Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Календар за 2011 година во издание на Европската епархија (26.10.2010)

                   

 

                  

 

                                         

 

                                           

 

 

 

  

 

„НЕДЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ“

 

Помни го денот за почивка, за да го празнуваш; шест дена работи и сврши ги во нив сите твои работи, а седмиот ден е почивка на Господ, Твојот Бог.

Како една од десетте, оваа Божја заповед особено била почитувана од стариот Израил. За седми ден или ден за одмор, т.е. прославување на Бог, се сметала саботата (шабат или сабат) и се почитувала. Потврди за нејзиното доследно спроведување во Светото Писмо на Стариот завет има многу. Секаква активност во овој ден била недопуштена, дури се одело дотаму со закон да биде регулирано и пешачењето, кое било ограничено на само 2000 чекори. Ако го прочитаме Новиот завет, повторно ќе наидеме на многубројни примери за односот на еврејскиот народ кон ова Божја заповед, и тоа се гледа на оние места каде што Христос е укоруван од фарисеите и садукеите затоа што лекувал, односно исцелувал во сабота.

И ако саботата била оној ден кој се сметал за ден седми, ден за одмор и почивка, логично е да дојдеме до прашањето: Зошто денес саботата не се почитува и прославува на тој и таков начин, туку ја славиме неделата? - Па затоа, убаво би било како народ кој се именува со името на Нашиот Господ и Спасител Исус Христос, односно како народ Христијански, да знаеме најпрво зошто, а потоа и како дошло до тоа да се почитува неделата, бидејќи некои протестантски учења до денес не напаѓаат токму заради тоа дека сме отстапиле од почитувањето на сабатот, на саботата.

При создавањето на светот се споменуваат шест дена во кои Бог создал се, а во седмиот ден се одморил (1. Мој. 2:3). Поради тоа, кога Бог преку пророкот Мојсеј го даде Декалогот, односно Десетте заповеди, ја даде и оваа заповед за одмор на човекот, за почитување на седмиот ден, а преку него и на Творецот, Создателот и Господарот на саботата, Бог (Мр. 2:28). И седмиот ден се нарекол сабат, па кај нас преку транскрипција и денес се нарекува сабота. Во спомен на создавањето на светот, а и поради заповедта, кај Израилот овој ден бил свет и бил ден во кој не ни помислувале да направат било што, да работат нешто, па како што споменав погоре дури ни да тргнат на пат поради ограниченоста на чекорите. Од ваквиот однос на верниот Израил кон оваа заповед Христос, за време на Неговата спасителна мисија на земјата, бил укоруван од старозаветното свештенство дека прекршува Божја заповед поради тоа што често ги исцелувал и им дарувал спасение на луѓето во саботен ден. Тука веднаш се отвора уште едно прашање. Дали Христос навистина не ја почитувал саботата, а со самото тоа и Божјата заповед? - Секако дека не било онака како што тоа го толкувале и за што Го обвинувале старозаветните книжници, бидејќи Христос на повеќе места кажува дека тоа го прави од две причини, прво, да покаже дека тој е Господар и на саботата и дека саботата е создадена за човекот, а не човекот за саботата (Мр. 2:27-28), и второ, за да го разбие буквалното сфаќање на одморот и лицемерното почитување на саботата од страна на старозаветниот избран народ Божји, односно да покаже дека не треба, т.е. целта не е да не се работи ништо за наводно да се почитува заповедта, а истовремено далеку да се стои со срцето од Оној кој ја дал таа заповед, од Бог. Јас уште би додал дека Христос и преку помагањето на луѓето кои со вера ја барале Неговата помош и во сабота сакал да покаже дека нема ништо посвето од човекот на земјата. И сега, кога знаеме зошто се празнувала саботата и каков бил односот на Израилот, а каков бил на Христос кон неа, да се навратиме на објаснувањето зошто ние, денешните Христијани, ја славиме неделата како сед-ми ден или ден Господен, но и да научиме вистински да Го почитуваме Бог во неделата, за да не ја повториме грешката во исполнувањето на Божјата заповед и да заприлегаме на еврејскиот народ во Христово време.

Со Воскресението Христово, кое се случи според Писмото во утрото на првиот ден од седмицата (според горе напишаното, во првиот ден по саботата, односно неделата), откако Христос ја положи својата душа и тело на Крстот заради нас и заради нашето спасение и откако не искупи од ропството на гревот, смртта и ѓаволот, Воскресението станува најзначаен празник за нас Христијаните, темел на нашето спасение, и корен на нашето крштение, како што вели св. Атанасиј Велики, па и светиот апостол Павле вели дека, ако не беше верата наша во Воскресението, празна ќе беше нашата проповед, празна ќе беше и нашата вера (1. Кор. 15:14) и ние ќе бевме најбедните луѓе на светот. Но, по Воскресението Христово ни се даде можност, како што Христос умре и Воскресна, и ние во Него да воскреснеме за живот вечен. А ако пак ја немаме можноста за воскресение и живот вечен, тогаш која би била смислата на нашиот живот, на нашата вера, која би била и смислата на милионите маченици чија крв е пролеана за верата во Христос Воскреснатиот, која би била смислата и на сите воздржувања што ни ги препорачува верата во тој залет кон вечноста. Така, ние Христијаните, следбениците на Христовото учење, кое до нас стигнало преку непрекинатото сведоштво на апостолите, зачувано од светите отци и учители на Црквата Христова, запечатено преку крвта на мачениците, ангелскиот подвиг на монаштвото, подвигот на клирот во Црквата, како и на сиот верен народ кој го стекнал своето осветување или спасение, секоја недела го славиме Воскресението Христово. Во неделата ја славиме победата на животот над смртта, и за нас неделата станува свет ден, ден во кој си споменуваме за Воскресението, и на Литургијата Му благодариме на Бог Кој повторно во Црквата не удостојува да биде со нас и да ни се дарува во целост, во полнота преку Светата Причест со Неговото Тело и Крв, си споменуваме и за нашите ближни на таа заедничка молитва собрани во храмот на Светата евхаристија, каде стануваме соучесници на Христа во смртта и воскресението и на тој начин го живееме крштевањето кое сме го примиле во Негово име. Заради тоа големо значење на Воскреснието, кое се случи во недела, во христијанскиот свет неделата го зема приматот пред саботата како ден за одмор и прославување на Бог.

Овој ден, неделата, во повеќе јазици се нарекува ден Божји, како на пример, Киријаки (грчки), Доменика (италијански) или Сандеј (англиски), и Сонтаг (германски), повторно поврзани со празнувањето на денот на сонцето, т.е. со Спасителот Христос како "Сонце на правдата" (тропар на Божик) и др., а во рускиот неделата се нарекува Воскресење, што јасно не упатува на суштината на празнувањето на неделата. Кај нас овој ден се нарекол недела, кое доаѓа од црковнословенската кованица не делај или, во превод, не работи. Но, тоа како да си донело свои негативности, можеби токму поради тоа што буквално се сфатило значењето на зборот, дека не треба да работиме, додека суштината на таа забелешка не е дека не треба да работиме, туку дека во овој ден треба да се сетиме и на Бог и на ближните.

Бог не бара од нас да го прележиме цел неделен ден и да не мрднеме со прст, туку онака како што се подредени односите во Божјите заповеди така треба да биде подреден и текот на неделниот ден. Да бидам појасен. Првите 4 заповеди се однесуваат на нашиот однос со Бог, значи првиот дел од неделниот и празничен ден треба да му Го посветиме на Бог со посетување на храмовите во кои се богослужи Света литургија и да земеме активно учество во нив преку причестувањето со Телото и Крвта на Христа Бога, потоа, како што е дадено во петтата Божја заповед која се однесува на нашиот однос со ближните, треба дел од денот да се посвети на ближните, да речеме еден заеднички неделен ручек со семејството, и третиот дел од денот да го извршиме како во заповедите што се однесуваат на нашиот однос кон самите себе, т.е. да си го посветиме денот себеси за преиспитување на нашата совест и одмор на нашето тело. По таквиот тек на денот Бог повеќе од сигурно нема да се налути на нас ако и завршиме некоја работа од итен карактер.

И уште нешто, Црквата има мноштво светители кои Бог ги прославил на различен начин. Некои од нив имаат помал, а некои поголем култ. Следствено на тоа, за некои од нив се прават и поголеми празнувања на нивните празници. Но колку и да е голем култот на некој светител, никогаш неговото празнување не може да биде поголемо и позначајно од денот на Воскресението. А денот на Воскресението го славиме секоја недела. Па така, треба да ни стане јасно дека поголем грев пред Бог и пред Неговите светии правиме ако работиме во недела, отколку ако работиме на светителски празник.
Можеби, навикнати на вообичениот изговор, ќе побараме оправдание во брзото и модерно време на живот што не стигнуваме заради обврските што ги имаме кон работните места, та брзаме да ги завршиме домашните работи и притоа ги користиме неделните и празничните денови, но какво оправдание ќе најдеме да кажеме кога во тие 24 часа на неделата или празникот не успеваме да најдеме барем 2 часа за Бог и 2 часа за семејството?

Митрополит Европски Пимен

 

Извор: Преминпортал