Промоција на зборникот „1100 години од упокојувањето на Св. Наум Охридски“ (04.09.2011)
По повод големиот јубилеј „1100 години од упокојувањето на св. Наум Охридски Чудотворец“, од 3 до 5 октомври 2010 година, во просториите на Универзитетскиот конгресен центар во Охрид, а во организација на Дебарско-кичевската епархија беше одржан научен симпозиум на кој учество зедоа голем број еминентни домашни и странски истражувачи и професори. На овој научен симпозиум беа изложени многу нови откритија за делото и животот на св. Наум Охридски, а сите овие трудови беа собрани во зборникот издаден по повод овој голем јубилеј.
Оваа прекрасна книга беше промовирана на ден 04.09.2011 година во катедралниот храм „Св. Софија“, а нејзини промотори беа Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и почитуваниот академик Цветан Грозданов, а за организацијата на промоцијата се погрижи свештеник Игор Никовски, секретар на Дебарско-кичевската епархија. Промоцијата беше збогатена со прекрасните гласови на младиот хор составен од богослови од нашата епархија и монаси од манастирот „Св. Јован Бигорски“ кој ја негува старата македонска духовна музика, а почестени бевме и со присуството на академик Георги Старделов, претседател на Македонската академија на науките и уметностите, академик Владо Камбовски, потпретседател на МАНУ, Нивните Високопреосвештенства Митрополитот Повардарски г. Агатангел и Митрополитот Европски г. Пимен, г-дин Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културно наследство на Република Македонија, протоереј-ставрофор Ацо Гиревски, декан на Теолошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, архимандрит Нектариј, игумен на Светинаумовата обител, архимандрит Партениј, игумен на манастирот „Св. Јован Бигорски, професори, автори, како и други еминентни гости.
Архиепископот Стефан во своето излагање се осврна на животот на светителот и воопшто на значењето и егзистенцијалната улога на светителите во животот на Црквата. Неговото Блаженство особено ја нагласува големината на св. Наум поради неговиот придонес во преведувањето на богослужбените книги на разбирлив јазик за неговите современици, но и неговата љубов која не бара од никого да биде претопен или асимилиран, туку посакува секој еден човек да се спаси.
Академикот Цветан Грозданов се осврна на текстовите и авторите во овој зборник и го оцени како најзначаен после издавањето на зборникот „За делото на св. Климент“ од 1966 година. Академикот Грозданов особено го истакна залагањето и трудот на авторите кои ја истражуваа цела западна Македонија, знаејќи од своето лично искуство колку труд и време бараат таквите зафати, но и остави аманет да не се запира тука, туку да се направат вакви истражувања и на територијата на источна Македонија.
На крајот од промоцијата, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, како домаќин на оваа промоција, им се заблагодари на сите кои дадоа придонес во составувањето на овој толку значаен зборник, како и на убавите зборови на промоторите, а секако и на сите кои ја збогатија оваа промоција со своето присуство. Митрополитот Тимотеј ја истакна и заслугата на секретарот на Организациониот одбор ѓакон Николче Ѓурѓиноски, а ги информира присутните и за текстот на еден од учесниците на Научниот симпозиум д-р Светлина Николова од Кирило-методиевскиот научен центар од Софија, Р. Бугарија, во светски познатата периодика PALAEOBULGARICA, број 4 од 2010 година, преку кој овој симпозиум станува познат и за пошироката светска културна јавност. Митрополитот особено се заблагодари на д-р Сашо Цветковски, директор на НУ „Д-р Никола Незлобински“ во Струга кој ја вложи сета своја сила во издавањето на овој зборник. Промоцијата заврши со пригоден коктел во предворието на храмот „Св. Софија“.
Извор: Дебарско-кичевска епархија