Соопштение од Светиот Архиерејски Синод на МПЦ (31.01.2012)
Православната вера не познава свештен обред на карневализација, па затоа Вевчанскиот карневал нема ништо заедничко ниту со Православието, ниту со празникот на свети Василиј Велики, ниту со Јулијанската Нова Година. Карневалот е одлика и остаток од политеистичките религии, па оттаму зачудува поврзувањето на православната вера и Православната црква и особено посегнувањето по православниот храм, најпрво со пишувањето на непристојни графити и навредливи пораки, а потоа и со подметнување на пожар во православното светилиште во Лабуништа. Затоа, Македонската православна црква (МПЦ) најостро ги осудува неодамнешните и синоќешните настани во Струга и Струшко, кои придонесоа за нарушување на меѓуетничкиот мир и верската толеранција во Република Македонија (РМ).
Прашуваме: со што МПЦ придонесе за ваквиот однос кон неа и кон нејзините светињи? И градоначалникот на Струга и претставниците на струшкото муфтивство, особено раководните луѓе во Исламската верска заедница во РМ, требаше да укажат дека во случувањата во струшко-вевчанскиот регион МПЦ со ништо не придонесла да се навредат верските чувства на муслиманите во тој крај и воопшто во РМ.
Ниедно недоразбирање и ниту каков било проблем не можат да се разрешат со насилие и противнавреда! Од тие причини МПЦ апелира, пред сè до своите верници, како и до сите граѓани во РМ, да се однесуваат разумно и одговорно и да придонесат за создавање услови за нормален соживот, достоен на една демократска држава.
Црквата посебно се обраќа до своите верници, потсетувајќи ги дека едно од основните начела на нашата вера е проштевањето. Оттаму, како предизвикани и онеправдани, апелираме искрено да им простат на оние кои ги обесчестија и оштетија нашите светињи!
Богоугодно е секој човек, а особено верниците, да се раководат од чувството на љубов и крајно почитување кон другите вери и нивните припадници, зашто вистинските верници своето богољубие треба да го покажуваат и со своето човекољубие!
Свет Архиерејски Синод на МПЦ