Реакција по повод изјавата на г. Црвенковски, во однос на нашиот став за уставното име на Р. Македонија (06.10.2010)
Запрепастен сум од реакцијата на г. Црвенковски, по повод мојата изјава во врска со наметнатиот проблем, кој Р. Грција и нејзината политика, го имаат со нашето уставно и вековно име. Морам да признаам, воопшто не очекував дека токму лидерот на Македонската опозиција, за вакво клучно национално прашање, ќе препознае наше мешање во политиката. Еден искусен политичар, како што е г. Црвенковски, кој бил на сите важни државни функции во својата богата политичка кариера, би требало да прави разлика меѓу политичко и национално прашање. Ваква жестока реакција можеше да се очекува, на пример, од некои наши противници, но никако од лидерот на најголемата опозициона партија во Р. Македонија. Токму заради тоа, мислам дека г. Црвенковски би требало да ја поздрави мојата изјава, бидејќи, и тој како наш истакнат политичар, како впрочем и сите ние поединечно, би требало да го браниме македонскиот национален интерес. Настојувањата за промена на нашето македонско име, имаат во себе шовинистички побуди, па според тоа апсолутно се во спротивност со сите демократски, но и библиски принципи. Македонската православна црква како Тело Христово, но и како духовна институција на македонскиот народ, има обврска секогаш да ја сведочи и брани вистината, бидејќи токму со вистината и Божјата правда Православната црквата е во коалиција речиси 2000 години. Ние како духовни водачи на својот народ, не смееме да го проблематизираме националното чувство на секој човек, бидејќи погледнато од духовен аспект, ваквото проблематизирање би било катастрофа од невидени размери. Исто така не мислам дека имањето став за вакви бесмислени прашања им припаѓа само на одредени политички специјалци, бидејќи сите ние како граѓани на оваа држава имаме и општествена, но и историска одговорност. Пред ваквите националистички и фашистички ставови во однос на македонското национално битие, би било грев да ги затвориме очите, бидејќи ако ние не проговориме, тогаш камењата ќе прозборат. Многупати досега г. Црвенковски и неговите најблиски партиски соработници во однос на веронауката или абортусот сосема непотребно ја напаѓаа Македонската православна црква или се исмеваа со нејзините припадници, дури отворено нарекувајќи ги со погрдни зборови. Тие мислеа дека ги напаѓаат проектите на Владата, не бивајќи свесни дека всушност ги повредуваат верските чувства на своите сограѓани но и ги политизираат националните интереси на Македонците, за кои сите ние треба да имаме единство. Ние, пак, како Црква за да не дотураме масло на оганот, но и за да не бидеме погрешно разбрани, никогаш јавно не му замеривме на г. Црвенковски за ваквата негова политика, иако имавме право тоа да го сториме.
Имајќи контакти со многу граѓани од македонска православна и од муслиманска вероисповед, независно на која партија ì припаѓаат, и следејќи ги електронските и пишаните медиуми, можам да заклучам дека многу мал број од нив се за промена на уставното име на државата и националниот, духовниот и културниот идентитет, на нашето семакедонско постоење. Затоа го прашувам г. Црвенковски, каков одговор ќе им даде на оние наши браќа и сестри кои живеат во дијаспората и во земјите каде немаат право да ги искажат своите национални чувства? Зарем од тој народ ќе треба да се откажеме?
На крајот за да не се политизира целата оваа ситуација им предлагам на најголемите македонски политички партии, а исто така и на албанските, да седнат на заедничка маса и да бидат сплотени во една мисла, да заборават на омразата и да не ги мијат рацете во име на народот, туку да заземат став кој нема да значи промена на нашето уставно име, ниту промена на националниот, духовниот и културниот идентитет. Со донесувањето на ваков консензус, јас верувам дека сите лидери, од сите политички партии, ќе бидат почитувани и запаметени по своите патриотски чувства и од сегашнава но и од идната генерација.
На крајот уште еднаш го повикувам македонскиот народ и сите добронамерни граѓани, кои живеат во нашава држава, да не дозволат промена на уставното име и на нашиот национален идентитет. Јас, и во иднина ќе продолжам да го повикувам народот на сплотеност во однос на уставното име и во однос на сите други национални прашања, независно која партија е на власт или во опозиција. Бог да ја благослови Македонија и македонскиот народ и сите граѓани кои живеат во нејзе.
МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ
†Агатангел (Станковски)
Извор: http://www.povardarska-eparhija.org.mk/pe/