Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Торжествено прославен денот на свети Климент Охридски (08.12.2010)

Во Соборниот храм во Скопје - „Свети Климент Охридски“, со Архиерејска Божествена литургија и со осветување на нов велелепен споменик, изработен од познатиот скулптор, академик г.Томе Серафимовски, беше прославен заштитникот на нашата Света Црква, светителот и народен просветител свети Климент Охридски. На литургијата чиноначалствуваше Неговото блаженство, Архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, во сослужение на митрополитот Повардарски г. Агатангел, митрополитот Европски г. Пимен, умировениот митрополит г. Горазд,  и на голем број свештенослужители.
Пред многубројниот верен народ, со свечена беседа се обрати митрополитот г. Агатангел, при што ја потенцираше неопходноста на нашето непрекидно споменување на светиот Климент Охридски, затоа што имајќи го него, но и многубројните други наши светители и просветители, за патоказ кон Бога , секогаш би биле инспирирани и подготвени да правиме богоугодни дела налик на нивните.

По завршувањето на Литургијата и причестувањето со Крвта и Телото на Спасителот, архиереите, свештенството и народот во Литија се упатија кон новоподигнатиот споменик на светиот Климент. На чинот на поросување на спомен-одбележјето со света вода, присуствуваа и авторот на споменикот, академик г. Томе Серафимовски, министерот за образование и наука, г. Никола Тодоров, градоначалникот на општина Центар, г. Владимир Тодоровиќ и директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи во Р.Македонија, г-ѓа Валентина Божиновска.

 

         

 

        

 

              

 

          

 

                                     

 

Извор: Скопска епархија