Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Се одржа Велигденскиот духовен концерт (06.04.2012)

Бог толку го возљуби светот што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не погине, но да има живот вечен... Овие богопросветлени зборови на светиот апостол Јован Богослов го означија почетокот на Велигденскиот духовен концерт, кој го пренесе духот на богослуженијата од Страсната седмица во преполнетата  Универзалната сала, во срцето на нашиот главен град. Пораката од овој музички настан одекна толку силно и за миг го пренесе пасхалното расположение ширум целата наша земја, подготвувајќи го нашиот народ за претстојните богослужби во следново седумдневие. Она што многу ни значеше беше отвореноста и прекрасниот прием од страна на оние кои ова божествено пеење го слушнаа, можеби за прв пат. Беше навистина радост да се гледаат нивните озарени лица, солзите во очите, насмевките, и надежта која одѕвонуваше во нивните зборови додека ги разменуваа своите радосни впечатоци. Му благодариме на Бога за оваа небесна благодатна посета, која кај целиот народ разгоре силна желба за што поблескав дочек на светата Пасха. 

 А каков, пак, беше занесот на оние кои од Бога се удостоија да земат директно учество во ова возвишено славословие! Сите тие чувствуваа дека ова не е обичен концерт, дека своите дарби ги принесуваат на Оној Кој е над сѐ земно, Кој тоа го прима како дар и возвраќа стократно со огромна благодат и голем благослов за целиот народ. Токму затоа нашиот познат пејач Ламбе Алабаковски, кој беше и специјален гостин на концертот со својот милозвучен глас, не можеше, а да не ја изрази кон Бога својата благодарност за таквото достоинство:

„Еве и мене вечерва ми се дава прекрасна можност да го споделам со вас она што во моментов го чувствувам и јас со радост си го отворам срцето да ви ја искажам својата љубов. Сакам најпрвин да ви кажам дека бескрајно сум Му благодарен на Бога што ме избра оваа вечер да Му пеам. Тој Кој постојано е славен на небото, сега ми даде мене, и на сите овие луѓе овде, чест и достоинство да Му пееме заедно со ангелите. Но јас сакам да се заблагодарам и на некој друг, без кого, верувам, овој концерт воопшто и немаше да се случи. Пред неколку години, едни малку тажни околности ме донесоа во Бигорскиот манастир и таму запознав човек, навидум едноставен, но толку мудар и исполнет со необична духовна сила и љубов. Тој го отвори пред мене прекрасниот свет на Православието, ме научи за суштината на животот и на вистинската сепожртвувана љубов. Стана мој татко и пријател и другар и учител. Мој извор од кој секогаш се напојувам со жива вода. И не само јас, туку и неговите и мои браќа и сестри од Бигорски и Рајчица, неговите бројни духовни чеда, сите кои ги почувствувале и виделе на дело неговото пожртвувано себепредавање и непрестајна грижа. Сите ние кои преку неговата жртва и по неговите молитви ја добивме на дар вистинската радост на животот во Христа. Затоа сега сакам од името на сите најтопло да му се заблагодарам. Ви благодарам, отец Партениј, што и покрај сите препреки и искушенија не се откажавте, туку останавте упорен до крај, со своите молитви, со сите Ваши сили, со сета Ваша ревност и надеж во Бога, кои направија вечерва да сме собрани на една ваков прекрасен концерт, очекувајќи со радост да Го славиме Бога. Ваше блаженство, г. г. Стефан, почитувани архијереи, високопреподобни отци, благословете го ова наше пеење и молете се Господ да го прими како дар од целиот наш народ, во пресрет на Неговите сечесни Страдања и славното Воскресение“.

 Најискрена благодарност и до директорката на Македонска филхармонија, г-ѓа Маја Чаначкевиќ и членовите на оркестарот, кои кон овој музички настан пристапија со целото свое срце, како и до нивниот диригент Борјан Цанев, кој целосно и со голема љубов се посвети на ова дело, а плод на сето тоа беше совршена хармонија помеѓу инструменталната изведба и гласовите на пејачите. Она што му даде посебна боја на моќниот симфониски состав беше и извонредниот звук на утот, древен византиски инструмент, којшто на најубав начин го долови византискиот мелос и кој беше своевиден дар од нашиот пријател - Сековски Константин. Опфатени од ова чудесно созвучие и младите богослови со посебно умиление ги слеаја своите срца и гласови кон течението на небесната мелодија. На крај не можеме, а да не ги споменеме и нашите вдахновени читачи, Ружица Аџикотарева, Марга Столеска и Ернес Ибраимоски, кои со своите гласови умешно нѐ внесоа во амбиентот на Страсната седмица. 

Нека милостивиот Бог го прими овој наш заеднички молитвен принос, нека ни дарува добро Воскресение, приведувајќи го нашиот народ кон спасително покајание, и нека ни ја чува нашата најсвета мајка Црква – Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, па како што сега, на нејзиниот 45-годишен јубилеј, нѐ нахрани со силна благодат, така да нѐ има и понатаму во Своите Татковски прегратки, запазени од секакво зло и поткрепени со силата на Неговиот Чесен Крст.

 

 

    

 

    

 

   

 

   

 

   

 

    

 

    

 

   

 

    

 

 

 

Извор: www.bigorski.org.mk