Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Интервју со поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан (07.01.2011)

Скопје, 5 јануари 2011

Ваше Блаженство, како ја оценувате 2010 година за Македонската православна црква?

Светиот апостол Павле советува да внимаваме како живееме и да го ползуваме времето корисно (Еф. 5, 15-16), објаснувајќи ја на тој начин тајната на времето. Имено, времето е вовед во вечноста и затоа треба да внимаваме како го живееме, а со тоа и каква вечност си создаваме! Господ Христос вели дека дошол да ја проповеда богопријатната година Господова (Лука 4, 19), односно да ја објави годината што не завршува, да ја објави вечноста. Ете, така треба да го разбереме времето поминато и врамено во една година. И секое време има значење само доколку го ползуваме за духовно преображение и растење во доброто, во вистината и љубовта, односно во правењето на ново срце и нов дух (Езекил 18, 31).

Годината што измина го потврдува токму тоа, дека времето треба да го мериме по содржината со која е исполнето. Во таа година, како Македонска црква и народ, особено Му благодаревме на Бога за дарот што го имаме во светата личност и делото на преподобниот отец Наум – Охридскиот Чудотворец. Одбележавме 1100 години од неговото блажено упокојување и се потсетивме за тоа какви духовни великани израснале во времето и просторот македонски и се удостоиле со ореолот на светоста и вечноста. Од настаните во 2010 Лето Господово би ги издвоиле и осветувањето на новоизградениот македонски храм во Тринген – Швајцарија, посветен на свети Наум Охридски, како и камен-темелникот за обнова на Светиклиментовиот Универзитет на Плаошник во Охрид. Исто така, треба да го забележиме воведувањето во нашето образование на предметот Етика во религиите, иако тоа се случуваше и се случува под потребното ниво и сериозност, особено од некои директори и градоначалници.

Речено е дека денот е како илјада години и илјада години се како еден ден (2 Петар 3, 8). Затоа, да го користиме времето, и во годините пред нас да создаваме дела што нема само да не надживеат, туку дела што ќе трајат долго, што ќе живеат вечно.  

Има ли нови најави за продолжување на дијалогот меѓу Македонската православна црква и Српската православна црква. По доаѓањето на новиот српски патријарх Иринеј се очекуваше раздвижување на работите?

За жал, конкретни нови најави за продолжување на разговорите меѓу двете цркви нема. Во прилог на тоа не одеа и некои внатрешни случувања во СПЦ како и проектот „Вранишковски“. Од наша страна сме подготвени за дијалог, зашто само на тој начин може да се надмине оваа непримерна состојба, која е на штета на целото православие. Ние веруваме дека неговата светост, патријархот Иринеј, ќе се заложи во блиска иднина да дојде до надминување на повеќедеценискиот спор меѓу двете цркви.

Политичарите во двете земји велат дека нивна работа е да создадат подобар амбиент, но оти тоа е прашање што треба да го решат двете цркви. Дали е само меѓуцрковен проблем или има и политика?

При една средба во Белград, во далечната 1991 година, тогашниот српски патријарх Павле рече: „меѓу двете Цркви нема богословски разлики, разлики во учењето... Меѓу нас проблемот е во љубовта! Затоа, да работиме да расте љубовта меѓу нас... “. И денес стоиме зад оваа констатација.

Инаку, познато е дека царевото е за царот, Божјото за Бога (Мт 22, 21). Но, би било од голема помош доколку и политичарите искрено се за надминување на проблемите меѓу нашите две цркви. Јас верувам дека се. Историјата покажува дека и нема православна црква за чија самостојност црковната и државната власт не се застапувале заедно и не се залагале подеднакво. За обновата на Албанската православна црква, големи заслуги има и државната власт, така било и при организирањето на Атинската Архиепископија во 1833 година, во времето на кралот Отон I, па и при обединувањето на СПЦ во 1920 година и сл. Инаку, се разбира, политичарите не треба да се мешаат во црковните и во канонските прашања, но добродојдена е секоја поддршка како знак на добра волја и за подобрување на односите меѓу две цркви и два народа. Ние силно веруваме дека со надминувањето на меѓуцрковниот проблем, меѓу Република Македонија и Република Србија нема да постојат отворени и нерешени прашања, кои придонесуваат за недоверба и резервираност. Секако, Пеќ и Белград имаат и морална обврска да не забораваат на Охрид и Скопје. Сегашноста и иднината и на двете цркви, држави и народи не смее да се гради без добрите спомени од минатото.       
 
Дали има ангажирање на други православни цркви, на Вселенската патријаршија, па дури и на Римокатоличката црква за решавање на статусот на Македонската православна црква?

За состојбите во кои се наоѓаме како Црква ги информираме сите помесни православни цркви, како и претставниците на другите конфесии со кои доаѓаме во контакт. Исто така, запознати се и највисоките кругови на Католичката црква, но, сепак, нашево прашање треба да се реши во кругот на Православната црква, најпрво во Константинопол и Белград и, се разбира, со поддршка и прифаќање од страна на сите помесни цркви. Добродојдена е помошта и од сите други, кои правилно ја разбираат вистината за МПЦ и македонскиот народ и искрено сакаат да ни помогнат. Ние веруваме дека никому не му е во прилог да се игнорира една древна Црква, каква што е Охридската Архиепископија, возобновена како Македонска православна црква.  

Продолжуваат атаците по или врз македонското име, идентитет, јазик и култура. Македонската православна црква е неделив дел од македонското опстојување. Како ги оценувате тие напади и оспорувања на се што е македонско?

Ништо не е случајно: ниту неприфаќањето на МПЦ од некои сестрински помесни Цркви, ниту негирањето на името на Република Македонија и на се што ни припаѓа како народ македонски. Тие политики на некогашните кројачи на македонските територии и причинители на многуте голготи, егзодуси и најразлични несреќи, за жал, и денес се практикуваат од одредени центри! Но, трпение – спасение, рекол народот. Имаме духовен и интелектуален потенцијал со кој можеме да одговориме на секој предизвик. Веруваме, и Божјата правда и вистина се на наша страна и затоа да не се плашиме од никаква сила и закана, туку да опстоиме на нашето право да го браниме своето.

Но, пред се, нашата задача е да бидеме сплотени како народ, меѓу нас да има слога, да чиниме добро секому, да го правиме сето она што ќе ни биде од полза за нашето севкупно заедничко живеење, да ја негуваме својата култура, а најважно од сè - да ја чуваме и живееме својата вера и, секако, да опстоиме во вредностите што се докажани, што се природни и својствени на човекот. Само така ќе ја заштитиме светоста на бракот и семејството, ќе ги воспитуваме правилно своите деца, само така ќе создадеме добра и здрава иднина за нашиот народ.

Рената Пепељугоска