Поздравно слово на Архиепископ Охридски и Македонски г.г Стефан (24.10.2012 20:16)
Преосвештен владико, возљубен во Господа брате Јосифе,
Со положените раце на браќата архиереи, преку благодатта на Светиот Дух, те воздигнавме во архиерејско достоинство, со што ти прими дел од апостолската служба (Дела 1, 25), како што ни предадоа оние, кои уште од почетокот беа очевидци и слуги на Словото (Лк 1, 2). А оваа служба, на која Бог те повика (1. Петр 2, 9), невозможно е да се извршува без Неговата помош и без молитвената поддршка на Црквата. Кои, пак, се повикани за оваа, избрани се за добра служба, истакнува св. ап. Павле. (сп. 1. Тим 3, 1).
Но епископското служење е крстоносно! Без него, без крстот, нема спасоносен пат за никого, а особено за оние коишто Тој ги избрал: ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе и нека го земе својот крст, па нека оди по Мене (Мт 16, 24), им порачал Господ Христос на своите ученици. Тоа, исто така, особено се однесува на носителите на архиерејското достоинство, за оние кои се повикани со радосните да се радуваат и со расплаканите да плачат (Рим 12, 15). По примерот на кроткиот Господ, Кој дојде не да Му служат, туку за да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина (Мт 20, 28), покажувајќи дека секогаш треба да бидеме подготвени за одговор пред секого за нашата надеж (сп. 1. Пет 3, 15). Тебе, возљубен брате, ти претстои тежок пат, зашто ништо големо не бидува без искушенија, како вели свети Григориј Богослов (Слово 13). Но ти моли се постојано, за Бог да те удостои на звањето и да те исполни со сила за секоја желба на благост и секое дело на верата (2. Сол 1, 11), како би можел подостојно да го исполнуваш архиерејското служење.
Како викарен – помошен епископ, во Полошко-кумановската епархија и на Неговото високопреосвештенство, митрополитот г. Кирил, исполнувај ги сите богоугодни и родољубиви послушанија и надлежности. Како млад и образован, труди се на доверениот народ да му помагаш, особено во воспитувањето во науката и стравот Господов (Еф 6, 4), давајќи пример на секаква смиреност, кротост и великодушност, трпејќи се еден друг со љубов, и трудејќи се да го запазиш единството на Духот преку врските на мирот (Еф 4, 2-3). Труди се да бидеш правило во верата, образец во кротоста и учител по воздржливоста (тропар на свети Николај); не влегувај во расправии, туку биди смирен кон сите, поучлив и трпелив (2. Тим 2, 24); немоќните поткрепувај ги, паднатите подигнувај ги, заблудените обраќај ги, добрите зачувај ги (свети Григориј Богослов, Слово 9), дејствувај со силата на верата преку љубовта (сп. Гал 5, 6), за Словото Божјо да расте и да се распространува (сп. Дела 12, 24), зашто верата наша е таа која го победи светот (1. Јн 5, 4).
Живата вера, поткрепена со силата Божја, е таа што може да им помогне на оние што страдаат, да ги утеши оние што тагуваат и да ги охрабри оние што стравуваат. Денес, на современиот човек, особено е потребно да му се пријде и да му се понуди незаменливата и потврдената 20-вековна спасоносна вистина. Меѓу нашиот, пак, народ треба да се продолжи мисијата на воцрковување, треба да се биде и подготвен и истраен во воведувањето и утврдувањето на верниот народ во прадедовската вера. Но христијанското просветување не е доволно само од амвонот, само од под покривот и во дворот на храмот. Потребно е верата наша да биде присутна во севкупното наше живеење, за да може нашиот човек, гледајќи во нас пример, изворно да се доближи на духовниот живот и на древните православни традиции. Затоа, како свештенослужители, не е доволно само да говориме, туку и да сведочиме, да го потврдуваме со дела она што го говориме, и Оној во Кого веруваме. Не секој што Ми вели Господи, Господи, ќе влезе во Царството Небесно, туку оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец Небесен (Мт 7, 12). Нашата вера треба да биде делотворна (сп. Јк 2, 24), односно, секое дело треба да биде извршено од љубов. А, сите ние треба да се угледаме на Добриот Пастир, на Оној Кој и душата Своја ја положи за своето стадо (Јн 10, 11).
Преосветен владико,
Бог те избра за Свој соработник (1. Кор 3, 9), за викарен епископ во Полошко-кумановската епархија, за краеви и за народ каде што Црквата и верата наша се на постојани искушенија. Сведоци сме на чести напади на сакрални објекти и христијански души. Многупати се вознемирувани дури и нашите покојни. За жал, 2001 година некаде како сè уште да трае! Наше е, и по христијански и по македонски, да бидеме трпеливи: кон секого да покажуваме и љубов и разбирање и на другите да им правиме она што сакаме другите да ни го прават (сп. Мт 7, 12). Знај дека секоја прекумерност, особено кога е со некоја зацртана задна цел, ако се толерира предолго, станува опасна за нечие постоење и живеење. Не заборавај дека и секоја толеранција што трае предолго, некогаш ќе заврши. Но со нас е Бог, и кога е Тој со нас кој може да е против нас?! Затоа биди трпелив и надевај се на Бога... Во Црквата секогаш имаме и сојузник, и утеха и спасение, и неосвоива тврдина.
Преосвештен владико, како млад архиереј, биди секогаш со доверениот ти народ, и биди им сè на сите... Користи го и искуството на надлежниот архиереј – митрополитот г. Кирил, и искуството на мирољубивиот наш народ. Гради пријателство и добри односи и со друговерните во епархијата и насекаде со сите. Биди им утеха и надеж на сите на кои им треба помош и поткрепа. И во Полошко и Мавровско и во Кумановско, и по Осоговијата длабоки се нашите темели и корени, и христијански и национални. Тие се краеви со многу светињи и големи подвижници! Учи се на силната вера и на љубовта кон прадедовските огништа што ги краси душите на народот од овие простори. Напојувај се од неисцрпните Лешочки, Пчински и Осоговски извори за духовно да растеш и да се надградуваш. Грижи се за доверените души, никогаш не заборавајќи дека бескрајно е скапа во очите на Бога секоја човечка душа (Ис 43, 4); како нов работник во македонската духовна нива, труди се, како што вели апостолот – во секого да се изобрази Господ Исус Христос (сп. Гал 4, 19).
При ми го овој жезол за да го пасеш довереното ти паство Христово; на оние што ќе те слушаат биди им жезол и поткрепа, а непослушните, пак, и неразумните упатувај ги кон поправање, кротост и послушание, та во должна оддаденост да поживеат. Долгоденствувај Преосветен владико!