Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Oсветување на конак во Согленскиот манастир (16.08.2012 14:29)

На 12. 08. 2012 година, кога Македонската православна црква го чествува Преносот на моштите на Свети Климент Охридски, беше извршено осветување на конак во Согленскиот манастир „Рождество на Пресвета Богородица“. На Литургијата по овој повод чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан во сослужение на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, надлежниот Митрополит Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Европски г. Пимен, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, Епископот Хераклејски г. Климент, архимандритите Партениј, Дамаскин и Јосиф, настојателот на манастирот, јероѓаконот Авакум и бројно свештенство од Повардарската епархија.

На Литургијата присуствуваа повеќе од илјада верници од разни градови од Македонија, кои дојдоа да го посетат прекрасниот возобновен Согленски манастир, да бидат дел од овој свет чин на осветување на манастирскиот конак, како и да се поклонат пред чудотворната икона на Мајката Божја под чија закрила овој манастир се возобнови и полека го добива својот сјај кој го имал низ вековите.

На Литургијата пред присутните верници се обрати Неговото Блаженство, Архиепископот Стефан, кој потсети дека Согле, како и Мелница, Долно и Горно  Врановци, како и во  Гора и Велебрдо, Прилепско, места во Дебарско и Струшко, се трајна лузна на македонскиот духовен и национален организам заради тоа што во времето на Отоманското владеење, под заканите ислам или смрт, дел од жителите на овие села и региони присилно примиле мухамеданска вера. Освојувачот знаел дека не е доволно да е освои една земја и пороби еден народ, туку тој треба и духовно да завладее. Од тие побуди и „Св. Софија“ и „Св. Пантелејмон“ во Охрид, „Св. Никола“ во Битола, Прилеп и Скопје, „Св. Илија“ во Штип, „Св. Ѓорги“  во Скопје, „Св. Богородица“ во Тетовско и многу други цркви и манастири биле претворени во  џамии или срамнети со земјата. Им благодариме што многумина глава дадоа ама вера не сменија, како Светите Злата Мегленска,  Спасе Радовишки и Ѓорги Кратовски кои бранејќи ја христијанската вера  се удостоија на маченички венец. Годинава кога славиме 45 години самостојна црква, го одбележуваме духовното воскреснување на нашиот народ.

Во своето обраќање, пак, Митрополитот Повардарски г. Агатангел истакна дека е среќен што денес, по пет години од започнувањето на возобновата на манастирот, ги гледа плодовите од макотрпната работа, а тоа се лицата на илјадниците верници, озарени од торжествена радост што манастирот со својот прекрасен изглед и својата прекрасна околина повторно ќе биде нивно духовно свртилиште, каде ќе ја бараат закрилата од нашиот Бог, Исус Христос. Митрополитот со пофални зборови се обрати и кон настојателот на манастирот, јероѓаконот Авакум, заблагодарувајќи му се за неговиот досегашен подвиг за возобновувањето на монашката обител при манастирот.

Митрополиот се заблагодари и на сите добронамерници, кои се вградија во темелите на овој значаен манастир, несебично давајќи ја својата поддршка во напорите за возобновување на манастирот и монашката обител.

По завршувањето на Литургијата, Архиепископот, Митрополитите и целиот верен народ се упатија кон новоизградениот конак, каде беше извршен чинот на негово осветување.

По овој свет чин, беше приредена закуска за сите кои дојдоа да присуствуваат на овој чин.

Овој голем црковно-народен собор во Согленскиот манастир беше дел од свеченостите за одбележувањето на 45-годишнината на возобнувањето на МПЦ-Охридска архиепископија.

 

             

 

             

 

             

 

                         

 

          

Извор: Повардарска епархија