Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Излезе од печат јубилејниот број на списанието „Премин“ (06.01.2011)

Јубилејниот број на „Премин“ е посветен на патронот на нашата Света Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, свети Климент Охридски. Го отвора интервју со Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, а централното место им е посветено на житието и делото на свети Климент, како и на препевот на современ македонски јазик на неговата Служба на светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици со коментари – прилози од нашите млади соработници Петар В. Георгиевски и Гоце Ристески. По повод 1100 години од упокојувањето на свети Наум Охридски, го објавуваме и излагањето на Митрополитот Струмички г. Наум на Меѓународниот научен собир „Свети Наум Охридски и словенската духовна, културна и писмена традиција“ во Охрид. За мисијата на свети Климент како и за тековните прашања со кои се соочува Црквата кај нас, проговорија Митрополитот Европски г. Пимен и презвитерите Горан Стојчевски и Григориј Јакимов; а архимандритот Даниел од Православната Црква во Индонезија фрла светлина врз мисијата на Православната Црква во светот во интервју со о. Гаврил (манастир на св. Прохор Пчински, Мелбурн). Особен тон на списанието му даваат прилозите на професорите Јане Коџабашија и Венко Андоновски. Личниот опит од животот во Црквата е преточен во кратките написи на личности од јавниот живот: Тања Битољану Плавшиќ, Јанко Илковски, Горан Величковски, Горан и Софија Тренчовски. Голема благодарност им должиме и на Александар Дончев и Оливер Димитров (+Thanatos+) за оригиналните фотографии со кои го збогатуваат нашето списание. Актуелните случувања во Православието се покриени во рубриката Вести од православниот свет, а секој број го заокружуваат одбрани Житија на Светите. Особено нè радува што во списанието објавуваме и прилози на автори од помесните Православни Цркви.

Во списанието редовно објавуваме висококвалитетни фотографии од фрески и икони како од нашето црковно-културно наследство од минатото (Курбиново, Старо Нагоричане, Пресвета Богородица Перивлепта), така и од современата лоза која го продолжува Македонското живописно предание. Објавуваме и служби во превод на современ македонски јазик на светители за кои немало служба на македонски (преводите се од грчки, црковно-словенски), како и служби настанати во Охридската книжевна школа од Свети Климент, Свети Наум. Секој број ни е посветен на одреден празник или светител, на кој му посветуваме цел блок текстови напишани со обемно истражување на што поголем број извори, кои, на овој начин, се оригинални авторски трудови.


Целта на сето ова е да го сочуваме од заборав нашето црковно-културно богатство и предание и да му го приближиме на современиот читател.

Им благодариме на сите оние кои во овие 10 години на свој начин придонесуваа „Премин“ да опстои.

Извадок од овој број на „Премин“ можете да прелистате на следниот линк:

http://www.mpc.org.mk/Knizarnica/Premin/Broj%2069-70/index.html