Соопштение (24.12.2012 17:15)
Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, по повод најновите случувања во Собранието и државава, предизвикани од недоразбирањата помеѓу политичките партии, повикува на меѓусебна почит и разбирање, смирување на страстите и изнаоѓање на решение за надминување на оваа состојба.
Наоѓајќи се пред божикните празници, кога нашите верни чеда се подготвуваат за дочек на Рождеството Христово, да се свртиме кон духовните и трајните вредности, да ги совладаме искушенијата и да покажеме дека достоинствено сме подготвени да го дочекаме Празникот на мирот и добрата волја меѓу луѓето.
Затоа Синодот упатува апел до сите чинители на македонското општество да придонесат да се зачува редот и мирот за добробит на сите граѓани во Република Македонија. Мигот ни налага сите да манифестираме свест и зрелост за непречено функционирање на општествениот поредок.
ОД КАНЦЕЛАРИЈАТА НА САС НА МПЦ