Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Резолуција донесена на Црковно-народниот собор на МПЦ-ОА (10.10.2012 14:08)

Архиепископскиот црковно-народен собор (АЦНС) на Македонската православна црква (МПЦ), на своето редовно годишно заседание одржано во манастирот „Св. Богородица“ - Калиште, на 6 и 7 октомври 2012 година, разгледа повеќе прашања од животот на МПЦ, а се осврна и на 45-годишниот јубилеј од возобновувањето на Охридската архиепископија (ОА) во лицето на МПЦ, од кои произлезе следнава

 

Р Е З О Л У Ц И Ј А

 

1.      Соборот ја изразува својата бескрајна благодарност и оддава признание на учесниците на историскиот III Архиепископски црковно народен собор во Охрид во 1967 година, кога со акламација, најпрвин на самиот Собор, а потоа и во сите храмови и манастири на МПЦ во татковината и дијаспората, беше објавена одлуката на Светиот архиерејски синод (САС), а прифатена и потврдена од Соборот, за возобновување на автокефалниот статус на ОА како МПЦ.

 

2.      Соборот ги повикува клирот и верници на МПЦ за зачувување и возобновување на духовните вредности, чие практикување го привлекува Божјиот благослов во секојдневниот живот. 

 

3.      Имајќи ги предвид актуелните проблеми во административно-финансиското функционирање на епархиите и просветните институции на МПЦ, Соборот упатува апел до надлежните државни институции (Централен регистар, Управа за јавни приходи и ПИОМ), во најбрз можен рок да изнајдат решение за непречено функционирање на МПЦ согласно нејзиното устројство и уредување определено во Уставот на МПЦ.

 

 

4.      АЦНС се приклучува кон заклучоците од минатите собори (одржани во 2005 и 2008 година), да се пристапи кон нови разговори со органите на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) за склучување на договор меѓу САС на МПЦ и Универзитетот за трансформирање на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ (ПБФ) од придружна во постојана членка – единица на Универзитетот. При тоа, да се води сметка Богословскиот факултет да остане под целосна канонска и духовна закрила на МПЦ, како негов основач, односно задржувајќи ги своите посебности.

 

5.      Согледувајќи ја состојбата со реализацијата на наставата по предметот Етика во религии и проблемите што се јавуваат на терен, и од програмска и од кадровска природа, што е акцентирано и во Резолуцијата на минатиот АЦНС, Соборот останува на ставот дека веронауката како таква треба да го најде своето соодветното место во државното образование.

 

6.      Повикувајќи се на статистичките податоци добиени од епархиите на МПЦ во однос на родените и упокоените православни верници, Соборот изразува загриженост за демографската состојба во Република Македонија (РМ) и притоа упатува апел за враќање на традицијата на повеќедетни семејства, кои ќе претставуваат основна клетка на македонското современо општеството.

 

 

7.      Поради зачестените случаи на кражба и оштетување на фреските и иконите, сакралните предмети и објекти, Соборот ги задолжува епархиите на МПЦ да поведат соодветна грижа за зачувување на сакралното и духовното наследство, со создавање на соодветни институции за нивна заштита и презентирање. Исто така, апелира Министерството за култура да ги употреби сите стручни и законски постапки кои му стојат на располагање за поголема грижа за објектите кои се прогласени за културни споменици, а очекува и од Министерството за внатрешни работи да се вклучи поажурно во запирање и разрешување на овие злонамерни постапки на поединци или групи.

 

8.      Членовите на АЦНС ја изразуваат огромната радост заради проширување на составот на САС на МПЦ со нови членови.