Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Во навечерието на манастирската слава во Бигорскиот манастир (10.09.2011)

Дојдете, луѓе, пророкот и маченик, и Крстител Сапсителов да го прославиме, бидејќи тој, бегајќи во пустина се насели, каде што јадеше див мед и зелје, и царот беззаконик го изобличи, а нашата малодушност ја утешуваше, говорејќи: „Покајте се, зашто се приближи Царството небесно.“

(Стихира од вечерната богослужба)

Со какви зборови да прозбориме за достојно да го опишеме ова денешно торжество? Кои крилати слова умеат да ја пренесат оваа неопислива благодат? Денес го празнуваме највеликиот од светиите, после Дева Марија  - Претечата Господов. Св. Јован Крстител, кој во себе носи подвизи и венци на пророк, зашто е последен од пророците. Тој е оној кој го предвести скорото доаѓање на Спасителот во светот. Тој е и првиот апостол, затоа што им го покажа на луѓето дојдениот да пострада заради  нас. И првообраз на светителите, зашто со крштевањето е првообраз на светите христијански тајни. И исповедник зашто за правда бил затворен во темница; маченик зашто примил смрт поради правдата. Тој е праведник зашто ги сочувал целомудрието и чистотата на својата душа, општејќи со луѓето и секогаш непоколебливо исповедајќи ја вистината. Како проповедник, пак, им проповедал на луѓето за покајанието – она најнеопходното за наше спасение, единствениот пат кон љубовта. Светите Отци велат: „Христос е олицетворена љубов, а св. Јован - пример на покајание“. И сега, прославувајќи го Јована Крстител, не можеме, а да не се радуваме, што во неговиот лик Господ толку многу ја издигнал човечката природа.

Во своето похвално слово во чест на св. Јован Претеча, митрополитот Тимотеј со пастирска љубов им се обрати на новите монаси: „Драги браќа монаси, Христофор, Захариј и Евфросиниј, кои вечерва го зедовте монашкиот завет! Никогаш не престанувајте да бдеете и да стражарите над вашите помисли и секогаш имајте на ум дека духовниот непријател е силен и лукав. Но, Господ, нашиот Бог, и светата Мајка Божја и св. Јован се посилни и секогаш подготвени да ви бидат од помош да го победите злото, кое неизбежно ќе ве напаѓа во вашиот монашки подвиг. Носете го ангелскиот лик за прослава на светата православна Црква, за просперитет на Светиклиментовата Македонска православна Црква, за слава на Бигорскиот манастир, а за спасение и вечен живот на вашите души. Амин!“ 

     

 

                                 

 

      

 

       

 

                           

 

      

 

       

 

      

 

       

 

                            

 

     

 

По завршувањето на вечерната богослужба, празничното ликување беше збогатено со полчасовен концерт на класична музика, во изведба на гудачкиот квартетот од Тетово, во состав на Нада Лесковска (виолина I), Глигор Кондовски (виолина II), Љубица Симовска (виолa) и Марјан Ивановски (Виолончело). Потоа настапи моментот за премиера на документарниот филм „Метох“ во изработка на режисерот Стојан Вујичиќ, продуцентот Огнен Антов и камерманот Емил Јовановски. „Метох“ е, навистина, прекрасна реализација на филмското платно, чијашто содржина е животот на монахињите од манастирот „Св. вмч. Георгиј Победоносец“ од Рајчица, метох на Бигорскиот манастир. Одлично е доловен духот на монашкото секојдневие: богослужбите, духовноста, послашанијата – со посебен нагласок на изработувањето на архијерејските митри. Промоторот на филмот, новинарката Маргарита Столевска ни го претстави филмот со овие прекрасно сложени и вдахновени зборови: 

„Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, митрополит Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, митрополит Повардарски, г. Агатангел и игуменот на Биогрскиот манастир, нашиот најмил отец Партениј, посакувам добредојде на сите вас, почитувани верници, драги пријатели, гости и љубители на бигорските убавини. Не постои човек кој стигнал до овде, а до кој не допрела благодатта на Божјата рака, исцеленијата на чудотворната икона, милоста на свети Јован и духовноста на Бигорските браќа. Овде сѐ е Божја убавина, како парче скинато од рајот, подарено на секој од нас да нѐ зближи преку молитвата и да нѐ соедини во добрината. Овде сите сме едно, едно срце и една душа. Бигорски е дар и украс, инспирација на уметниците и исцеление на верниците... Отесекогаш било и ќе остане така. Сѐ овде е вечност, белег на бесценета вредност... И ова небо... и овие води... и секој камен... сѐ станува вечност... Тука сме вечерва да оставиме уште еден белег на ремек делото на мијачките мајстори, на сведоштвото на монашките молитви, на чудата на св. Јован и на преубавиот метох на св. Георгиј во Рајчица. Спомнете си за првиот и секој следен поминат миг низ овие порти, за секоја средба со вашиот духовен отец, за секоја милост на овие монашки очи и кроткост на секој монашки збор. Има само почеток: ’Некој и нешто што веднаш ни станува род‘. Филмот „Метох“ ќе нѐ потсети на сѐ рајско создадено овде и во метохот на св. Георгиј, на фреските и резбите, конаците и песните, исповедите и солзите, на гревот и покајанието, на болката и исцелението, на децата кои се крштеваат, на вљубените кои се соединуваат, на спасението од секоја изгубена надеж... Филмот ќе ни ја раскаже приказната за светлината пронајдена во монашкиот ред, за молитвата од зори до залез, за ноќите исполнети со копнеж за Божјата милост, за огнот што ќе светли за да ни го покаже патот и никогаш нема да згасне. Иако ’благодарам‘ е само збор, тие ќе разберат дека е длабоко од нашата душа и топло од нашето срце. Најсилно благодариме на Бога за овој прекрасен манастир, на св. Јован за секој род, на св. Георгиј за секој дар, на монашките браќа за сета милост и мудрост и на нашиот најмил отец Партениј и неговото најголемо срце, каде се раѓа и живеее секоја молитва за нашата вечност“.

Проекцијата на „Метох“ се одвиваше под отворено небо, во манастирскиот двор, непосредно до Горни Палат, во присуство на илјадниците верници. Меѓу гостите беа и неколку претставници на власта, љубители и помагачи на Бигорскиот манастир: г. Мартин Протогер – шеф на кабинетот на Премиерот на РМ, г. Кире Божиновски – генерален секретар на Владата на РМ, г. Влатко Ѓорчев – пратеник, г. Илија Димовски – пратеник и порф. д-р Васко Наумовски – екс-вицепремиер. 

Силните впечатоци од светата богослужба и возвишениот чин на монашењето, како и задоволството од документарниот филм „Метох“, оставија радосни траги во срцата и на лицата на многубројните поклоници на св. Јован. Духовната наслада што ни ја донесе таа септемвриска, од Бога преполнета со благодат, вечер, продолжи и во подоцнежните вечерни часови. Верниците, пак, со умиление во срцата непрестајно Му благодареа на Бога и на Неговиот возљубен Претеча и Крстител Јован за пребогатата духовна трпеза, што им беше приредена во таа мистична вечер. И доликува на Троединиот Бог да Му се принесува секаква слава, чест и благодарност, на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега, секогаш и во век и веков. Амин!

 

    

Известува: братството од Бигорскиот манастир