Соопштение од Скопската епархија (02.11.2012 15:05)
Ги поздравуваме напорите на експертите при НУ Конзерваторски центар за научно докажување на појавата со фреските во скопскиот храм „Свети Димитриј“. Ни претставува особено задоволство што со својот ангажман докажаа на многумина злонамерници дека ниту човечка рака, ниту, пак, некое средство учествувало во чистењето на фреските. Но од друга страна, изразуваме и огромно чудење и сомнеж во резултатот од истражувањата на оваа наша реномирана установа, иако разбираме дека под притисок на јавноста мораше да се изнесат какви-такви видувања.
Многу аспекти нè наведуваат на нашиот заклучок, зашто како е можно со толку произволен пристап да се донесуваат конечни решенија. Имено, заради поподробно запознавање на пошироката јавност, ако причината за самочистењето на фреските е влагата, која доаѓала од тоа што „подот се трие и се чисти со плискање вода од кофи“, веднаш укажуваме дека подот не се чисти на тој начин, бидејќи храмот нема одвод, туку се чисти со помошно средство – џогер кое само се навлажнува во вода. Оттаму, толку ли е големо ова количество на вода, па да придонесе до таков степен на влага и кондензација, односно да покрие толку голем простор. Второ, храмот не се чистеше на овој начин само пред минатогодишниот Велигден, тоа се случува откога тој постои.
Истовремено, се прашуваме, во контекст на аргументите на експертите дека за самочистењето се „виновни“ „обилните дождови и новоградбите кои ja спречуваат циркулацијата на воздухот“ - како процесот продолжи и во изминатиот период, односно по првичната појава процесот продолжи, кога ниту имаше дождови, ниту влага и зошто сето тоа не се случи порано, особено во зимскиот период минатата година, кога имаше обилни наноси на снег и вода? И, дали ќе следат објаснувања или повторно ќе се постават дилеми – како се појавува нова нијанса на бојата, а зографите, од кој еден е жив, тврди дека не биле сликани така, или од каде е црвената боја која се слеваше по фреските, или, пак, зошто појавата на самоочистување се случи и на иконите во крстилницата, или зошто еден од ангелите на една од Литургиите блесна целиот само во бела боја, а вистинската нијанса е друга, а потоа се врати во претходната состојба и многу други или.... По оваа „научна“ логика, колку ќе се очистат фреските и иконите по последниве обилни дождови?
Ги известуваме верниците на Македонската православна црква дека Светиот архиерејски синод веќе го разгледуваше ова прашање и го задолжи надлежниот архиереј на Скопската епархија да ја документира „оваа пројава на Божјата благодат“, за што е формирана комисија која ги следи необичните појави на фреските и иконите во „Свети Димитриј“, за што се очекува да поднесе и свои видувања и оценки за чудото во овој скопски храм.
СКОПСКА ПРАВОСЛАВНА ЕПАРХИЈА