Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Прославена 30-годишнина од пастирствувањето на Митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј (20.11.2011)

Овој прекрасен неделен ден бевме сведоци на два ретки и многу радосни настани: одбележување на 30-годишнината од пастирската работа на нашиот архиjереј г. Тимотеј, како митрополит на Дебарско-кичевската епархија, и осветувањето на новото митрополитско седиште во Охрид. Соборниот храм на преславната Охридска Архиеписопија – „Св. Софија“, каде и ѕидовите на смирената византиска архитектура испишани со чудесен живопис, говорат за некогашната недогледна слава на оваа помесна православна Црква, беше средиште на уште едно големо собитие од историјата на нашата Црква.  Во присуство на речиси сите владици од Светиот Архијерејски Синод на МПЦ – ОА, на бројното монаштво, свештенство, а се разбира и на мноштвото верен народ, со божествена архијерејска Литургија торжествено беше одбележан 30-годишниот јубилеј на нашиот возљубен пастир и владика. „Се собравме за да учествуваме и да му ја зголемиме радоста на денешниот славеник и за да му искажеме заслужна почит за неговиот неуморен и пожртвуван труд во служба на Македонската Православна Црква. Дојдовме за да покажеме дека неговото денешно славење е прослава на сета наша Црква... Со доаѓањето на митрополитот г. Тимотеј на чело на Дебарско-кичевската епархија, во неа се случи вистинска духовна ренесанса. Веќе три децении во оваа епархија постојано се градат и обновуваат и цркви и манастири, но уште повеќе се градат и обновуваат и садови на Светиот Дух. Се почитува и негува делото на св. Климент Охридски и неговиот собрат св. Наум; нивните манастири се возобновени и заедно со Бигорскиот и манастирот „Света Пречиста Кичевска“ претставуваат непресушни извори на благодат... Митрополитот Тимотеј со своето досегашно дело потврди дека, навистина, да се служи на Црквата е големо и возвишено дело. Да се посвети својот живот во мисија на Црквата е дело за историја, и ќе речам, и дело за вечност“  - ова беше само дел од пофалните зборови на Неговото Блаженство, архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, во неговото пригодно слово. Вчерашниот свечен настан беше и повод за митрополит Тимотеј да ги врачи Ордените на Свети Наум од прв ред, доделени на луѓе заслужни за духовното и матаријално издигнување на Дебарско-кичевската епархија во изминатите години. Добитници на ова престижно одликување беа: Неговото Блаженство, г.г. Стефан, митрополит Горазд, академик Цветан Грозданов, академик Петар Хр. Илиевски, г. Никола Матлиевски – Пашата, и г. Трифун Костовски. По завршувањето на светата Литургија, молитвениот и славенички собор се упати кон дворот на црквата „Пресвета Богородица Перивлепта“, каде што се наоѓало некогашното егзархиско школо. Старата училишна зграда, изградена во почетокот на XXот век од многудоблесниот и прочуен митрополит Григориј, во прекрасен стил, а во склад со духот на тоа време, денес е повторно во рацете на Црквата, благодарение на родољубивата одлука на Владата на РМ за денационализација на некогаш неправедно одземените имоти. Со заложбите на митрополит Тимотеј оваа зграда сега е претворена во административно седиште на Дебарско-кичевската епархија. По осветувањето на возобновената зграда, верниците имаа можност да влезат и подробно да ги разгледаат просториите каде ќе биде сместено административното тело на епархијата.

 Високопреосвештени владико, Бигорското братство и сестринството од Рајчица Ви посакуваат уште долги години богоугодно пастирствување со доверената Ви од Бога паства. НА МНОГАЈА ЛЕТА ВЛАДИКО!

 

                                 

 

    

 

                                 

 

    

 

                                 

 

   

 

                               

 

    

 

  

 

                           

 

                          

 

Известува: Бигорски манастир