Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Бигорски манастир (11.09.2011)

Уште со првото изгрејсонце, сончевиот зрак од Истокот ги упати патеките на многубројниот  и верен народ кон домот на Претечата и Крстител Господов. Нивните нозе чекореа, а срцата нивни празнуваа. Манастирот, наликувајќи на еден мал град, ги отвори своите порти за верниот народ, кој уште од вчерашниот ден како река се слеваше од сите краишта на нашата татковина. Нивните срца биеја како едно, славословејќи Го Бога со псалми, химни и духовни песни. Молитвено сплотени, тие го чествуваа Отсекувањето на Претечевата глава, мачеништвото на најголемиот меѓу родените од жена. Пророкот, кој, чекорејќи покрај реката Јордан, ги повикувал луѓето на покајание. Така, гласот кој во пустината викал на покајание, и денес го собра верниот народ во свештената Бигорска обител, неговиот свет дом. Дом во кој се слуша птичијот пој, двор до кој допира жуборењето на Радика, целосно надополнувајќи ја севкупната радост. Во Претечевиот дом чекореа луѓе, кои дојдоа жедни за да се напијат од Живата вода. Зашто Бигорски е вистински духовен извор, кој нема да ги остави нивните срца празни.   

 

Утрово манастирската црква се исполни со молитви, кои наликуваа на лествица исправена кон небесата. Биењето на камбаните го означи моментот на празнувањето, во овој ден кога сите заедно се поклонуваме на Претечевата чесна глава. Празник кој и денес нѐ потсетува на страдањата на Пророкот. Утрената богослужба со милозвучниот византиски напев на светоотечките содржини ги подготви нашите души за средба со најсветите тајни – Телото и Крвта Христова. Следуваше Божествена Литургија, со којашто чиноначлствуваше Н. В. митрополит Дебарско-кичевски Тимотеј, во сослужение со Н. В. митрополит Повардарски, г. Агатангел. Стотици богожедни души, исполнети со благодарност кон св. Јован, пристапија кон светиот Путир. По завршувањето на богослужението во храмот, неброениот верен народ во литијна поворка, предводена од чудотворниот образ на св. Јован, се упати кон манастирската фијала, кадешто се освети вода. За време на посната трпеза со манастирско гравче, широкиот двор беше, навистина, прекрасна глетка. Беше толку убаво да се види, како сите верници со радост и умиление си ги прераскажуваа доживеаните собитија од оваа чудесна слава. Слава истовремено проникната со празнувањето и со радоста на покајанието. И како што свети Јован Крстител ни укажува на Христос, како на Спасител на светот, така и покајанието нѐ води кон љубов! Амин.

 

     

 

                                                              

 

                                

 

       

 

      

 

                      

 

Известува Катерина Стојановска