Плаошник (17.08.2011)
„Откако ја прими благодатта од небото да правиш чуда, и со крштението ги очисти словенските народи, ти стана похвала и слава на светителите и великопроповедник и апостол во Македонија. Имајќи, пак, смелост пред Бога, моли Го да ги спаси душите наши.“ (литиска стихира на св. Климент)
Свештениот спомен на Апостолот на македонскиот народ, св. Климент Охридски, и на светиот великомаченик и целител Пантелејмон и оваа година беше торжествено прославен во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ – Плаошник, Охрид. Тука, на местото каде св. Климент се подвизуваше и со „зборови ги упатуваше народите во верата Божја“, неизброен народ дојде да се поклони на неговите свети мошти. Прославувањето започна со свечена вечерна богослужба на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Ефтим Бетински, протоереите Сашо Богданоски и Димче Ѓорѓиески, свештениците Игор Никовски, Никола Христоски и Димче Азески и ѓаконите Владо Недески и Васко Голабоски.
Празнувањето продолжи утредента со света архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Струмички г. Наум, Митрополитот Европски г. Пимен, архимандритите Нектариј и Партениј, игумен Јосиф, протоереј-ставрофор Ефтим Бетински, протоереј-ставрофор Ефтин Велкоски, протоереј Сашо Богданоски, свештениците Игор Никовски, Горан Мантароски, Никола Христоски и Димче Азески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски, Владо Недески и Васко Голабоски. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј го поучи верниот народ со пригодно слово, кое во целост ви го пренесуваме.
Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!
Промислата Божја е таква што Бог на секој народ, на секој крај, па и на многу поедини градови им испраќа Свои учители и просветители. Господ издигнува од средината на луѓето Свои избраници и преку нив го просветува со Својата вера народот Божји.
Како што ни е познато, Рим како нивни покровители ги прославува големите првопрестолни апостоли Петар и Павле, зашто преку нив Бог ги воведува во верата на Господа Исуса Христа. Потоа, Азија, Ефес и островот Патмос го прославуваат св. Јован Богослов и Евангелист; Индија го прославува, пак, апостол Тома; Египет и Александрија - апостолот Марко. Така, секој крај, град и народ ги почитуваат и слават своите наставници кои ги вовеле во христијанството и христијанската вера.
Апостолот Павле ни заповедува: „Помнете ги наставниците... и подражавајте ја нивната вера“ (Евр. 13,7). Внимавајќи на повикот на ап. Павле, ние денеска го прославуваме и чествуваме нашиот голем учител, светител и просветител, св. Климент Охридски.
Семилостивото око Божјо погледнало кон св. Климента и засветлило во неговото срце и разум и тој ја разбрал потребата за проповедање на вистинскиот Бог, Кој е создател на сè видливо и невидливо. Он го запалил духот во неговото срце, а св. Климент безмерно се потрудил, та сите луѓе од својот народ да ги приведе во христијанство. И навистина, со неговата неуморна работа во Охрид тој го покрсти својот народ преку неговите ученици што ги подготвувал токму на овој простор, на светиот Плаошник, од каде се пренесувало Словото Божјо на разбирлив, словенски јазик кај нашите предци. Тој ја просветил целата наша земја со Сонцето на Правдата. Тој изградил безброј цркви и манастири со Крстот Христов, го осветил градот и направил безброј икони на светии. Започнало да се принесува бескрвна жртва на разбирлив мајчин јазик. Сето ова е заслуга на нашиот денешен славеник.
Св. Климент живее во едно многу сложено и тешко време. На овие простори се судираат двата интереси на Римското Царство, поточно, Западното и Источното или на верска основа, Латинското и Византиското. Господ благоволил токму тука да избере ваков човек, за преку него да покаже чудо направено преку верата кај луѓето. Светата вера православна ги изменила луѓето во времето на св. Климент и им помогнала да го слушаат Словото Господово, кажано уште во Стариот завет на царот Навуходоносор преку устата на пророкот Даниил со зборовите: „Откупи ги твоите гревови со правда, и беззаконијата твои - со милосрдие кон бедните“ (Дан. 4,24).
Љубовта и милоста што ја пројавил св. Климент за луѓето му дале голема сила и храброст пред Бога. За тоа ни сведочат зборовите од Светото писмо: „Се пофалува милоста на суд“ (Јак. 2,13); „Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани“ (Мат. 5,7) и „Оној што обрати грешник од лажлив пат, спасува една душа од смрт и ќе покрие многу гревови“ (Јак. 5,20) . Ако Господ дава таква награда за обраќање на еден човек, тогаш колкава награда нашол пред Бога златниот свети Климент? Колку што знаеме, св. Климент Охридски обратил во христијанство безброј луѓе, почнувајќи уште од Хазарската мисија со неговите учители, потоа во Моравија и на крај во Охрид и Кутмичевица. Овде, на Плаошник, тој ќе создаде и училиште со 3500 ученици, бројка која и за денешно време е восхитувачка, а не може ни да се замисли какво просветително дело било тоа пред 11 века. Верата христијанска ги препородила, скротила и им ги сменила моралните навики на нашите предци. Нашата вера ги положила темелите и основите на нашата писменост, на нашиот живопис и архитектура. Во христијанската вера се наоѓа и изворот на нашата култура и цивилизација. Верата во Христа внела во животот на нашиот народ семе на хумани принципи во општеството. Верата што Господ ја подарил преку св. Климента била достојно сеење кое донело и достојни плодови на духот. Таа вера прославила повеќе свети угодници кои претстојат пред Бога за нашата Црква, за нашата Татковина и за нашиот народ православен.
Да го прославуваме нашиот учител и просветител св. Климент, постојаниот наш претстојател пред Бога и молитвеник. Драги браќа и сестри, да ја чуваме нашата света православна вера и да го утврдуваме нашиот живот според Евангелието. За сето ова се потребни труд и усилби, но со нас е Бог Кој ни го подарува бесценетиот дар на верата и ни помага да израснеме во верата по мерата од растот на Христа, а со нас секогаш е и молитвената помош на св. Климент Охридски.
За да се сочува верата не е доволно да се има само знаење. Може прекрасно да се знае Светото писмо и неговите свештени кажувања и пак да се биде лош христијанин. Но, за да биде христијанинот она што се декларира, кон знаењето на верата за Бога и за Црквата, потребно му е да го приклучи и Црковното искуство, а тоа е вистинскиот христијански живот.
Да се помолиме семилостивиот Бог кој го просветува и осветува секој човек кој доаѓа во светот, па со молитвите на св. Климент, Он да ја закрепи нашата вера и да ни помогне да можеме да ги победиме сите суети и гревови во овој живот. Да бидеме достојни чеда на нашата света Црква, на нашата Татковина и да бидеме наследници на вечниот живот. Амин!
Митрополит Тимотеј
св. Климент Охридски; св. Седмочисленици; св. вмч. Пантелејмон
09.08.2011 година, ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ - Плаошник, Охрид
Извор: Дебарско-кичевска епархија