Vesti i nastani
 
 
 
 
 

За празникот на свети Климент Охридски во соборниот храм на светите Кирил и Методиј во Тетово (08.12.2010)

Денес, во соборниот храм на светите Кирил и Методиј во Тетово нашиот надлежен епархиски Архиереј Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил по повод празникот на свети Климент Охридски отслужи Света Архиерејска Литургија во сослужение на повеќе свештенослужители од Тетовското архиерејско намесништво.

             Свечената Архиерејска Литургија беше збогатена со ангелските гласови на женскиот  младински  хор  „Менада“ од  Тетово  под  диригенство на маестро д-р Ивица Зориќ, кои по свечената Литургија одржаа и духовен концерт.

             Ликовната секција при Основното училиште „Андреја Савески Кикиш“ од Тетово заедно со наставничкиот колегиум и директорот, на Митрополитот г. Кирил му подарија икона со ликот на свети Климент Охридски изработена од вредните раце на учениците.

             Потоа Митрополитот г. Кирил во својата проповед пред верниците рече: 

            „Вчера и денес молитвено и празнично си споменуваме за Светителот, кој пред 11 векови, како редок син од македонскиот род и верен последовател на бесмртното епохално дело на нашите просветители и учители - рамноапостолните солунски браќа Кирил и Методиј, ја отпочнал широката и интензивна религиозна и културно-просветна дејност на благородното тло од родната македонска земја. Свети Климент е знаме и светол симбол на нашите црковно-народни идеали и вдахновител на нашата силна вера и верба за сѐ подобра иднина.

            Свети Климент живеел од половината на 9 век и првата четвртина на 10 век. Познато е дека им бил најдаровитиот ученик и најблизок соработник на рамноапостолните солунски браќа Кирил и Методиј. Тој ја усовршил првата словенска азбука - глаголицата која ја создал свети Кирил Солунски, и ѝ го дал името кирилица од преголема почит и љубов кон својот учител.

            Зошто, ние македонските христијани, толку многу свети Климент го прославуваме и го величаме во Татковината и во дијаспората?

Можеме со потполна сигурност да тврдиме дека без просветителската дејност на свети Климент и свети Наум и нивните бројни ученици, големото дело на солунските браќа светите Кирил и Методиј ќе исчезнеше. Неговите траги ќе беа набргу заличени. Свети Климент е основателот, родоначалникот, организаторот и најпредадениот учител на Охридскиот Универзитет, најстарата словенска висока просветна установа не само на Балканот и во Европа, ами и во светот. Се знае дека низ него поминале и се оспособиле повеќе од 3.500 духовни пастири, учители и просветители.

Оваа грандиозна македонска духовна личност е првиот оригинален словенски теолог и голем научен работник. Неговите книжни дела и денес претставуваат висок и генијален творечки домен. Затоа, не случајно Свети Климент се смета за патрон на Македонската Православна Црква, која, од нејзината обнова во 1958 и 1967 година, се именува Светиклиментова, а е прифатен за патрон од целиот наш благороден македонски народ.

Благодарение на нашата актуелна власт, денот на свети Климент е прогласен и за државен празник. Свети Климент е основоположник на првата словенска Црква, на нашите простори чии корени се од апостолско време, а врз основа на која израснува идната славна Охридска Архиепископија, која во своето илјадагодишно постоење допринела најмногу за сестрано развивање на македонскиот творечки гениј и за запазување на нашата национална македонска самобитност. Подигнал голем број цркви и манастири. Се упокоил во Господа на 9 август 916 година. Бил погребан во неговиот манастир на свети Пантелејмон , каде бил сместен Охридскиот Универзитет. Неговите свети мошти денес, во блажен мир почиваат, во посебен саркофаг, во новообновениот манастир на свети Пантелејмон на Плаошник.

Свети Климент, бил широко образован христијански мисионер, родољубец и благодетен молитвеник, исполнет со безгранична љубов кон сите луѓе, а особено кон својот народ и кон своите ученици и соделатели.

Духот и делото на свети Климент е длабоко внедрен во душите и срцата на сите верни христијански македонски синови и ќерки, и овде во Татковината и насекаде по светот каде што нѐ има, а нѐ има многу.

Животворниот дух и бесмртното епохално дело на Охридскиот свештеноначалник и чудотворец нека ни помага уште повеќе да го доизградуваме и разубавуваме нашето заедничко возвишено црковно-народно дело, за целосно преуспевање на нашата Света Црква, на нашиот благороден македонски народ и за толку посакуваниот насушен вечен мир и благосостојба во нашата сакана Македонија.

Да му се помолиме на вечно живиот пред Бога и златен наш Свети Климент и натаму да нѐ закрилува, вдахновува и умудрува. Тој да раководи со нашата Света Црква и Татковина, та заедно со целиот наш Богоблагословен народ да одиме во пресрет на полна животна радост. АМИН!“