Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Свечени богослужби во Осоговскиот манастир (05.09.2012 16:00)

На 28.08.2012 лето Господово, на празникот Успение на Пресвета Богородица, во прекрасниот амбиент на манастирскиот комплекс Св. Јоаким Осоговски, а на покана од надлежниот епархиски архиереј, Митрополитот Полошко-кумановски г.Кирил, нѐ посети Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, придружуван од новоизбраниот викарен епископ на Полошко-кумановската православна епархија, Неговото Високопреподобие архимандритот г. Јосиф и протоѓаконот на истоимената епархија г. Вичко Гочевски. Неговото Блаженство благоволи да богослужи вечерна богослужба во чест на утрешниот храмов празник на Св. Јоаким Осоговски. Мноштвото насобран народ со задоволство го пречекаа Архиепископот и со внимание и љубов присуствуваше на вечерната богослужба, така што храмот беше претесен да ги собере верниците внатре кои како живи потоци се слеваа од секаде и го исполнуваа храмот и дворот на манастирот.

По завршетокот на вечерната богослужба Архиепископот отседна во владиковиот резиденцијален конак, а народот остана да го исполнува храмот со радост и веселба, потоа беше поделена и манастирската вечера на љубовта во стариот конак, како што се одржува секоја година традиционално.

Утредента на ден 29.08.2012 г., во чест на Св. Јоаким Осоговски, Неговото Блаженство Архиепископот г.г.Стефан заедно со надлежниот епархиски архиереј г. Кирил и архимандритот г. Јосиф во сослужение со свештениците од кривопаланечкото и кумановското архиерејско намесништво, отслужи Божествена Литургија во преполниот од верници храм посветен на светиот отец наш Јоаким Осоговски Чудотворец.

По заедничката молитва извршија водосвет и традиционално беа осветени и пресечени славските колачи, а преку проповедта од Архиепископот верниците беа поучени како правилно да ги негуваат црковните и народни традиции, македонскиот јазик и култура и како би можеле да опстоиме во Христовата богоизбрана и богомдарувана Црква.

Радосниот празник продолжи во владиковиот конак со свечена посна трпеза каде што Митрополитот г. Кирил се заблагодари на присутните свештеници, настојатели и верници за упорноста, истрајноста и помошта дарувана од нив во зачувувањето и обновата на манастирскиот комплекс и неговата сегашна убавина. Дводневното манастирско торжествување заврши во попладневните часови кога со радост и желба за скоро видување народот на чело со свештениците ги испратија Архиереите.

Нека Св. Јоаким Осоговски биде застапник пред Бога за и во иднина да се прославуваат и торжествуваат овие празници. Амин!

 

     

 

     

 

      

 

      

 

                        

 

     

 

     

 

      

 

      

 

      

 

 

Известува: ипоѓакон Александар Стефановски