Соопштение од Кабинетот на Архиепископот на МПЦ (29.02.2012)
Македонската православна црква, како стожер на православието на овие простори и чувар на вистината, односно официјалното учење на Православната Црква, остро ги демантира наводите на Турското министерство за култура за постоење на таен спис којшто го редефинира православното учење, и смета дека овде станува збор за тенденциозно и искривено толкување на вистината околу наводниот спис, односно дека тој се претставува како нешто што всушност не е.
Имено, во неколку македонски медиуми, во текот на вчерашниот ден се појави агенциска вест во која се кажува дека во Турција е откриена Библија стара 1500 години (не станува збор за цела Библија, туку за едно наводно дополнување на Библијата) и која фрла „ново светло“ врз учењето за Спасителот Господ Исус Христос, вистинскиот Месија. Како што се најавува во изјавата на турскиот министер за култура, во тој спис стои дека Господ Исус Христос го најавува доаѓањето на пророкот Мухамед и дека вистински Месија ќе биде токму овој пророк. Истовремено Тој признава дека е само човек, а не и Бог, со што се нарушувала догмата за Света Троица.
Повикани сме да дадеме доследно објаснување за овие тврдења: Многупати во историјата, дури уште од апостолско време, се појавувале списи за кои се велело дека се официјални текстови, напишани од апостолите, или нивните ученици, во кои се претставувал животот на Спасителот Господ Исус Христос, вистинскиот Месија. Тие дела се нарекуваат апокрифи, што значи скриено, лажно. Како такви, кои во себе имале невистинита содржина, односно неточен опис на настаните и учењето, истите биле отфрлани од христијанските заедници. Исто така, било отфрлано и тоа дека како автор се јавува некој од апостолите, зашто еретиците, кои всушност ги пишувале овие книги за да го распространат своето учење или својата верзија за дел од христијанското учење, ги припишувале истите на некој од апостолите сè со цел делото да биде општоприфатено. Но Црквата веднаш го препознавала лажното и погрешно учење и ги отфрлала како неприфатливи и еретички. Тие книги носеле наслови, слични и на официјалните книги од Библијата: Евангелие според Варнава, Протоевангелие на Јаков, Евангелие на Петар итн. Црквата уште во 4 век, со соборна одлука на сите тогашни Помесни православни цркви, го затворила и старозаветниот и новозаветниот канон, односно Светото Писмо, и тоа е сега заокружена и официјална верзија – односно христијанска света книга, која не може да се дополнува или да ѝ се одзема. Сè што се содржи во овие книги, надополнето со Светото предание, е официјалното учење на Православната црква, и ниту еднаш и на ниедно место не се споменува дека Господ Исус Христос најавува доаѓање на некој друг пророк по него, најмалку на Мухамед. Всушност, Господ Исус Христос е ветениот Месија и очекуваниот Пророк (читај Јован 4, 19; Јован 6, 14, Лука 7, 16; 5 Мој. 18, 18-19), Тој е Првосвештеник и Цар. Истовремено се потврдува дека Тој по воплотувањето е вистински Бог и вистински Човек (Јован 20, 28; Матеј 16, 15-16; Јован 10/30, 16/15, 14/9, 5/18, 3/13; Лука 1/35, 2/11, 2/49; 1 Јован 4, 2-3; 1 Тимотеј 3, 16).
Во конкретниот случај најверојатно станува збор за препис на некое еретичко дело. Се сомневаме во можноста тоа да е препис на Евангелието според Варнава, апокрифен спис во кои има неточни учења за Господ Исус Христос и за тоа што Тој го рекол, бидејќи во него не постојат тврдења какви што се наведуваат во изјавата на турскиот министер за култура.
КАБИНЕТ НА АРХИЕПИСКОПОТ НА
МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА