Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Камен-темелник за обнова на црквата на светите Константин и Елена во Скопје (13.11.2012 11:29)

На 11 ноември 2012 година, во центарот на Скопје, беше поставен и осветен камен-темелник за обнова на црквата „Св. Константин и св. Елена“, која до пред 40-ина години постоела на плоштадот „Македонија“. Црквата се гради непосредно до Дом на АРМ и недалеку од автентичното место на скопскиот плоштад.

Инвеститор е Македонската Православна Црква, која за изградба на храмот основа фондација „Св. цар Константин“ за собирање средства, а градежните работи ќе ги изведува компанијата „Бетон“ од Скопје.  Темелот го освети поглаварот на МПЦ–ОА г.г. Стефан во сослужение со Mитрополитот Брегалнички г. Иларион, Епископ Велички г. Јосиф, Епископ Лешочки г. Јосиф и свештеници од Скопската епархија. На настанот присуствуваа премиерот Никола Груевски, министри во Владата, градоначалниците на Скопје и на Општина Центар, Коце Трајановски и Владимир Тодоровиќ.

Првобитниот храм посветен на царот Константин и неговата мајка царицата Елена, Скопјани го граделе пред и по Првата светска војна и бил осветен во 1926 година. Во земјотресот во 1963 година црквата имала оштетувања кои не биле сериозни за да биде урната, но на почетокот на 1970-тите години храмот бил миниран и на местото каде што стоел денеска е дел од Градскиот трговски центар.

„Со амин на силните на денот згаснало едно кандило и едно православно светилиште, со што се потврдило правилото дека човекот полесно ја менува својата околина и светот отколку самиот себе. А каков е човекот во својата совест, во своето расположение и намери такво, за жал, станува и општеството. Бевме сведоци на една идеологија, на насилничко и безумно едноумие, распослано од Трст до Владивосток, кое се натпреваруваше во злото кога беа во прашање верата и црквата. Бевме сведоци на време кога местото на Бога се обидуваа да го заземат овоземни божества, кога се живееше без Бога и кога Бог се бркаше, не само од своите, туку и од душите на другите“, рече Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Темелот за обнова на храмот се поставува во пресрет на 2013-та кога христијанските народи ќе  одбележат 1700 години од  Миланскиот едикт – указ за слобода и рамноправност на христијанството со другите религии во Римската империја, издаден од императорот свети Константин.

Црквата првично требаше да биде на истото место. Маркичката за изградба е ставена со измените на Деталниот урбанисти план – Мал ринг на Општина Центар. Државното земјиште ѝ е дадено на користење на Македонската Православна Црква, која од Општината доби одобрение за градба.

 

    

 

                       

 

                                 

 

 

Извор: МИА