Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Интервју со Митрополитот Американско-канадски Методиј во весникот „Дневник“ (07.01.2011)

 

 

Најважно е, барем кога сме во радоста на празниците, да го отвориме срцето за насушниот животен оптимизам, препорачува владиката Методиј, загрижен за моралната и идентитетска криза, за духовната сиромаштија и за омразата во која живееме

 

 

 

 

Петта година откако сте хиротонисан за владика, заедно со митрополитот Пимен, епископот Климент и митрополитот Иларион. Дали успеавте да внесете промени, да ја осовремените МПЦ?

- Функцијата на Црквата не е во тоа таа да му се приспособува на современото општество, туку да биде негова духовна авангарда. Таа е носител на суштинските и вечни атрибути на една религиозна култура, носител на здравиот морален критериум на едно општество. Нејзиното постоење, во таа смисла, треба да биде одраз на фактичката, или како што вие велите, современата состојба и ориентација на едно здраво општество. Подмладувањето на Синодот на МПЦ пред пет години не треба да се сфати како почеток на некаков спектакуларен пресврт во Црквата, туку како природен процес во кој една инстанција на Црквата си ја обезбедува својата иднина. Оттаму и освежувањето во црковните редови не е толку во некакво радикално спротивставување со концепциите на нашите постари браќа архиереи, како некаков гладијаторски натпревар на екипата на постарите и помладите, туку во можноста секој од нас да го вложи своето духовно искуство и своите таленти во оној делокруг, т.е. во црковната диецеза која му беше поверена на духовна грижа.

Какви промени Вие би посакале во црковното дејствување?

- Пред сè поорганизиран пристап и поголема транспарентност во комуникацијата со јавноста, особено со медиумите. Црквата во својата активна мисија треба да го зачува достоинството на учител и просветител на народот. Овој разговор е одличен пример за тоа. Се договоривме за Божикно интервју, а епитетот Божикно не е оправдан со ниту една реплика во него. Со тоа не би сакал да Ве дисквалификувам Вас како квалитетен новинар, ниту Вашиот почитуван весник, но тоа е показател дека на луѓето професионално ангажирани во јавните медиуми, по прашањата врзани за Црквата, првата асоцијација или инспирација не им е во содржините од христијанската духовност, од културата на празнувањата или есхатолошкиот оптимизам што човекот го наоѓа во црковното учење, туку нешто сосема друго, нешто премногу формално, а премалку човечко. Ние, луѓето од Црквата, не треба да забораваме дека сме повикани да ги даваме вистинските одговори уште пред да бидат поставени погрешните прашања.

Сметате ли дека МПЦ толку се доближи до световната власт (митрополитот г. Иларион благослови комитет на ВМРО-ДПМНЕ), што е нарушена секуларноста на државата?

- Секој архипастир суверено дејствува во својата епархија и секој од нас е одговорен пред Бога и пред својот народ за она што го презема како дел од својата лична мисија. Од истите причини, констатацијата дека МПЦ е премногу блиску до световната власт е премногу грубо обопштување на нештата. Секое демократско општество прокламира секуларен принцип, кој, да не заборавиме, се темели на концептите од миланскиот едикт на свети Константин Велики, со кој им се гарантираат религиозните права и слободи на сите граѓани во едно општество. Од оваа перспектива, а во функција да се еманципираме од рецидивите на претходниот политички систем, треба да престанеме да ги мешаме поимите секуларизам и атеизам. Меѓу нив апсолутно не постои знак на равенство. Секуларното општество не значи и општество во кое се загарантирани само правата на атеистите. Уште помалку тоа не подразбира маргинализирање на религиозните потреби и слободи на граѓаните. Ние тоа всушност го направивме со првото и второто укинување на веронауката во основното образование. Дали тоа ја прави Црквата, или која било верска заедница, поблиска да власта? Секуларистичкиот принцип подразбира непристрасност и коректен сооднос меѓу институциите на државата и верските заедници. Во таа смисла, во едно современо секуларно општество, институциите на власта треба да бидат покровители, а не цензори на духовното и културното живеење. Во сѐ друго релациите меѓу Црквата и државата ќе се сведуваат на манипулација, антагонизам и меѓусебна злоупотреба. Со еден збор - пекол.

Сметате ли дека граѓаните повеќе кокетираат со религијата, отколку што се искрени верници?

- Кој може да ја измери религиозноста или посветеноста на еден човек во верата? Сите ние сме неповторливи како личности, па и нашите мотиви, или потребата да веруваме или не, се апсолутно различни и уникатни. Со позитивен или негативен предзнак. Еден од темелниците на христијанската етика е јасната дистинкција меѓу гревот и грешникот, меѓу болеста и болниот. Против гревот т.е. болеста ќе се бориме со сите благоразумни сили, нема да ја оправдуваме, ниту ќе ја прифаќаме, но поради тоа не значи дека на грешникот, т.е. болниот треба да фрламе со камења. Конечно, кој е совршен, кој е безгрешен? Само еден Бог. Ако немаме сили да го љубиме човекот со сите негови слабости и доблести, барем да се научиме да го сожалуваме во неговиот привремен пад. И преку она што го зборувам и пишувам, а уште повеќе со сведоштвото на она што го живеам, укажувам на лошите навики и неразумните обичаи што со своето вкоренување суштински го разнебитуваат нашето морално битие. Што се однесува до кокетирањето како симптом, тоа е својствено на сите историски епохи и во сите религиозни култури. Тоа некогаш е воведна фаза, некогаш е беконовски идол на театарот, а опасен е имено тогаш кога се претвора во хронично заболување на душата. Тоа е како да глумиме дека јадеме. Во еден момент едноставно ќе умреме од глад.

Дали сте оптимист дека СПЦ ќе се согласи прво на преговори, а потоа и за решение, особено сега кога е актуелен случајот со Вранишковски?

- Вранишковски не беше актуелен случај ни тогаш кога беше актуелен случај. Како што уште пред неколку години една ваша колешка, жал ми е што во моментов не можам да се сетам за нејзиното име, убаво го опиша скандалот со Вранишковски: тоа е како сообраќаец да казни возач на „фиќо“ затоа што возел со брзина од 300 километри на час. Не знам дали станува збор за патолошка потреба од сензационализам, ослабени инстинкти за самоодржување на личното достоинство или едноставно мазохизам, но постојаното површно реконтекстуализирање на еден инсталиран раскол во МПЦ, која единствена меѓу помесните православни цркви го немаше овој проблем сѐ до кутриот Вранишковски, е благо речено симптоматично. Пред сѐ, не е прашањето дали СПЦ ќе се согласи или не, и дали ќе даде некакво решение или не, и согласноста и решението зависат од задоволително ниво на добра волја и црковна дипломатија и на двете страни, што според моето скромно мислење во моментов недостигаат. СПЦ се соочува со исклучително тешки внатрешни искушенија и расколи и ниту е подготвена, а не се забележува и некое особено расположение процесот на преговори до конечна разрешница да продолжи. Екстремната поларизација во Соборот на СПЦ од една страна, но и политичката услуга што за големи пари дел од српските архиереи им го направија на нашите банкротирани соседи од југ со парализирање на разрешницата од преговорите преку креирањето и наводното признавање на таканаречената ПОА, ги доведоа нештата до (се надевам) привремен апсурд.

Можни ли се некакви преодни решенија како „самостојна“ или „автономна“ во рамките на СПЦ за потоа да ни биде признаена автокефалноста?

Преодните решенија и опции се веќе општо место. Сите варијации се толку пати повторувани што е дегутантно да се преповторуваат. Најважно е да не се отстапува од канонско, т.е. црковно решавање на проблемот. Политиката го расипа и со политика нема да се поправи ништо во него.

Дејствувате во Американско-канадската епархија на МПЦ. Загрижени ли сте за опстојувањето на македонскиот идентитет во дијаспората?

- Многу сум позагрижен за опстојувањето на нашиот идентитет тука, во татковината, одошто оној на нашите во светот. Толку долго ни се сервира идејата дека Европа или некој однадвор, магиски, по брза постапка, откако ќе задоволиме некои невозможни, а често и непристојни услови, ќе нѐ пушти низ портите во посакуваната благосостојба, што почнуваме да се однесуваме и да се чувствуваме крајно исфрустрирано. И на професионален и на приватен план. Не постои политички или културен натпревар меѓу разномислените партиски опции, ако воопшто може да се зборува за некоја сериозна и конзистентна идеолошка диференцијација, или опции. Наместо тоа, сѐ почести се ерупции на сирова навивачка омраза која длабоко загазила во реваншизам и лични навреди во кои секој секому сѐ може да му каже, без оглед на консеквенците, а за чистиот образ или достоинството не станува ни збор. Моралната криза, која не се гледа, е многу подлабока од материјалната, која е секогаш видлива, по ќошињата, крај контејнерите за отпадоци, на раскрсниците, во болниците, зад школските дворови итн. Така работите се согледуваат од дистанца.

Мислам дека најважно од сѐ е, ако не во текот на целата година, барем кога сме во радоста на празниците, да го отвориме срцето за насушниот животен оптимизам, издигнувајќи се над инерциите на секојдневните грижи и проблеми, кои некогаш ни се чинат многу пофатални, отколку што навистина се. Со радост да си го носиме крстот и да си го чуваме човечкото достоинство поради кое Бог се роди и стана Човек.

Бранко Ѓорѓевски - Дневник