Библиотеката на Константинови во Бигорски (29.05.2011)
Во петокот на 14/27 мај 2011 л. Господово, според чудесната и неиспитлива Божја промисла, свештената Бигорска обител се закити со нешто многу вредно и од големо значење, како за вековната културно-историска и духовна мисија на Бигорското светилиште, така и за ентитетот и славната историја и богата традиција на македонскиот народ. Имено, благочестивите Бранимир и Минка Константинови и нивните две ќерки Љубица и Христина од Битола благоволија на нашиот манастир да му подарат значителен дел од библиотеката наследена од таткото на Бранимир - покојниот Душан Хр. Константинов. Библиотечната граѓа била собирана седумдесетина години, а прва генерација која започнала да ја оформува оваа приватна библиотека се брачните другари: Христо(правник) и Христина (наставник) Константинови. Втора генерација што го продолжи развојот на библиотеката се синовите: Душан, Милош и Ѓорѓи Константинови, од кои Душан бил најревносниот колекционер и истражувач на книгите.
Д-р Душан Хр. Константинов (1924-2002) бил етнолог, публицист, книжевник (автор на драмски дела), голем интелектуалец, полиглот, научен работник, познат историчар во РМ и надвор од неа, еден од основачите на Друштвото за наука и уметност - Битола и прв секретар, човек што објавил голем број на трудови од научен, публицистички и др. карактер. Роден бил 1924 г. во Крагуевац (Р. Србија). Основно образование стекнал во Крагуевац, средно образование во Битола, а Филозофски факултет во Скопје, докторирал двапати - првата тема му била од областа на етнологија (за печалбарството) и втората за револуционерното дело на Дамјан Груев. Освен со научна, новинарска, книжевна и публицистичка дејност тој се занимавал и со преведување, а како круна на неговото творештво е преводот на Библијата на современ македонски јазик во 1997 год. Поважни трудови му се : „Битола 1903“ (монографија), „Дамјан Груев“ (монографски труд) и други. Неговиот придонес е голем во расветлувањето на организацијата и настаните во Илинденскиот период и голем број револуционери и организатори од тоа време. Д Константинов со портрет и со биографски податоци е застапен во енциклопедијата „Луѓе на успехот“ на Кембриџ, Англија. Почина 2002 г. во Битола.
Целокупниот книжевен фонд на Константинови брои околу 25 000 наслови и 30 000 примероци монографски публикации, со што оваа библиотека е регистрирана како најголема приватна библиотека во „најградскиот град во Македонија“, како што се вели за старата Битола. Застапена е литература од скоро сите области: историја, теологија, етнологија, философија, историја на уметност, црковна историја, психологија, антропологија, медицина, лингвистика, разновидни речници, енциклопедии, белетристика, земјоделие, нумизматика, етика, природонаучна литература... Исто така, многубројни се и јазиците на кои се напишани книгите: англиски, бугарски, германски, грчки, еврејски, латински, македонски, руски, словенечки, српски, турски, француски, хрватски, црковнословенски и др.
Бранимир Констстантинов, последувајќи го својот побожен татко, го подари најголемиот дел од библиотеката на Бигорскиот манастир, притоа истакнувајќи ја својата радост, што даде исклучителен придонес за возобновување на евангелско-просветната дејност на ова големо духовно и преродбенско светилиште на нашиот народ. Ова великодушно дело на семејството Константинови засекогаш ги запиша нивните имиња во диптихот (поменикот) за вечно молитвено сеќавање. Голема е нашата радост, но особено е голема радоста на великиот Претеча и Крстител Господов Јован, што неговиот дом се здоби со толку убава и вредна библиотека.
Извор: bigorski.org.mk