Сеноќно бдение во чест на Покров на Пресвета Богородица и св. Јован Кукузел (15.10.2010)
Како што веќе со години наназад е традиција во манастирот Св. Георги Победоносец - Рајчица, во чест на Св. Јован Кукузел, еден од тројцата светии, на кого, заедно со Св. Григориј Палама и Св. Нектариј Битолски, е посветен манастирскиот параклис и оваа година се одржа сеноќно бдение, на кое, во зедничко молитвословие, сите присутни, заедно со сестрите, упатија топли молитви кон кон Пресвета Богородица и Св. Јован Кукузел, со својот покров и застапништво да ги закрилуваат сите верни и сиот наш македонски народ.
Пристапувајќи кон монашкиот живот, во големо смирение, како вистински тугинец, Св. Јован тихувал и се подвизувал како манастирки козар. Но Божјата Промисла била, тој скриен бисер да се пронајде, таа светлина која сведочела за големата љубов кон Бога и Божјата Мајка, да им засветли на сите. Во своето ревносно исполнување на послушанието како манастирки псалт, со своето ангелско пеење, секојднево ја воспевал Пренепорочната Богомајка, Која во неколку наврати го исцелувала и го наградувала поради неговата голема ревност и себепожртвуваност. Така, во Лаврата Свети Атанасиј се наоѓа една чудотворна икона на Мајката Божја, која се нарекува Пресвета Богородица Кукузелска, затоа што Св. Јован често се молел пред оваа икона и Пресветата Мајка неколку пати се појавила и еднаш го наградила со златник, кој и ден денес стои на оваа икона.
Св. Јован Кукузел е почитуван како голем певец, композитор и музички теоретичар на Православната Црква, која со многу пофални епитети го слави и го нарекува слаткогласна лира на Светиот Дух и славеј на Божествените песни и химни.
Во текот на бдението, присутните верници имаа можност да се поклонат и да се помолат пред моштите на Св. Јован Кукузел, а воедно на крајот од бдението, на Светата Божествената Литургија да се причестат со Светите Христови Тајни.
Извор: Bigorski.org.mk