Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Велигденска честитка (21.04.2011)

Воскреснатиот Спасител Господ Исус Христос ни порачува:

 

Јас сум Воскресението и животот;

Кој верува во Мене, и да умре, ќе живее”

(Јован 11,25)

 

 

Возљубени во Господа,

 

            Со Христовото Воскресение му се објавува смислата и на создавањето и на постоењето на светот и човекот! Господ, од Својата преголема љубов, го создаде човекот по својот образ и подобие за вечен живот во заедница со Него, како круна на својата творба.

            Бог е живот и единствен Извор на животот! Празникот на празниците – Христовото Воскресение – Велигден е празник на нашиот вечен живот.

            Затоа како чеда на нашата Света Црква, да Му благодариме на Бога за љубовта и милоста со можноста што ни ја дава да учествуваме во воскресенските Велигденски богослужби, исполнети со богомдарувана радост, следејќи ја незаодливата вечна светлина што извира од светиот Христов гроб, исполнети со воскресенска молитвена радост и Боженствена евангелска љубов.

            Како чеда на библиска Македонија и сеоддајни синови и ќерки на нашата мајка Светоклиментова Македонска Православна Црква, должни сме да градиме трајни епохални дела по примерот на нашите ретко доблесните синови и ќерки на Македонија од нашето многустолетно опстојување на нашите родни македонски огништа. Во континуитет пазејќи го љубоморно создаваното наследство културно – историско богатство. Да се трудиме вредностите да ги надоградуваме со создавање на нови уште повеличенствени и порепрезентативни и како потврда на времето во кое живееме и се потврдуваме со добрите трајни дела.

            Да ги чуваме љубоморно нашите неменливи свети вредности. Да му го земеш името на еден народ – да го обезимениш исто е што му ја земеш душата – двигателот на човековото живеење и творење. Господ на нашата Ттковина Македонија и на сите нас нејзините верни чеда ни дарувал изобилни добра и убавини. Треба да Му се радуваме на убавите Божји дарови и постојано да ги разубавуваме.

            За секој еден од нас претставува привилегија и голема чест, што ја имаме Божјата милост, да се родиме на македонското тло. Да бидеме почастени и ценети како достојни синови и ќерки на библиска Македонија.

           

БРАЌА И СЕСТРИ ВО ГОСПОДА,

 

            Со воскресението Христово нашиот живот доби ново вреднување. Со воскресението Христово замина стариот, а воскресна новиот човек. Со воскресението Христово слободата влезе во човечкиот живот. Тоа е најголемиот дар од Бога за целиот човечки род. Со Христовото воскресение и човечкото достоинство постана вечно и неуништливо, доброто триумфира над злото, а љубовта се потврди дека е вечна и дека Бог не е Бог на мртвите, туку Бог на живите, бидејќи човекот ќе се здобие со Царството Божјо.

 

Возљубени чеда во Христа,

           

            Велигден е суштина на Христијанството! Со Христовата воскресенска победа човекот го спечали и своето воскресение.

            А љубовта и милоста Божја према нас нема ниту временска граница, ниту ограничување. Таа на сите исто им се дарува, таа е вечна, сеопфатна и безгранична.

            Затоа, оној којшто е Христов и сака да биде Негов во вечноста, нека се исполнува со Неговата воскресна, вечна и од смртта посилна љубов.

            Празникот Велигден сите не воспитува на доброто. Имаме многустолетна историја и долга христијанска традиција. Македонија е местото каде во Европа започна да се шири светото Евангелие и христијанската цивилизација која донесе и гради вечни и непропадливи вредности. Врз минатото, не ќе имаме сегашност и не ќе си обезбедиме уште посветла иднина, за нас а особено за нашите идни поколенија, без таквите вредности.

            Нашиот богољубив народ празникот на Христовото воскресение го нарекува Голем ден – Велигден, со тоа ја искажува суштината и величественоста на Празникот над празниците и на големиот спасоносен настан. Настан кој не повикува да се сплотиме како народ, да си простиме еден на друг, братски и со љубов да си подадеме рака, покажувајќи дека сме добри, примерни и сеоддајни чеда на Македонија и на нашата Света Православна Црква. Вечноста на Македонија треба да почива на нашата меѓусебна почит, према секој и секого, љубов и мудрост. На тој начин ја надоградуваме слободата и содржината за нашето вечно опстојување и како народ, како Македонска суверена демократска држава и света автокефална Македонска Православна Црква.

            Здружени и збратимени, заедно со целата Небесна хиерархија да воскликнеме: “Нека Му е слава во висините на Бога на земјата мир и меѓу сите луѓе добра воља”.

 

Христос воскресна!

 

Навистина воскресна!

 

 

На Воскресение Христово – Велигден,
2011-то лето Господово

                                                                                               

МИТРОПОЛИТ ПОЛОШКО-КУМАНОВСКИ
+ КИРИЛ