Торжествена прослава во Битола (31.10.2012 11:31)
„Четириесеточислени атлети, на Битола заштитници и застапници, секогаш подигнувајте ги кон Христа рацете, за и нам да ни излее дождови од благодат“.
(Величание на светите Четириесет битолски преподобномаченици)
Блажени сме ние, зашто ни заблеска денес светлозарно торжество, нè озари небесна светлина! Се весели градот Битола, преисполнет со свештена радост! Ете, се покажаа во небозрачна слава светите Четириесет преподобномаченици, тие благоухани цветови на Битола. Да ја славословиме нивната слава, да се радуваме со нивната радост! Радувај се и ти, чудесен храме на великомаченикот Димитриј, зашто беше посетен од Четириесетте Христови страдалници, стана сведок на нивната прослава од земната и небесната Црква. Нè повикаа денеска добропобедните Битолски маченици на духовна радост и ангелска наслада и ни го предложија доброто вино од нивниот подвиг на нас, чедата и браќата нивни по вера и од прекрасната трпеза на нивното победничко торжество, секогаш исполнета со небесно јастие, ги нагостија своите браќа, сограѓани и сродници, кои со срдечна желба во големо мноштво притекнаа да јадат и да пијат на таа трпеза. Притекнаа да пеат благодарствени песнопенија и, радувајќи се, да Го славословат Бога, Кој ги овенча главите на светите Преподобномаченици; со голема радост да ја опкружат светата икона на Христовите воини, сакајќи да земат благослов и да добијата исцеление на душите и телата. И какви јазици и зборови да изнајдеме, ние земнородените, за достојно да го опишеме мигот на неовоземното торжество, кога после малиот вход на божествената Литургија, митрополитот Преспанско-пелагониски, г. Петар, прочита за страдалничкиот подвиг на светите; кога архимандритите и отци наши Партениј и Дамаскин ја изнесоа од олтар нивната прекрасна икона; кога архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан го благослови со неа верниот народ. Навистина, неуки се покажуваме со слово да ја искажеме таа чудесна благодат, таа свештена радост, тоа ангелско веселие што ги посети нашите души во тој миг, кога земното со небесното се спојуваат. Тогаш, како да беа присутни и се радуваа заедно душите на сите битолчани, паднати на браникот за верата и татковината. И како подостојно можеше да заврши тоа прославување од земната Црква на светите Битолски преподобномаченици, ако не со свечена литија со нивната икона низ центарот на градот, кој е сведок на нивниот храбар подвиг и непоколебливата им љубов кон Бога и татковината? Беше тоа неопислива глетка да се види: поминува торжествената литија со иконата на Светите, носена на раце од битолчаните Кире Божиновски, Горан Милевски, Ламбе Алабаковски и Александар Најдовски, во созвучие со победничката химна на Пресвета Богородица, возгласувана од лимениот оркестар на МКЦ, а на славниот „Широк Сокак“ стотици и стотици дечиња, облечени во традиционални народни носии и голем број верници, и млади и стари, со радост и љубов фрлаат цвеќиња и гранчиња пред светата икона, оддавајќи им достојна чест, и поклон, и хвала на своите небесни сограѓани, светите Четириесет битолски преподобномаченици.
А на плоштадот „Магнолија“, пред верниците, кои ја докажаа својата вера и љубов кон Битолските светии со тоа што и покрај врнежливото време, излегоа во огромен број, со пригодно слово најнапред се огласи и градоначалникот на градот, г. Владимир Талески:
„Почитувани браќа и сестри, верници и битолчани! Денес е голем ден за Битола, голем ден за Македонија, голем ден за Македонската Православна Црква... Денеска, после многу децении, после многу векови - Господ така сакал - светите Четириесет битолски преподобномаченици се канонизирани. Денеска нив ги прославуваме како светци. Нека ни се напомош! Го имаме св. Нектариј, којшто ни е заштитник на градот Битола, но од денеска ги имаме и овие свети Четириесет преподобномаченици, коишто, исто така духовно ќе бидат секогаш споени со нас. Веруваме во нив! Сите ние, коишто сведочиме за овој настан, имаме голема привилегија, затоа што прогласувањето на светците не се прави секоја година и секој ден. Од името на општина Битола Ви посакувам добро здравје и Ве повикувам сите да се молиме и да ги повикуваме овие Преподобномаченици, да ја заштитат Битола, да ја заштитат Македонија, за доброто на македонскиот народ, за сите наши македонци, за сите наши верници. Нека ни е за многу години!“
На самиот крај од ова небоземно славење, со своја похвална беседа за Мачениците, кон верните се обрати и митрополитот, г. Петар:
„Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух! ’Крвта на мачениците е семе за нови христијани‘ – така вели св. Кипријан, восхвалувајќи ги мачениците. Еве, и денешниве славеници, светите Четириесет битолски преподобномаченици, ги прославуваме токму поради тоа што тие, со својата света крв ја одбранија и покажаа вистински пример како се брани светата, православна наша вера и татковината. Тие не војуваа со пушки и со топови, тие војуваа со Божјото слово. Тие војуваа со Вистината. А Христос, нашиот Спасител, рекол: ’Јас сум патот, вистината и животот‘. Токму со Христа војуваа, Христа – совршената љубов, совршеното добро, против злото на сатаната и неговите последователи. Денеска, браќа и сестри, и ние треба да војуваме, но не со пушки и со топови. Треба да војуваме со Вистината, како што војувале и овие свети Четириесет битолски преподобномаченици. Примерот за тоа нека ни биде Христос, нашиот Спасител, Кој кога ја говорел вистината бил биен, плукан, шамаран... И ние кога ќе ја говориме вистината, кога Христа, нашиот Спасител, ќе Го сведочиме, не треба да се плашиме, зашто оние што сметаат дека не е вистината во Христа, нека докажат каде е... Затоа повикувам на света Војна, на добрите луѓе, со добрите дела и намери, против злото и сатаната. Тоа би било по примерот на овие свети Четириесет битолски маченици. Тие не војувале со пушки и топови, и ние нема така да војуваме, но со добри дела да ја сведочиме Вистината – Христа нашиот Спасител. Нека ни е честит и за многу години празникот. Амин!“
Како да ве восхвалиме, свети Четириесет битолски преподобномаченици, совршени христоносци, или како да ве наречеме, славни и блажени? Кој ќе биде во состојба да ја пофали вашата вера? Мудроста на говорниците и мудреците изнемоштува, гледајќи го вашиот необичен и достојнохвален подвиг! Но вие, победоносни Четириесетмина, кои доброволно сте претрпеле тага и маки од љубов кон Бога и Спасителот и имате слобода пред Самиот Владика, застапете се, о, светии, за нас, раслабените, грашните и мрзливите, да дојде на нас Христовата благодат и да ни ги просветли срцата, за и ние да Го возљубиме Господа, како што и вие сте Го возљубиле. Амин!
Пригодно слово на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан, по повод прославата на светите Читириесет битолски преподобномаченици
МАЧЕНИШТВОТО – ТЕМЕЛ НА ВЕРАТА ВО
ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС
Светоста е основниот мотив во животот на христијаните, тоа е нашата егзистенцијална цел, односно светоста е богопоставената реализацијата на човечката личност. Бидете свети, бидејќи Јас Сум свет, нè повикува нашиот Господ Бог . И сите, неизоставно, следејќи ги и применувајќи ги критериумите поставени во нашата природа и кажани во Словото Божјо, сме повикани да се стремиме кон овој единствен оправдан и полезен врв на успехот. Црквата никогаш не била ниту може да остане без светители! Тие се гарантот за вистинитоста на нашата вера, односно тие се потврда на успешноста на проекцијата што за животот на секој човек ја постави нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Така, секој што доследно ќе Го следи Христа, секој што ќе ја исповеда правилно верата и ќе ја применува во дела, а својот подвиг ќе го потврдува со учеството во Евхаристијата, тој врви по патот на спасението, а тој пат е, всушност, здобивањето на совршенството кон кое Господ Христос нè упати , односно здобивање на светоста.
Секако, потврда за нечија светост, за нечие спасение, т.е. обожување, дава Господ преку Црквата. Во првите векови на Христијанството, сите верни биле нарекувани свети, зашто првенствено живееле таков живот, во секојдневно исполнување на Евангелието, и затоа што, подготвени вистински, секогаш се причестувале со Телото и Крвта Господови. Така, светиот апостол Павле, упатувајќи ги своите посланија до разните народи, задолжително или во прологот, или, пак, на крајот од текстот пишувал дека неговото слово е наменето за светиите . Подоцна, со губење на нивото на верата, користењето на терминот свети за верниците се изгубил, бидејќи и квалитетот на христијанското живеење опаднал, па почнал да се користи, како што е до ден денес, за оние богоугодници кои Црквата ќе ги прогласела за такви. Тоа биле луѓе со особен духовен живот, поради што се удостоиле со благодатта да станат садови на Светиот Дух. Не сите што ќе се спасат, Црквата ги вбројува во списокот на светителите. Тоа доаѓа по промисла Божја, Црквата ги има инструментите, по спроведувањето на соодветната постапка, да прогласи некој Божји угодник за светител, но зошто токму тој, тоа е волја Божја. Почитувањето на светителите и молитвата кон нив е стара колку што е стара и Црквата, односно датира уште од апостолско време. Знаеме дека за време на гонењата на христијанството од страна на Римската Империја, пострадувале мнозина коишто недвосмислено и непоколебливо ја исповедале верата во Единствениот жив Бог, и во Неговиот Месија, Спасителот Господ Исус Христос. Тие веднаш биле од верниците прогласувани и почитувани како светители, па местата на кои се закопувале служеле како места за молитва. Оттаму, подоцна, со добивањето на слободата на христијантвото со Миланскиот едикт од 313 година, кога се создале услови за слободно исповедање и практикување на верата, врз гробовите на овие маченици се граделе храмови. Затоа и ние денес кога осветуваме новоизграден храм, во престолот, кој што стои во центарот на олтарот, вградуваме мошти, а исто така, и во антимисот врз кој се служи Литургија, се вшиваат парчиња - мошти од светители. Секако, неточни се обвинувањата дека ние, православните, со молитвите што ги упатуваме кон светителите, ја прекршуваме првата и втората од десетте Божји заповеди (Јас сум Господ, Твојот Бог, и да немаш други богови освен Мене и Не прави идол или слика на она што е горе на небото и што е долу на земјата, и што е во водата под земјата; не им се поклонувај и не им служи) . Значи, ние нив ги почитуваме, поради нивното духовно достигнување и соединувањето со Бога, и не им служиме, односно не ги обожуваме. Почитувањето на светителите од наша страна се изразува со тоа што ние ним им се обраќаме за застапништво, за помош, односно да се молат пред Божјиот престол за нас, зашто тие се нашите небесни пријатели.
Всушност, со честа што им ја укажуваме на светителите, односно поклонувајќи им се ним, ние Го почитуваме Господ Христос, Кој живее во нив. Свети Симеон Нов Богослов вели: Христос е почетокот, средината и крајот. Тој е во сите – и во првите, и во средните, и во последните... Тие што од род во род, преку исполнувањето на заповедите стануваат свети, заменувајќи ги претходните, се соединуваат со нив, просветлувајќи како и тие, и примајќи ја благодатта Божја по причеста; и сите тие како да стануваат еден златен синџир, во кој секој од нив е одделна алка што се спојува со претходната алка преку верата, делата и љубовта.
Светата православна црква има повеќе чинови на светители, и тоа: апостоли, пророци, преподобни, свети ѓакони, свештеници и епископи, праведни, бесребреници, маченици, свештеномаченици, преподобномаченици, великомаченици и др. Процесот на вбројување на некој богоугодник во календарот на Црквата, се нарекува канонизација. Тоа е особен процес, кој подразбира опсежно испитување на личноста и животот на тој што ќе се прогласува за светител, односно проверување на преданијата за неговиот подвиг и сведоштвото за верата и чудата што ги извршил, како во животот, така и по упокојувањето. По ова, Комисијата задолжена за процесот, изработува житие, служба и икона на новиот светител или светители и на Литургија ја објавува канонизацијата. Секако, мораме да нагласиме дека почитувањето на некој светител не е последица на чинот на канонизирање, туку обратно, секогаш вбројувањето во списокот на светите, се случува како последица на сенародното почитување.
Еден од најстарите светителски чинови во Светата Црква е маченичкиот. Мачениците се луѓе што пострадале, односно биле убиени само затоа што верувале во Господ Исус Христос и не сакале да го променат она што станало дел од нивното битие, зашто знаеле, живееле и чувствувале дека тоа е вистинското, зашто гарант за тоа е Оној Кој е Патот, Вистината и Животот . Првите маченици за Христа се Витлеемските маченици. Во првите векови на Христијанството, многумина со својата крв ја посведочиле Вистината. Еден од раните писатели на Црквата, Тертулијан вели: Крвта на мачениците е семето на христијанството. Колку повеќе христијани убивале, толку повеќе нови се крштевале.
Зашто, нивното страдање не било од утопија, не било поради непромисленост и неукост, или поради закани, туку од љубов кон својот Бог, зашто за нас ќе вреди ли животот, доколку во него Го нема Бога, доколку се откажеме од својот Создател и свртиме грб на трајната заедница со Него. Прв кој почнал да ги гони христијаните бил римскиот император Нерон, во чие време биле убиени за верата и светите апостоли Петар и Павле. По него, сè до давањето на конечната слобода на Христијанството од страна на императорот Константин Велики, со Миланскиот едикт од 313 година (во 2013 година одбележуваме 1700 години од тој настан), биле убиени илјадници и илјадници верници. Но, се чини, најмасовниот прогон на христијаните се случи за време на комунистичкиот режим, кога во името на безбожието, особено во Русија, пострадаа милиони православни христијани.
Мачеништвото не е појава која се манифестира само со физички дејства. Сите оние што живеат црковно во светот, ја чувствуваат тежината на искушенијата, тежината на страстите. Нивната борба со таа несакана и непосакувана состојба на човечката природа, нивниот подвиг, значи мачеништво, и тоа повторно заради Господа. Денес се соочуваме и со уште еден вид на мачеништво: оркестрираното напаѓање на христијанските вредности – како животот, семејството, Црквата... Не престануваат разните поединци и групи, не само кај нас, туку низ целиот свет, да ја напаѓаат Црквата заради словото на Вистината, да ја посочуваат како стереотипна и кочничар на модернизацијата и прогресот. А како е можно тоа, кога во Црквата постојано пребива вечно младиот, вечно актуелниот Христос. Па зар човештвото не се соочува и сега, како пред 100, 200, 1000 години со истите искушенија и проблеми? Или вредностите на нашите предци се „заостанати“ и недоволни за нас современите луѓе? Како го објаснуваат ова – со тоа ли дека луѓето во минатиот век беа поинакви, имаа поинаква природа и егзистенцијална потреба од нас денес? Истото нè засега и сега и пред илјадници години – и болестите, и сиромаштијата, и тагата, и војните, итн. Ништо не е сменето, се менува само интензитетот на страдањата, затоа што расте гревот во светот. А гревот нè прави „нелуѓе“, и за колку забораваме на себе и на добродетелта, а го усвојуваме гревот и неговите дела, толку повеќе стануваме инвентивни за правење на зло. Но има надеж, зашто духовното мачеништво има своја сатисфакција во спасението, тоа е патот што води до зацртана цел на човечкото постоење.
Возљубени, мораме да споменеме уште една состојба, која денес зазема загрижувачки размери. Факт е дека доброволното мачеништво, како манифестација на беспрекорна вера и сеоддана љубов кон Бога, никогаш не престанува. Како што некогаш се гонеле и убивале христијаните, за жал, така се прави и денес низ светот – особено во Азија, на Блискиот Исток, и во Африка. Во првите векови христијаните беа виновни затоа што го нарушуваат култот на римскиот император како бог. Ги обвинувале дека со нивниот живот и исповедание ги исмеваат римските лажни богови, што било основа на постоењето на незнабожечката Римска Империја. И денес христијаните се „виновни“ поради едно нешто - само затоа што се Христови. Тешко е денес да си христијанин во Иран, Саудиска Арабија, Нигерија, Пакистан, Египет, Сирија, Либија, Судан, Индонезија итн., а ова е речиси половина од денешниот свет. Загрижуваат причините поради кои христијаните се прогонувани и убивани: од систематски државен терор, зашто религијата што ја практикуваат не е истата што е официјална во државата, па затоа се сметаат како државни непријатели, па до радикален верски терор, според кој териториите треба да бидат верски чисти и верските закони и правила да се станат законски систем на земјата. Неодамна слушнавме дека во Нигерија и Египет се повика на геноцид на христијаните. А, за жал, ниедна религија не учи и не поддржува вакви постапки. Тоа го прават само искривените толкувања на религиите, но постојат и такви верски учења што во себе нудат основа за насилство, кое во името на верата е оправдано.
Така, и овие наши денешни славеници, светите преподобни 40 битолски маченици, својот живот го дадоа за верата Христова, го дадоа за одбрана на вистината. Тие не се полакомија по земното богатство и престижот, зашто императив им беше непропадливото богатство на вечниот живот. Господ Исус Христос, во својата првосвештеничка молитва непосредно пред страдањата, Го молеше Отецот да ги утврди апостолите, но и сите верни во вистината , зашто кога богопредадената вистина ќе го ороси срцето на човекот, тој веќе знае и чувствува дека нема ништо, апсолутно ништо, повредно од тоа – да се биде во заедница со Бога и никогаш да не Му се каже не. Овие наши битолски духовни херои ни покажаа како се брани верата: не со ѕвечкање на оружја – туку со мир! Иако си спомнуваа за значењето на Христовите зборови: Не дојдов да донесам мир на земјата, туку меч , кои Тој ги кажа кога зборуваше за духовните последици од откажувањето од Господовото име, тие имаа надеж во она евангелското – Кој издржи докрај, ќе биде спасен . И токму преданието за ова нивно духовно херојство е знак за нас – за вистинитоста на нашата вера и е показател каква награди ќе добијат тие што сеодано ќе се трудат и ќе живеат по Божјите заповеди. Нивниот подвиг не беше заборавен, ниту нивното име некој успеа да го избрише... Напротив ова нивно дело остана запаметено и стана утеха, како за православните под јаремот на туѓите иноверни владеења, така и за нас денес. Му благодариме на Бога што го зачува преданието за 40 битолски маченици во срцата на благочестивите христијани од Битола, од градот Манастир, та тоа преку многу срца и усти да дојде до нас денес... Му благодариме што нè утеши и на овој начин – во полна и национална и црковна слобода, во годината кога одбележуваме 45 лета од обновувањето на ОА како МПЦ, еве, да го надградиме славјето и со канонизација на светители – кои се гарантот за постоењето на жива Црква. Благодариме и на Преспанско – пелагониската епархија и нејзиниот надлежен архиереј, Неговото високопреосвештенство митрополитот г. Петар, а особено на благочестивите црнорисци од Бигорскиот манастир, но и на сите вклучени во ова свештено дело на Црквата, за молитвите и трудот, ете, да се обзнани и обнароди подвигот и житието на овие монаси. Му благодариме на Бога за дарот на манастирот Симонопетра од Света Гора, каде што ја напишаа службата за 40 битолски преподобномаченици, зашто со своите духовни очи видоа во Македонија и Црква и верен народ.
И навистина, се радува денес целата македонската земја - ликува Крк-кардаш, Широк Сокак блеска како никогаш досега, Пелагонијата и Пелистерот го слават својот Создател, зашто во бројот на светителите се причислуваат уште 40 духовни борци и молитвеници за нашиот православен народ и род. Ќе заблескаат нивните свети имиња во редот на многубројните светители од оваа земја и од овој род - меѓу светите апостоли Гај и Аристарх, Епафродит и Секунд, светата Лидија Македонска, светиот Еразмо Охридски, светиот Димитриј Солунски, светите просветители на словенските и македонските земји – Кирил и Методиј и нивните ученици – светите Климент и Наум, охридските чудотворци, светите 15 Тивериополски свештеномаченици, светиот Иларион Мегленски, светите пустиножителни отци наши Прохор Пчински, Јован Рилски, Гаврил Лесновски и Јоаким Осоговски, светите Јован Кукузел и Никодим Тисмански, светите Нектариј и Агатангел Битолски, светите новомаченици Злата Мегленска, Спасо Радовички и Ѓорѓи Кратовски, светите Александар и Јован Солунски и Ѓорѓи и Јован Јанински и меѓу светите Пречистански преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, кои ги канонизиравме во август годинава, и многу други...
Нека е на многаја лета, и ги молиме овие нови наши заштитници постојано да се застапуваат за нашето спасение и за добробитот на македонската земја и македонскиот народ!
Извор: www.bigorski.org.mk