Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Преку подвиг и духовна будност до заедница со Бога (07.01.2011)

По повод десетгодишнината од излегувањето на првиот број на „Премин“, во ова јубилејно интервју со Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, го замоливме да ги сподели со нас своите размислувања за Црквата, народот, духовноста, како и за начинот на кој е можно спасението на човекот на денешницата, соочен со сериозни предизвици за зачувување на својата вера...

Нека зборовите на нашиот Архипастир бидат своевидна честитка по повод десетгодишниот јубилеј на непрекинато дружење на списанието со своите читатели...

На многаја лета!

уредникот

 

 

Преку подвиг и духовна будност до заедница со Бога

1. Од МПЦ – Охридска Архиепископија (историски гледано, во постојан костец) произлегоа личности со големи духовни дарови. Кои се почетоците и кога е зајакнато монаштвото во Р. Македонија?

Монаштвото, велат светите Отци, е крвоток на Црквата. Ова само по себе ја истакнува неговата важност за севкупниот светотаински живот на Православната Црква, а, секако, и за нејзината благородна и единствена мисија – спасението на секој човек.

Почетоците на монашкото воскресение во Македонија ги имаме во блаженоупокоениот Гаврил Светогорец, подоцна епископ Велички, кој, по долгогодишниот подвижнички живот на Света Гора, почна да го заживува отшелничкото монашко живеење во неколку наши манастири, особено во Лесновскиот, што подоцна продолжија да го негуваат и неговите духовни чеда, меѓу кои се и сегашниот игумен на манастирот Свети Наум, архимандритот Нектариј, па јеромонахот Прохор и др. Но, вистинското организирано монашко живеење започна во раните деведесетти години. Тогаш, со осамостојувањето на Македонија, како да се создадоа и подобри услови за таков подвиг. Не дека тие не постоеја и пред тоа, но Црквата до тогаш како да беше фокусирана на устројувањето на некои други работи, кои не можеме да кажеме дека не беа ни повеќе ни помалку важни од ова. Секако, и во тој период имаше монаштво во Македонија, но тоа се броеше на прсти. Затоа велиме дека вистинското возобновување на монаштвото се случи во почетокот на деведесеттите, со иницијатива на Светиот архиерејски синод на МПЦ. Тогаш беше повикан од Света Гора јероѓаконот Наум, сега митрополит Струмички, а заедно со него, во Македонија се врати и отец Климент, сегашниот епископ Хераклејски, кои беа собраќа во манастирот Григоријат. Неговото високопреосвештенство г. Наум започна со духовното заживување на струмичките манастири Водоча и Велјуса, каде што се формираа монашки братства и сестринства. Од друга страна, пак, во западниот дел на Македонија, под раководство на неговото високопреподобие, архимандритот Партениј и неговиот собрат отец Иларион, сега митрополит Брегалнички, почна да се формира и друг монашки центар – Бигорскиот манастир, со метохот во Рајчица. Монасите што растат во овие духовни центри, очекуваме да се покажат како добри духовници, мисионери и, секако, идни кадри за потребите на МПЦ.

Иако, мораме да споменеме, имаше и такви коишто водени од желбата за власт се погордеаја и го промашија својот повик и тргнаа по нецелисходни цели и идеали. Но тоа е, всушност, и потенцијално во монашкото живеење, зашто ако се промаши подвигот, кој подразбира постојана молитва, апсолутно послушание кон духовникот на манастирот, тогаш не се расте по мерата на Христа. 

2. И од таму, кои духовни дарови станаа значајни премини кон Христос?

Даровите од возобновеното монаштво се огромни: многу од нашите живи манастири поради присуството на монаштво постојано се посетени од многуброен народ, кој доаѓа духовно да се нахрани и напои од овие непресушливи извори на благодатта. Возобновувањето на монаштвото, во голема мера значеше и континуитет на светопреданискиот дух на Црквата, значеше истакнување на светотаинскиот живот на Црквата, на литургискиот начин на живеење итн. Нашите манастири во овој период не се возобновуваа само духовно, туку и материјално, така што се обновија стари манастирски конаци, а се градат и многу нови, од темел се изградија и нови манастири, со храмови и конаци.   

3. Ваше Блаженство, во декември 2000 година,  Вие  до сите нас (во првиот број на списанието „Премин“) ја упативте пораката: „Всушност, прашање е колку е живот живеењето без вистиската Цел“. Колку духовно се обновуваме, растеме како народ?

За секој православен христијанин, за секој вистински богољубец, таа духовна цел е Господ Христос, односно да станеме христоподобни, да се обожиме. Затоа велиме дека таа е мисијата кон која мора да се сосредоточи нашата света МПЦ, нејзиното свештенство и монаштво, секако, под будното око на епископите. Таа цел се остварува единствено преку здрав и континуиран духовен живот во Црквата. Не мислам само на храмот, туку на заедницата. Значи, живот со молитва, пост, послушание, исповед, добри дела и Евхаристија. Доколку го практикуваме сето ова, тогаш ќе растеме духовно, и индивидуално и како народ. Свесни сме дека нашиот народ се соочува со многу искушенија на современието, кои го водат во ерата на т.н современ атеизам, кога можеби постоењето на Бога не се негира директно како во минатото, но до тој заклучок се доаѓа преку изменувањето на свеста на човекот, кога неприродните и нецелисходни работи се гледаат како цел во животот.

4. Македонскиот народ со векови во длабочините на својата душа ја чува верата и љубовта кон нашиот Господ Исус Христос. На што најмногу треба да внимаваме, за да станеме живеалиште на Светиот Дух?

Да, нашиот народ е богољубив. Тоа ни го покажува и историјата, ни го сведочи и сегашноста. Во минатото, под јаремот на иноверното ропство не се напуштала верата, па дури и со глава се плаќала, а верувам дека и денес православниот човек и Црквата ќе научат како да одговорат на современиот тиранин кој сака духовно да нè пороби, правејќи нè луѓе според својата мера, која нема ништо заедничко со Бога. Зашто денес под превезот на некаква демократичност – ни се нуди некаква инстант традиционална побожност, која нема ништо светотаинско во себе, нема никаков подвиг. Ни се нудат некакви задоволства, кои се прикажуваат како права и придобивки на современиот човек, но Црквата препознава и затоа опоменува дека тие се штетни за спасението на човекот. Затоа, треба да бидеме будни, како што и ни порачува Самиот Спасител. Ако бидеме духовно внимателни и ја живееме верата, тогаш ќе имаме секаков успех. Зашто, Бог го милува оној што се труди, како Татко, полн со љубов, го милува синот што Му се обраќа со почит и љубов.   

 

Разговорот го водеше
Калина Трпеска

Извор: списание „Премин“