Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Свечена академија по повод 8 декември – Денот на Св. Климент Охридски (09.12.2012 18:14)

„Секоја генерација има своја борба. Борбата на свети Климент Охридски е со неписменоста, незнаењето и духовното и интелектуално слепило. Ние денес имаме и знаење, и писменост и информации, а борбата на нашата генерација е насобраниот интелектуален капитал да го инвестираме во младите, знаењето да го примениме и да го ставиме во функција на создавање напредна, европска Македонија, и задоволување на реалните потреби на граѓаните. Во тоа може да ни помогне мудроста која ни е оставена од Свети Климент.Ова го истакна престедателот на државата Ѓорге Иванов на свечената академија по повод големиот верски и државен празник 8 декември, денот на Свети Климент Охридски – основоположникот и патронот на Македонската Православна Црква, во организација на Македонската академија на науките и уметностите.

 

На свеченоста во МАНУ, на која присуствуваа премиерот Никола Груевски, претставници на Владата, институции, на верските заедници и дипломатскиот кор, Иванов потсети дека годинава во Света Софија прославивме два јубилеја – 45 години од возобновувањето на Охридската архиепископија – МПЦ и од формирањето на МАНУ, а врската која ги поврзува овие два столба на македонската самобитност е токму делото на Свети Климент Охридски, првиот словенски архиепископ, втемелувачот на првиот словенски универзитет, светител и просветител.

 

                         

 

                      

 

                            

 

     

 

     

 

Дел од темелите на нашата генерација се поставени и врз делата на словенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј се јавија како „светлина на помрачените, учители на младите", а нивното дело го продолжија и надградија свети Климент Охридски и неговиот духовен брат свети Наум Охридски. Тие во нашата духовна и културна престолнина ја создадоа Охридската книжевна школа, тој најстар словенски универзитет. Универзитет, кој станува книжевно жариште на словенскиот јазик. Универзитет кој свети како кандило низ историјата, пренесувајќи го делото на солунските браќа од едно на друго поколение во сите словенски земји. Универзитет кој денес, 11 века по упокојувањето на свети Климент повторно го обновуваме, рече шефот на државата.

Оцени дека севкупното дело на свети Климент нѐ упатува кон врвните етички вредности и принципи. Да имаме личен и професионален интегритет и да бидеме одговорни, бидејќи секое стекнато право подразбира и одговорност.

 

Како „добра фиданка од добар корен", тој го вложи сиот свој земен живот за да им даде просветлување на оние кои и при очи беа слепи, и при уши беа глуви и при јазик, неми. И ден денес, свети Климент е кормилар на нашиот јазик, исправител на нашите зборови. Никогаш не сееме да заборавиме дека сите поколенија од тогаш до денес се резултат на таа инвестиција. Секоја изговорена мисла, секој напишан и прочитан збор, секоја испечатена книга на нашиот мајчин македонски јазик е плод од семето што го посеаја просветителите. Можеби токму затоа свети Климент во фрескоживописот е секогаш сликан со голема глава, бидејќи за народот тој е синоним за умот, науката и знаењето. Народот имал голема почит кон својот голем учител, рече Иванов.

 

Домаќинот на вечерашнава свеченост, претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, Владо Камбовски, пак подвлече дека кога македонскиот народ во средината на 19 век тргнал по долгиот и мачен пат на националното будење посегнал во потрагата по својата посебност, по секој видлив белег на неговото минато – преданија, обичаи, цркви, гробови и градби. Меѓу сите светилници најсилно светел ликот на свети Климент зашто тој ни ја дал писменоста со која можеме да ги славиме и другите.
Од таквите длабоки корени бликала и силата на македонскиот народ, сила на мал и измачен народ, но горд на своето потекло и минато, вели академик Камбовски.
Таа го држела на страна од злото и злосторствата и подалеку од погрешната страна во бурните историски собитија, а  секогаш на страната на слободољубивите поради што, додава, морал да ја плаќа цената на непокорот.


Вѕирајќи се во магловитото минато, пред нас се издига слика на македонското распетие. Македонскиот народ распнат како Исус на римскиот крст за да ги истрада сите искушенија, сите недоумици на современиот човек и да ги прими на себе сите неволји на векот, а страдањата да ги претвори во општочовечко разбирање и љубов. И бездруго токму затоа што бил духовно велик и моќен, а не покорен, послушен и смачкан, живеел во братство и слога со сите други народи, култури и вери на просторот на Македонија несебично предавјќи им ги своите и примајќи ги нивните духовни дарови. Ете тоа распетие треба да го има постојано пред очите секој од нас што на свој начин презема одговорност да го чува вечното пламенче на Светиклиментовото кандило, рече Камбовски.

 

Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан на свеченоста ја промовираше книгата со собрани дела-житија, поуки и проповеди на Свети Климент, патронот на МПЦ. Книгата е првото севкупно издание на делата на свети Климент Охридскиот Чудотворец на современ македонски јазик, значајно дело кое, вели, го покажува идентитетот на нашиот народ.

- Свети Климент е најсилниот темел и нему му припаѓа најголемата заслуга за нашето опстојување како народ и кулктура. Вистина е тој ниту ни даде држава, ниту царство, ниту богатство, миту моќ и првенство. Но, тој ни даде нешто многу повеќе ни го предаде животворното евангелско слово. Нѐ научи на јазикот на спасението, ја заслужи за нас и ни ја даде духовната слобода што значи најмногу, рече г.г. Стефан.

Годинашново одбележување на Свети Климент – 8
декември, е под покровителство на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

 

Извор: ДЕНЕШЕН весник