Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Богојавление (21.01.2011)

Сакајќи да го спасиш заблудениот човек, не сметаше дека е недостојно да се облечеш во облик на слуга, зашто требаше Ти - Господарот и Бог, заради нас да ја примиш нашата природа, бидејќи Ти - Избавителот, кога се крсти по тело, нас за прошка нé удостои. Затоа Ти повикуваме: Христе Боже наш, слава Ти.

(вечерна стихира на празникот)


Неслучајно овој празник, како почеток на нашето просветување, во древноста е нарекуван Ден на Светлината. На овој ден Христос се јави на светот и почна јавно да поучува и прави чуда - тргна да пострада за родот човечки, проповедајќи и творејќи го нашето спасение. Исполнувајќи го законот, Он дојде да се крсти на Јордан. Небесниот Цар смирено ја приклони Својата глава под десницата на Својот слуга, се поклони Творецот пред својата творба. Затреперил Јован, а со него и целата водна природа. Се отвориле небесата;
загрмел гласот на Отецот: Овој е Мојот возљубен Син, Кој Е по Мојата волја! А Светиот Дух слегол во вид на гулаб, откривајќи ја на светот Света Троица. Така на Јордан се положи темелот на ослободувањето од гревот. Осветувајќи ја природната вода, Господ ѝ даде сила за во крштението да го препораѓа човекот и во црковните свештени обреди да ја прими благодатта на Светиот Дух за исцеление на човечките немоќи. Празнувањето во Бигорскиот свештен манастир започна уште на навечерието на 17.01, кога браќата и сестрите, заедно со присутните гости, на сеноќното бдение ја измолија благодатта на Светиот Дух за осветување на Богојавленската вода. Во тивката молитвена атмосфера на Бигорскиот храм, свечено се редеа покајните стихови на псалмопевецот Давид, означувајќи го текот на празничните Царски часови, проследени со Вечерна богослужба и Божествена Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки, г. Тимотеј, во сослужение со игуменот, архимандрит Партениј и јеромонасите од братството. Потоа, откако сите се причестија со светите Христови Тајни, со свечена литија и пеење на богојавленскиот тропар, тие се упатија кон манастирската фијала, каде со голем Водосвет, беше осветена Богојавленската вода. Торжеството продолжи и на денот на самиот празник. После свечената празнична Литургија, повторно со литија, монасите на светата Бигорска обител и многубројните придојдени гости, предводени од својот старец, архимандрит Партениј, тргнаа кон блиското село Ростуше, за и таму да го пренесат повикот на Претечата за покајание и духовно крштение, преку благодатта на Светиот Дух, Кој денес изобилно се излеа во водите. И навистина и сега, после повеќе од два милениума, не престанува овој силен глас на Крстителот - „Покајте се!“, преку неуморниот духовен труд на монашкото братство, и особено нашиот старец, о. Партениј, кој целиот се предаде на својата служба да Му ги приготви патиштата на Господа во срцата на луѓето, да го разбуди народот за покајание. Па така, и овој свечен миг на фрлањето на крстот, тој го збогати со еден боговдахновен повик до срцата на сите присутни, излевајќи ја на сиот народ Богојавленската радост:

Го чествувавме Рождеството Христово – со ѕвездата се движевме, со мудреците се поклонивме, со пастирите бевме озарени, со ангелите славословевме. Сега празнуваме друго Христово дело, друго таинство. Не можам да го сокријам своето духовно задоволство и добивам вдахновение да проповедам како Јован, макар што не сум Претеча. Христос се просветува – да се озариме и ние со Него! Христос се крштева – да влеземе и ние со Него и со Него да излеземе! Исус се крштева – многу нешта открива оваа тајна. Кој се крштева, кој Го крштева и кога се крштева? Се крштева Чистиот; Го крштева Јован; се крштева, кога започнува да прави чудеса! Што значи тоа? На што треба да се научиме? Должни сме да се очистиме душевно, да се покаеме и смириме, па да може и да проповедаме, откако сме добиле усовршена духовна и телесна возраст.

Мислено да застанеме пред Јордан и да ја видиме тајната, што се извршува во него! „Морето виде и избега, Јордан се врати назад.“ Да го видиме Јован, кој го извршува крштението над Оној, Кој ги зема врз Себе гревовите на светот. Да го видиме и Отецот, Кој одозгора сведочи за преславното снисхождение на Својот Син. Да Го видиме и Духот Свет, Кој слегува во вид на гулаб и застанува врз Посведочениот. О, преславни чудеса на преславниот Цар! Како трулежната рака, која се допрела до Главата на сета вселена, не согорела? Кој видел и кој чул некогаш, сено да се допре до оган и да не биде повредено од пламенот? Навистина блажена и три пати блажена е таа фиданка на Захариј и Елисавета. Блажени сме и ние, кои Го гледаме Единородниот Син Божји, Светлината на светот, Која го распрснува мракот на ноќта.

На светото Крштение Христово му даваме различни имиња: дар, благодат, крштение, помазание, простување, нетлена облека, бања на препородувањето, печат – сè што за нас е многу чесно. Го нарекуваме: дар – бидејќи се дава на оние, што не придонесуваат од себе си; благодат – бидејќи се дава на оние, што уште должат; крштение – зашто во водата се погребува гревот; помазание – како нешто свештеничко и царско, зашто царевите и свештениците се помазуваат; просветување – како светлина; облека – како засолниште од срамот; бања – како измивање; печат – како знак и залог за господство. За тој дар заедно со нас се радуваат и небесата; него го славословат и ангелите, поради сродството со светлината; тој е образ на небесното блаженство; него сакаме и ние да го воспееме, па макар и да не можеме, колку што е неопходно!

Господи, Ти навистина Си чист и вечен извор на благодат! Ти справедливо Си се одвратил од нас и човекољубиво Си нè помилувал. Ти нè намрази и пак се помири со нас, нè  проколна и нè благослови, нè изгони од рајот и пак нè повика. Ти ја симна од нас ризата на срамот и нé  облече во скапоцена облека; ја отвори темницата и ги ослободи осудените; нè пороси со чиста вода и нè очисти од нечистота. Нема веќе да се срами повиканиот од тебе Адам, и нема да се крие зад дрвото во рајот, изобличуван од својата нечиста совест. За сето ова, да ја испееме пред Бога радосната песна, што во древноста, устата пророчка ја возгласила, вдахновена од Светиот Дух: „Многу ќе се радувам во Господа, душата моја ќе се развесели во мојот Бог: зашто Он ме облече во спасителна облека, ми облече облека на правда, како на младоженец ми стави венец и како невеста со накит ме украси“ (Иса. 61, 10).

А за најсреќниот, кој го имаше Божјиот благослов да го фати крстот, и тоа по четврти пат, градоначалникот на Ростуше, г-дин Мукрем Мехмети, и нашиот долгогодишен спонзор „ХА-ЕМ“, повторно припремија пригодни подароци.

 

     

 

                                 

 

      

 

      

 

     

Извор: Бигорски манастир