Архиерејска Божествена Литургија во Битола (18.10.2012 11:36)
На денот кога Православната Црква го слави празникот Покров на Пресвета Богородица, во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Битола се отслужи Света Архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство г. Петар Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски во сослужение со Неговото Високопреосвештенство г. Пимен Митрополит Европски.
Како што е и вообичаено за оваа парохија, црквата беше исполнета со мноштво верен народ кој се причести со светите Христови Тајни. Веднаш по Литургијата надлежниот Митрополит г. Петар ја промовираше новоотпечатената книга со житието, акатистот и службата на Свети Фануриј и го покани собраниот народ со заеднички молитви, предводени од својот пастир да го освети параклисот посветен на овој свет маченик а кој се наоѓа во склоп на истата црква.
Митрополитот Пимен зборувајќи за чудото кое се случило во Влахерна напомена дека отсекогаш Богородица ги заштитувала сите кои молитвено се обраќале кон Нејзиниот Син а наш Спасител Господ Исус Христос но, на овој празник и видливо тоа го покажала, положувајќи го Својот покров врз народот собран на сеноќното бдение. При ова Нејзино јавување како што сведочи светиот Андреј Јуродив светата Мајка Божја била придружувана од мноштво ангели, маченици и светители. Навраќајќи се на неделното евангелие во кое што Христос им заповеда на Своите ученици и апостоли да не го прават на другите она што не сакаат да им се прави ним, Митрополитот подвлече дека и ние со исполнувањето на само оваа заповед (но доколку се ослободиме од страстите кои нѐ одвлекуваат од нејзиното исполнување) ќе можеме и сите ние еден ден да се вброиме во оваа свита Богородична при положувањето на Нејзината риза врз верниот народ христијански низ сите векови.
Извор: Преминпортал