Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Соопштение (29.06.2012 14:41)

Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, на својата редовна седница одржана на 28 јуни 2012 г., ги избра Неговото Високопреподобие архимандритот г. ЈОСИФ (Пејовски) игумен на манастирот „Рождество на Пресвета Богородица”, Калишта, Струга, за викарен епископ на епархискиот архиереј на Полошко-кумановската православна епархија, со титула Епископ Лешочки и Неговото Преподобие јеромонахот г. ЈОСИФ (Тодоровски), од манастирот „Свети Јован Крстител - Бигорски”, за викарен епископ на епархискиот архиереј на Скопската православна епархија, со титула Епископ Велички.

Наречението на Епископот Лешочки г. Јосиф (Пејовски) ќе биде на 20 октомври 2012 г., во Соборниот архиепископски храм „Свети Климент Охридски” во Скопје, а хиротонијата за викарен епископ на Полошко-кумановската православна епархија ќе биде на 21 октомври 2012 г., во храмот „Свети Кирил и Методиј” во Тетово.

Наречението на Епископот Велички г. Јосиф (Тодоровски) ќе биде на 06 октомври 2012 г., во манастирот „Свети Климент Охридски” на Плаошник, во Охрид, а хиротонијата за викарен епископ на Скопската православна епархија ќе биде на 07 октомври 2012 г., во храмот „Света Софија”, во Охрид.

 

ОД КАНЦЕЛАРИЈАТА НА САС НА МПЦ

 

 

 

Архимандрит д-р Јосиф Пејовски

                       

            Роден е во 1977 година во Прилеп. По завршувањето на средното образование, во 1995 година, се запишува на Богословскиот факултет “Свети Климент Охридски” во Скопје, каде што дипломира во 2000 година со одбрана на дипломскиот труд: „Иконите низ историјата на Црквата”. Следната, 2001 година, се запишува на постдипломски студии на Филозофскиот факултет, при Универзитетот „Светите Кирил и Методиј” во Скопје, каде што магистрира во јуни 2005 година, на тема “Сфаќањето на личноста во антропологијата на свети Григориј Палама”. Истата, 2005 година, на катедрата по догматика при Православниот Богословски факултет во Скопје пријавува докторат  на тема “Догматско-богословското учење за исихазмот во делата на свети Јован Лествичник, свети Симеон Нов Богослов и свети Григориј Палама”. Докторатот го одбранува во 2009 година под менторство на протојереј-ставрофор д-р Јован Таковски.

            Замонашен е во 2005 година, кога е ракоположен и во јероѓакон, а следната 2006 година е ракоположен во јеромонашки чин. Во 2009 година е произведен во игумен на Калишкиот манастир: “Рождество на Пресвета Богородица”. Со одлука на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква во 2011 година е произведен во архимандрит. На 28.06.2012 година, е избран за Епископ лешочки, и е поставен за викар на Полошко-кумановскиот Митрополит, господин Кирил.

 

  

 

Јеромонах Јосиф Тодоровски

 

            Роден е во 1982 година во Скопје. По завршувањето на основното образование, во 1997 година, се запишува во Македонската православна богословија: “Свети Климент Охридски” во Скопје, која со успех ја завршува во 2002 година. Веднаш потоа го започнува монашкиот подвиг во братството на Бигорскиот манастир: “Свети Јован Крстител”, а воедно, како вонреден студент се запишува на Православниот Богословски факултет: “Свети Климент Охридски” во Скопје,  каде дипломира во 2010 година, со одбрана на дипломскиот труд: “Богородица – почеток на Новиот Завет”. Замонашен е на 10.09.2003 година од страна на неговиот надлежен Архиереј, Митрополитот дебарско-кичевски, господин Тимотеј. Следната, 2004 година, е ракоположен во ѓаконски чин. За јеромонах е ракоположен на денот на манастирската слава на Бигорската обител, на 07.07.2006 година.

            На 28.06.2012 година е избран за Епископ велички и е поставен за викар на Скопската православна епархија, со која раководи Неговото блаженство, Архиепископот охридски и македонски, господин господин Стефан.