Соопштение (7.02.2013 19:31)
Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква на својата редовна седница одржана на 7 февруари 2013 г., разгледа повеќе прашања од актуелниот живот на Црквата.
Синодот посвети сериозно внимание на состојбата со опожарувањето на конаците на манастирот „Успение на Пресвета Богородица” - Трескавец, изразувајќи жалење за немилиот настан, притоа, благодарејќи Му на Бога и Неговата Мајка што огнот не ја зафати и вредната манастирска црква, старата трпезарија и магерница.
Особена благодарност Синодот изразува до сите коишто учествуваа во гаснењето на пожарот, на граѓаните и верниците кои пристигнаа на местото на настанот, на државните институции и локалната самоуправа на Прилеп, на противпожарните служби и на хеликоптерските единици на АРМ, како и на сите кои несебично се вклучија во организацијата за возобновување на конаците.
Синодот донесе одлука со која сите епархии во Македонската Православна Црква, со црквите и манастирите, како во Татковината, така и во дијаспората, согласно своите можности, да помогнат во обновата на опожарениот манастирски комплекс. Исто така, се повикуваат и надлежните институции, задолжени за чување на нашето духовно и национално богатство, да ги преземат сите неопходни мерки за што побрза реализација на неговата обнова.
Синодот ги разгледа и предлозите за одбележување на 1700-годишнината од Миланскиот едикт и 1150 годишнината од Моравската мисија, коишто ќе се случат во текот на оваа 2013 година.
ОД КАНЦЕЛАРИЈАТА НА САС НА МПЦ