Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во црквата на света Петка во Црниче, Скопје (09.08.2012 16:29)

На 8 август 2012 година, кога Православната Црква го прославува споменот на преподобна маченичка Параскева Римјанка, во црквата на света Петка во Скопје, во присуство на мнгуброен верен народ, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение на Митрополитот Европски г. Пимен, архимандритот Јосиф кој  неодамна беше избран за Епископ Велички, деканот на Богословскиот факултет о. Ацо Гиревски, и свештенството од храмот, отслужи Божествена Литургија. Верниот народ на Литургијата се причести со Светите Христови Тајни.

 

      

 

                         

 

      

 

     

 

     

 

      

 

 

Ваше Блаженство, отци, драги браќа и сестри во Христа,

Има ли нешто толку силно што ќе го одврати верниот народ  да не дојде денес тука и на Светата Параскева-Петка да и принесе слава, благодарност и поклонение затоа што  нé милува и молитвено нé покрива сите нас кои со вера пак и пак се собираме во овој храм? Може ли жештината летна да нé одврати од намерата да се собереме на заедничка горешта молитва кон денешнава светителка?Може ли крвта нејзина која маченички ја пролеала за нас да не даде плод? Да не даде нови Христијани кои повторно и повторно ќе се потсетат на нејзиниот маченички подвиг, кои ќе се сетат на подвигот, но и на нејзината молитвена поткрепа која ја добиваме цели 19 века од времето кога бестрашно ја исповедала верата, која и мачителите во вера ги привела, до овој денешен собир тука?

Вашата бројност нé уверува дека тоа не може да се случи. Нејзиниот спомен повторно нé собра во овој, во оваа прилика претесен храм, храм со можеби кратка но многу важна историја. Историја од 90 години од ставањето на камен-темелникот, но храм кој низ овие 90 години оцрковил илјадници луѓе, ги згрижил, им помогнал и некои од нив веќе ги испратил во небесната Црква рамо до рамо со Светата Параскева, по чии молитви растеме во верата и пак и пак се собираме да го славиме нејзиниот спомен.
Од житието на оваа наша света мајка дознаваме дека водела испоснички живот, во пост и молитва непридавајќи му значење на материјалното. Но, иако таа не се хранела не ги оставала гладни
  сите оние што го слават нејзиниот спомен после нејзината маченичка смрт туку преку молитвата пред Бога ги нахранувала и од Бога им испросувала богати дарови. Во тој дух е и мисијата на овој храм кој го носи нејзиното име кој и ден денес многу луѓе кои во овде се црквуваат ги нахранил, облекол и со голема љубов ги пречекал.
Кога народ верува во Христа кој душата своја ја положил на крстот за нас луѓето и го чествува подвигот на сите оние маченици низ историјата меѓу кои е и светата Параскева не може а да не даде нови светители кои бестрашно ќе го следат нивниот пример, кои ќе го следат нивниот подвиг.

Па така во оваа година, кога имаме посебен повод за да се радуваме, да се радуваме бидејќи по 45 пат како Македонска Православна Црква, како возобновена Охридска архиепископија предводени од наши архиереи и пастири се собираме и ги славиме и чествуваме светителите на Црквата Божја, пред само неколку дена бројно свештенство и верен народ се собра во Пречистанскиот манастир во Кичево, за да се потсетиме на маченичкиот подвиг на нашите домородни монаси од манастирот Пречиста. За мачениците кои сигурно си спомнувале и за храброто исповедање на верата на Светата Петка, па угледувајќи се на мноштвото маченици и на нејзиниот пример останале пред налетот на османлиската војска да ја исповедаат и одбранат верата наша православна, не штедејќи ги притоа ни своите животи. Благодарејќи му на Бога што на овие наши простори, македонски,не удостои со такво сведоштво на верата, светите Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј ги причесливме во Соборот на Светиите на Црквата Христова, канонизирајќи ги за преподобни маченици.

И така во овие денови на радост на нашата црква спомнувајќи си и молитвено обраќајќи се кон светата Параскева Петка да се помолиме и кон новоканонизираните маченици Пречистански кои сигурно ќе ја чујат нашата молитва и ќе се застапат пред Тронот на Севишниот наш Бог Света Троица за нас, за нашиот верен народ. Да се помолиме па милосливиот Господ Бог наш Исус Христос, по молитвите на Светата мајка наша Параскева-Петка, чии што спомен денес го празнуваме и по молитвите на светите Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, ни даде сила да и служиме на Црквата и добри плодови да принесеме, за сведоштво на идните генерации на кои во наследство ќе им ја предадеме верата наша православна, Црквата и овој храм.

За многу години денешниов собир и дај Боже уште многу и побројни вакви молитвени собори и средби. 

 

Митрополит Европски Пимен

 

Извор: Преминпортал