Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Илинден и прогласување на новите Пречистански преподобномаченици (03.08.2012 19:17)

„Подвизувајќи се во манастирот на Богомајката Пречиста, на Света Троица носители се покажавте, триблажени, заблудата мрачна на лажепророкот изобличувајќи ја мудро, тројцата со меч бевте обезглавени и венец примивте. Слава на Оној Кој ве укрепи, слава на Оној Кој ве овенча и Кој нам божествени застапници пред Него ни даде, преподобни“ (тропар на новите пречистански преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј).

Црковното предание во православната Црква се разбира и доживува како жива и активна материја, која не престанува да се обновува и дополнува. Секој еден христијанин треба да даде свој удел во тоа предание, кое се пренесува од Христа, преку апостолите, па насекаде во светот. Многумина допринеле со своите брилијантни умови, многумина од нив со својот подвиг, но навистина неизбројни се оние кои го потврдија тоа предание со својата сопствена крв. Не залудно светите отци рекле дека „крвта на мачениците е семето од кое се роди и изгради Црквата Христова“.

И нашата Охридска архиепископија, која постои уште од дамнини, а денес се идентификува во лицето на Македонската православна црква, е потврдена со брилијантни умови, но и со големи мачеништва, мачеништва кои не дозволувале христијанството на овие простори да се изгуби, но и мачеништва кои му давале храброст на нашиот народ да опстои пред многубројните и долговековни ропства.   

Оваа година, кога го прославуваме големиот Јубилеј 45 години од возобновувањето на Охридската архиепископија, на втори август, ден на големиот црковен и македонски празник Илинден, на велелепната прослава во манастирот „Пресвета Богородица – Пречиста“ во Кичево, со Одлука  на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, а во организација на Дебарско-кичевската епархија и под раководство на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, светите пречистански преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј беа впишани во диптихот на светиите. Прославата започна на 01.08.2012 година, со свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион, во сослужение на архимандритите Нектариј и Партениј, игумен Дамаскин, протоереите Војне Ристески и Игор Никовски, еромонахот Доситеј, протоѓаконите Димко Миланов и Сашо Ристов и ѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Во текот на Вечерната богослужба се направи и литија, а по завршувањето на вечерната, беше извршен парастос за новите пречистански преподобномаченици. На Парастосот чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Митрополитите Агатангел и Иларион и спомнатите свештенослужители.

Торжествата продолжија утредента, со света архиерејска литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитите Тимотеј, Петар, Наум, Агатангел, Пимен и Иларион, Епископот Климент, архимандритите Нектариј, Партениј и Јосиф, протоереј-ставрофорите Ѓорѓи Лапоски, Ацо Гиревски, Тоди Јован од Албанската православна црква, Ефтим Бетински и Никола Грамбозов, игуменот Дамаскин, протоерите Темелко Донески и Игор Никовски, еромонасите Доситеј, Макариј и Вартоломеј, свештениците Сашо Ристески, Никола Христоски и Владо Недески, протоѓаконите Димко Миланов, Антонио Дујовски, Сашо Ристов, Горан Кутлешоски и Влатко Стојменов и ѓаконите Дејан Борисов, Николче Ѓурѓиноски, Васко Голабоски и Антоние Попоски. По завршувањето на Малиот вход, Епископот Климент ја прочита Одлуката на САС на МПЦ-ОА за прогласување на новите светии, а Митрополитот Тимотеј го прочита нивното житие. Веднаш потоа Архиепископот Стефан ја освети новата икона на пречистанските новомаченици, дело на сестринството од манастирот „Св. вмч. Георгиј“ во Рајчица, и со неа го благослови многубројниот верен народ, кој беспоштедно и без двоумење дојде да се поклони на новите преоподобномаченици, но и да земе активно учество и да стане дел од преданието. Покрај верниот македонски народ, церемонијата беше збогатена и со присуството на група монахињи и монаси од Романската православна црква. По завршувањето на Литургијата беше извршен парастос за сите паднати борци за слободата на македонскиот народ и црква во предилинденскиот и поилинденскиот период. Прославата заврши со свечена литија околу манастирот, а на одреденото место се освети и камен-темелникот за новиот манастирски конак, каде ќе биде изградена и капела посветена на пречистанските преподобномаченици.

Протоерејот Игор Никовски го прочита Илинденското послание, во кое Архиепископот, покрај другото, на верните чеда на Македонската православна црква им порача: „Националната и духовна слобода се меѓусебно поврзани. Секој што прави грев, роб му е на гревот (Јован 8,34). Ослободувањето од гревот е возможно само преку животот во Црквата. Поради тоа поробувањето на нашиот народ секогаш се одвивало и преку наметнувањето на туѓинска црковна власт, особено по укинувањето на Охридската Архиепископија, со што македонскиот народ требало да биде духовно и национално обезличен. Но, додека трпеливо го чекал исполнувањето на времето за национална слобода, Македонецот се трудел да ја зачува слободата од гревот. Показател за тоа е големиот број знајни и незнајни богоугодници по македонската земја. Светоста е цел за постоењето на Црквата. Присуството на светители е единствениот непобитен факт за духовната зрелост на еден народ. Тоа е доказ за постоење на здраво православно предание. Дури и во периодите кога македонскиот народ немал административна црковна самостојност, сепак, никој не можел да му го пресече крвотокот на живото православно предание. Втемелен врз даровите на Светиот Дух, во сите векови од своето постоење, нашиот род имал и има богоугодници и светители. Обожените свети луѓе се нашиот мост кон Бога. Тие се нашите посредници, застапници и раководители. Нема поголем благослов за еден народ од имањето на светители. Затоа на овогодишниот Илинден радоста ни е уште поголема поради канонизацијата и вбројувањето во диптихот на светите на тројвата преподобни маченици монаси од манастирот „Света Богородица – Пречиста“, Кичевска, коишто, бранејќи ја Христовата вистина пред мечот на друговерните поробители, пострадале во 1558 година. Тие својот живот Му го посветиле на Бога и на својот напатен народ. Бога Го љубеле со својот подвиг и молитва, а народот преку грижата правилно да го воспитаат во верата и да му помогнат во искушенијата.“    

На ова место мора да го споменеме и братството од манастирот „Св. Јован Крстител“ – Бигроски, кое го сотвори житието на пречистанските преподобномаченици, како и еромонахот Атанасиј од манастирот Симонопетра на Света Гора, официјален Химнограф на Светата Вселенска Патријаршија, кој ја напиша службата за новите светии. Благодарност и до сестринството од манастирот „Св. вмч. Георгиј“ во Рајчица, кое освен за иконата, се погрижи и за украсувањето на манастирската црква, која навистина изгледаше рајски. Светите преподобномаченици нека бидат нивни и наши застапници и нека ги крепат нашите духовни водачи, Архиереите на нашата света Македонска црква, за преку нивниот благослов, да можеме уште многу пати да го градиме и надградуваме Христовото предание. Амин!

 

     

 

     

 

     

 

     

 

    

 

     

 

 

    

 

Извор: Дебарско-кичевска епархија