Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Чествувања во Црковната општина во Виена (29.09.2011)

Годинава се навршија две години од купувањето и осветувањето на црквата на свети Наум Охридски во Виена, срцето на Европа. По овој повод беше отслужена свечена Архиерејска Божествена Литургија со која чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Во недела, на 25.09.2011 г., Архиепископот Охридски г.г. Стефан го крсти чедото Божјо Леон, а потоа отслужи Архиерејска Божествена Литургија во сослужение со надлежниот Митрополит Европски г. Пимен. На Литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. Во беседата Архиепископот стави акцент на историјата на нашата Македонска Православна Црква, истакнувајќи дека верата во Христа е таа што треба како добри Македонци да ја живееме. Исто така нагласи дека треба да ги негуваме нашите традиции, македонскиот јазик, историјата – а сето тоа е можно и за нас лесно изводливо само во рамките на Црквата, која треба да ја негуваме и надградуваме.

Благословувајќи го свечениот ручек на кој присуствуваа и претставници на Амбасадата на Р. Македонија и други гости – верниците добија уште една пофалба од нашиот Поглавар за пожртвуваноста и ревноста за да дојдеме до своја црква, свое македонско катче, да бидеме наши на своето.

Слава му на Бога, и благодарност за милоста што ни ја праќа преку блажените свои апостоли, светиот свештеномаченик Автоном, преподобен Даниил од Тасос, светите маченици Македониј, Татијан и Теодул, чиј ден го празнуваме!

 

             

 

                                     

 

                                      

 

     

 

 

Известува: А. Л.