Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Македонска делегација на молебен на гробот на Свети Кирил во Рим (24.05.2012 18:57)

На гробот на свети Кирил во црквата „Свети Климент“ во Рим денеска се одржа молебен, со кој чиноначалствуваа митрополитот на Кичевско-дебарската епархија г. Тимотеј и митрополитот европски г. Пимен, во сослужение на повеќе свештенослужители. На чествувањето присуствуваше и државна делегација предводена од премиерот Никола Груевски.

Владиката Тимотеј на вечното почивалиште на свети Кирил Солунски укажа за значењето на мисијата на сесловенските просветители и посочи на фактот дека кај многу народи се избориле за воведување на словенскиот јазик во црковното пеење.

- Свети Кириле, заштити нѐ пред Бога и помогни ни за сите маки пред кои е исправена Македонската Црква, рече митрополитот Тимотеј.

Премиерот Груевски, јави известувачот на МИА, од ова свето место каде што се моштите на Кирил им го честита празникот на сесловенските просветители на сите граѓани на Република Македонија.

- Ова е голем празник за нас и затоа сме овде во Рим на гробот на Свети Кирил во чест на мисијата што е направена за големото просветителско дело. Ја продолжуваме традицијата што е воспоставена на овој ден и годинава уште еднаш, по 44-ти пат, имаме можност да присуствуваме на чествувањето и заедно со многу наши граѓани кои живеат во Италија да го одбележиме овој ден, рече Груевски.

Поклонението на гробот на Свети Кирил во Рим е централниот настан во чествувањето на Денот на просветителите Кирил и Методиј. Првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на Свети Кирил и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација. Традиционално, 24 мај беше Ден само на образовните институции и просветните работници, а од 2007 година тој е и државен празник на Република Македонија.

 

        

 

              

Извор: МИА