати со пригодна беседа:

Без Бога и без Црква не можеме 

Со трикратното обиколување, со полагањето на дел од моштите на свети Климент во престолот и со крстовидното помазување на ѕидовите со свето миро, го извршивме осветувањето на овој прекрасен храм.

Овој денешен чин – е настан за радост на Македонската православна црква, за радост на нејзините верни чеда, како за вас овде, така и за Македонците во Татковината и насекаде по светот. И, навистина, во годината кога како народ и Црква македонски, одбележуваме 1100 години од блаженото упокојување на свети Наум Охридски, не можевме ништо поголемо и посвето да принесеме пред него, како вечна благодарност и молитвено поклонение, од ова велелепно дело, што вие, нашинците од овој дел на Швајцарија, го изградивте во чест на преподобниот наш Чудотворец и за слава на Бога.

Со изградбата на ова дело, уште еднаш потврдуваме дека сме чеда богољубиви и родољубиви, дека сме потомци на славни и свети претшественици, дека сме рожби на богоугоден и црквољубив народ. Македонскиот е меѓу оние народи кои даваат за Господа и кога немаат доволно за себе, народ кој повеќе гради за Бога, отколку за себе. Па, секој што ја видел Македонија се уверил дека таа е земја на цркви и манастири, дека е земја - олтар, зашто нема крај во кој не се белеат и вишнеат градбите посветени на Бога и Неговите светии. И, ако со нешто можеме да се пофалиме пред другите – со духовното богатство, создадено низ вековите – најмногу можеме да се пофалиме.

Најдревни и најдлабоки темели по нашата земја се токму темелите од црквите и манастирите, од светињите градени од нашите дедовци и прадедовци: Плаошник, „Света Софија“, „Свети Наум“, Бигорски, Лесновски, Лешочки, Осоговски, Водочки и уште многу други по сите краеви на нашата убава Македонија. Имаме градби за восхит и приказ, имаме убавини и вредности за кои светот може и да ни подзавиди. Зашто, какви градители, какви копаничари, какви зографи – иконописци и фрескописци, какви мајстори се родиле и твореле по нашите светињи. Она што е зачувано од делата на нивните раце, ги задоволува и највисоките уметнички и духовни критериуми. И добро е што Македонецот не застанал, туку постојано градел и гради за Бога, чувајќи го будно лозјето на Cвојот Господар, и во Македонија и, еве, до каде што стигнал по светот.

Тешка и претешка е нашата македонска судбина и голема и преголема е неправдата направена, и што сега се прави, кон нас како народ, Црква и земја! По повеќевековното отоманско владеење со Македонија, доживеавме поделба на македонската земја и народот, доживеавме протерувања и егзодуси, преселби и раселби, доживеавме невиден терор и асимилации и уште какви не зла, за потоа да се раселиме по сите континенти. Денес стотици илјади Македонци живеат во Торонто и Канада, во Детроит, Њу Џерси и по цела Америка, во Мелбурн и Сиднеј, и по цела Австралија, како и во Шведска, Германија, Италија, Швајцарија, Австрија и други земји во Европа. Но, каде и да отиде Македонецот, без Бога и без цркви не може! Дури и кога во Македонија сè уште се размислуваше, што и како да биде со возобновувањето на Охридската Архиепископија, во Бризбен и Мелбурн, на австралискиот континент, во Гери – Индијана, Торонто, Колумбос, Детроит, и во други места на северноамериканскиот континент, нашите печалбари запалија македонски кандила и организираа македонски цркви. По некоја деценија тоа се случи и на овој европски континент, најпрво во Малме и Гетеборг во Шведска, за полека, но сигурно, да продолжи и во Дортмунд, Берлин, Виена итн., а, еве, и вие овде, во Тринген, да покажете дека – иако сте подоцна организирани, во ништо не заостанувате зад другите. По купената хала и по поставениот камен-темелник, за брзо време, за три години, изградивте велелепен храм, дом за молитва и место за дружење на сите македонски генерации.

Овој ден и ова место се прилика да ве пофалам сите за подвигот и за несебичниот дар што му го принесувате на својот народ и на својата црква, да ви заблагодарам за вашето сецело ангажирање. Секој од вас, колку што милувал и можел – дарувал и помагал, а со тоа се вградил во ова црковно-народно здание. Но, вие самите, како живи камења, изградувајте од себе духовен дом, за да принесете духовни жртви, советува св. ап. Петар (I Петар 2, 5).

Досега го градевте материјалниот дел, а од денес, со вашето единство во верата, со заедништвото со Христа и преку љубовта меѓу вас, раководени од вашиот архипастир – митрополитот г. Пимен, продолжете да го надградувате духовниот дел од храмот, односно – секој од вас да биде вистински храм на Св. Дух. Всушност, тој духовен дел и никогаш не се доградува, зашто претставува постојано растење во верата, во подвигот, во живеењето по Евангелието!  А верата, пак, љубовта и надежта, тие три најголеми добродетели, нека ви бидат првиот и основен мотив за што почесто присуство на ова осветено место и во ова свето здание, каде што ќе се сретнувате со Бога и помеѓу себе.

Изградбата на овој храм, за вас и за идните генерации има духовно, морално, воспитно и културно значење. Ова ќе ви биде место за крштевање, венчавање и простување, место за просветлување и причестување, за воздигнување и осветување. Храмот Божји е свет, а тој храм сте вие, вели св. ап. Павле (I Кор. 3, 17). Со денешново осветување и со свеченото отворање, нека се отворат и нашите души, зашто во секој човек треба да живее Духот Божји (сп. I Кор. 3, 16). Со овој храм се здобивте со светилиште, во кое ќе можете и да ја учите и да ја чувате прадедовската православна вера. – Чувајте ја верата, за и таа вас да ве чува, како што секогаш нè чувала! Oвој храм нека ви биде извор на духовни и морални, на богољубиви и човекољубиви вдахновенија, нека ви биде поттик за единство и разбирање меѓу вас, нешто, како на Македонци што ни е најпотребно во овие времиња, без разлика каде живееме.

Незаменливо е местото и улогата на Црквата во животот на нашиот народ. Нашите дедовци, градејќи ги црковните градби и чувајќи ги светилиштата, ја зацврстуваа верата и го чуваа народното битие, на тој начин грижејќи се за спасение на своите души.

Па, што ќе беше и што ќе останеше од нас како народ, ако ја немавме Црквата светиклиментова и светинаумова во времињата на ропствата и туѓинските владеења? Што ќе беше со нас како народ, ако не го чувавме споменот за Охридската Архиепископија и ако истата не ја возобновевме како МПЦ? Што ќе беше со преселените Македонци, кои, немајќи каде, заради запазување на својата вера, засолниште бараа под стреите на соседните Цркви од Балканот, ако не се почнеше со градби на свои македонски светилишта? Нашите национални и црковни маки, за жал, не завршуваат таму на Балканот. Hие, Македонците и натаму останавме да бидеме на нишан и посакуван плен за ненаситните грабливци, каде и да живееме по светот. Затоа, вие, градителите на новите македонски храмови, сте вистински бранители и на верата и на вистината наша македонска.

Градејќи храмови, чувајќи ја верата, традициите и обичаите, негувајќи ги јазикот и писмото, а следствено на тоа и името, идентитетот и сè што е наше македонско – всушност, го запазуваме она што е вековно наше, на кое што треба да се гордееме, оставајќи им го тоа како неотуѓиво наследство на помладите генерации.

Градејќи го овој прекрасен храм, вие уште повисоко го издигнавте македонскиот барјак, со што на противниците на македонската вистина им порачавме дека – нè има и овде во Швајцарија, како неделив дел од македонското национално и духовно ткиво, и дека од денес сме побогати со уште едно небо, и погласни за уште една камбана, и повисоки за уште една духовна тврдина и побројни за уште еден олтар.

Денес извршивме дело за слава на Севишниот Бог и во спомен на свети Наум, кому му одбележуваме 1100 години од упокојувањето (910 – 2010), а ова нека биде наша семакедонска благодарност и почит за дарот што ни го остави.

Да се помолиме – свети Наум, Охридскиот Чудотворец секогаш да биде закрилник на верните македонски чеда и постојанен молитвеник за Македонија и нашата Света Црква пред Бога Троичниот, Кому нека Му е слава во вечни векови. Да се помолиме, со Божјата благодат, да се осветат и облагородат  нашите срца и нашите души, и меѓу нас да се намножат љубовта, единството и добрата волја.

Нека е честито и вечно делото на вашите раце!

Светата Литургија нека ни биде за здравје и спасение. Амин!

Архиепископ охридски и македонски
Стефан