Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија во Охрид (03.07.2011)

„Откако се соедини со Христа, си го оставил телото, Науме преблажени; духовно живеејќи, си се грижел да се подвизуваш како апостолите, и за верата го придоби неизбројното мноштво Мизијско. Затоа, со твоите молитви, избави нè од искушенија.“ (тропар на св. Наум)

 

На 03.07.2011 година го прославивме споменот на преподобниот Наум Охридскиот Чудотворец. Со свечени богослужби во сите храмови на нашата епархија беше славен и величан „наставникот на монасите и собеседникот на ангелите“, а централната богослужба беше во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, местото на кое овој наш просветител се подвизуваше и се упокои во Христа Господа.

 

Според правилата на православната Црква, празнувањето започна уште од вечерта на 02.07.2011 година со Празнична вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј (Најдоски), игумен на Светинаумовата обител, протоереј Зоран Данев, јеромонах Доситеј, свештеник Димче Азески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. По завршувањето на Вечерното богослужение, Митрополитот Тимотеј се обрати верното паство со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме.

 

 

     

 

 

Утредента беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Митрополитот Европски г. Пимен, архимандрит Нектариј (Најдоски), игумен Јосиф, протоереј-ставрофор Тоди Јован од Поградец, Р. Албанија, јеромонах Доситеј и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач. По завршувањето на Литургијата Архиепископот Стефан се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа.

 

     

 

     

 

     

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри!

Нашата света православна Црква чествува спомен на многу светии кои Бог ги воздигнал во сила и светост за прославување на Неговото име, а за спасение на човечкиот род. Светите го прославуваат Божјото име со нивниот животен подвиг и со нивната светост до која се воздигнале преку Божјата сила. Тие изгреале како светли ѕвезди на небесниот свод на Црквата за да  послужат за спасение на луѓето кои веруваат во Бога. Доволно е верниот човек да ги упати очите кон небото со вера, да ги види ѕвездите на светоста и тој е упатен во животот и повеќе не го губи патот и правецот на доброто.

Светите се за поука и за насочување на нас верниците. Сè во нивниот живот е поучно за нас затоа што тие го следеле Исуса, но истовремено се поддржувачи и на неговите свети апостоли. Што ли не е поучно во животот на Божјите угодници? Дали нивната вера, која секогаш е длабока и чиста? Преку таа вера тие можеле да ги видат и временските и вечните нешта, да ги разберат правилно и да расудуваат за нив според нивната вистинска вредност и за овдешниот, односно земниот, но и за вечниот живот. А каква поука е за нас нивната сепредана љубов кон Исуса! Таа се искажувала во следењето на Неговата волја за љубов кон Бога и кон луѓето.

Што да речеме, пак, за нивното смирение? За нивното откажување не само од удобноста и задоволството во овој свет, туку и од сопствената волја, за да го следат Исуса во доброто и во љубовта. Смирението на светиите е восхитувачко и тоа ги издигнува многу високо, бидејќи колку повеќе човек се смирува, толку повеќе и Бог го издигнува, односно возвишува. Од нашиот личен живот знаеме дека колку еден човек е поскромен и посмирен, толку повеќе тој е издигнат во нашите очи. Има луѓе кои не ги почитуваат скромноста и смиреноста и можеби се однесуваат со невнимателност кон овие прекрасни добродетели, но таквите луѓе се исклучок. Инаку сите луѓе, преку сите времиња и во пред христијанскиот период ја вреднувале скромноста како висока добродетел која го краси секој таков човек.

Христијанството со своето морално значење му додава на скромноста и една друга многу подлабока содржина на добродетелта на смирението. Тоа е многу прекрасно. Смирението не е само обична скромност со која човек не сака да се истакне, но да се смири човек значи сознателно да се понижува пред луѓето, спокојно и мудро да поднесува секакво понижување, омаловажување, потценување и непочитување. Но, што може од сето тоа да загуби? Ништо! Како оној што го жалости би можел да измени нешто од неговата височина и ценетост на неговата личност? Со какво понижување би му го намалил вистинското достоинство? Кој и со што и како би успеал да го понижи неговиот духовен раст? Смирението е силна и високо издигната добродетел, а оние што го омаловажуваат, потценуваат и клеветат не можат да го достигнат. Тие напразно се гневат на средбата со сенката на смирението, која од високо, тивко и смирено паѓа врз земјата. Но, самиот смирен човек сè сака со љубов и би сакал да слезе при своите омаловажувачи, дури би сакал и да им се извини затоа што тие се гневни на него. Тој копнее за издигнување во доброто и во љубовта и затоа не избегнува ни можности и самиот да се понижи, за да не се почувствува некој понижен од неговиот духовен раст или духовно издигнување. Такви се Божјите светии.

Тие се подражавачи на најсовршениот во смирението – Исуса и тие ни се најдобра поука како човек може да ја постигне висината на смирението.

И уште многу би можело да се каже за да се опише образот на Божјиот светија, зашто во него е одразено и богатството на една душа. Тоа богатство никогаш не се обезвреднува, напротив, вредноста сè повеќе му расте кај сите луѓе во светот. Светиите се и за нас за поука, насочување и упатување кон доброто, светото, вредното и непреодното. Поради нашите ограничени сили и поради нашите слабости ние го сметаме смирението за тешко остварливо. Но, светиите го оствариле и со тоа ни покажуваат дека тоа може да се постигне. Кротоста, смирението, љубовта, силната вера можат да се постигнат од секој човек. Кога луѓето какви што биле светиите се издигнале на тие височини и на тие врвови, очигледно е дека и ние би можеле да се издигнеме до врвовите на Евангелската добродетелност и доволно е само да се стремиме кон нив. Тие се за нас насочување и упатување.

Најголем поттик за насочување и следење на светите доаѓа од самиот Бог, бидејќи Он ни даде благодатни дарови - сили, за да се стремиме нагоре и напред како што ги следевме восхитувачките примери на неговите свети угодници.

Голем Божји угодник е и св. Наум Охридски, чиј свет спомен денеска го чествуваме. Тој се одликувал со длабока и непоколеблива вера. Тој бил пазител на Евангелската вистина, со голема ревност ја пазел и не допуштал било какво отстапување од неа и ја чувал таква како што била заветувана од Господа Исуса Христа.

Скромноста св. Наум ја покажувал во секое негово работење, а и како учител и монах во манастирот што самиот го подигнал. Св. Наум кој бил силен и бистар дух, обдарен со многубројни таланти, секогаш се истакнувал со скромноста и смирението. Овој наш голем поет и творец на повеќе богослужбени канони, така и се потпишувал: „Ништи Наум“ или „Беден Наум“.

Св. Наум со скромност и смирение стигнал до големи духовни висини, а раздавајќи сè што имал, самиот живеел во сиромаштија. Но, со таа видлива материјална сиромаштија тој достигнал големо духовно богатство. Затоа што тие кои се откажуваат од земните богатства и од можностите да ги придобијат собираат големо духовно богатство, ги обогатуваат срцето и душата и трупаат богатство на небото „каде што ни молец, ниту ’рѓа го јаде, и каде што крадци не го поткопуваат, ниту крадат“ (Мат. 6,20).

Драги браќа и сестри,

Да ги прославуваме Божјите угодници, а особено св. Наум Охридски, бидејќи Бог го воздигнал во светата Црква за да нè води, да ни биде наш патеводител и на тој пат да биде наш помагач за да можеме достоинствено и исправно христијански да одиме по вистинскиот и правилниот пат кон Царството Небесно. А Божјата рака секогаш нека биде испружена кон нас за да напредуваме и ние во добродетелите и светоста. По молитвите на св. Наум Охридскиот Чудотворец, Бог нека ги услиши нашите молитви. Амин!