Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија во Кавадарци (08.08.2011)

На 08.08.2011 год., на денот кога Светата православна црква го чествува споменот на Св. преподобна маченичка Параскева Римјанка (св. Петка), во храмот „Св. вмч. Димитриј“ во Кавадарци се отслужи Света Архиерејска Литургија. На Литургијата чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски, Г. Г. Стефан, во сослужение со Нивните Високопреосвештенства Митрополитот Струмички г. Наум, Митрополитот Повардарски г. Агатангел и Митрополитот Брегалнички г. Иларион.

Архиепископот со свое празнично слово се обрати пред присутните верници, најпрво зборувајќи за житието на светата маченичка Параскева, а потоа и за значењето на црковно-градителската дејност, при што упати голема благодарност до надлежниот Митрополит на Повардарската епархија г. Агатангел заради, како што рече Архиепоископот „градителската ренесанса која ја доживува Повардарската епархија“ од востоличувањето на Митрополитот Агатангел за нејзин духовен раководител.

По завршувањето на Литургијата Архиепископот, митрополитите, свештениците и верниот народ се упатија кон новата црква во изградба посветена на Светата маченичка Петка, каде што се изврши осветување на камен темелник за црковната камбанарија.

 

На Литургијата и на осветувањето на камен темелникот присуствуваа и градоначалникот на Општина Кавадарци г-дин Александар Панов, претставници на институциите во градот, како и сопствениците на поголемите фирми во градот Кавадарци (Фени, Кожуфчанка, Градба Промет) кои со целиот свој капацитет се насочени кон изградбата на новата црква, чии темели беа осветени пред само една година, а веќе се привршуваат градежните работи во црквата. Со тоа градот Кавадарци, градоначалникот и општинските институции, неговите жители, фирмите од градот покажуваат како вистински треба да се негува и чува православната вера.

 

       

 

                           

 

      

 

Извор: Повардарска епархија